Природата е најискрената слика за нашите валкани души

20.04.2015 00:50
Природата е најискрената слика за нашите валкани души

Нема човек со кој сум седнал, а да не издаде колку е разочаран од еколошката и амбиентална состојба на Скопје или Македонија. И почнавме, немаме свест, што луѓе ќе бевме, уште сто години памет не ни доаѓа.

Проблемот е што нашата свест, а тоа се гледа во секој аспект од нашето живеење, е линеарна, а не циркуларна. Гледате, настрана ѓубрето, и во политиката, и во сè останато, мора да се преиспита нашиот однос кон производството и животот. Не постојат продуктивни и корисни почетоци и некорисни и непродуктивни краеви. Целиот циклус треба да го имаме предвид.

Таман кога мислиме дека на нешто му доаѓа крајот, треба да најдеме почеток, и на секој почеток да мислиме дека не треба да му дојде крај. Сè што произведуваме или конзумираме да се врати во големиот циклус на природата и производството.

Тој кружен менталитет е мудрост од зората на земјоделските цивилизации, нешто што сме го загубиле или заборавиле. И нема враќање, како носталгичари или реакционери, туку само пристигнување, достигнување до одредена свест. Како прогресивци и оптимисти.

Но, не, ние сакаме да живееме за моментот, да уживаме сега и веднаш, да бидеме среќни без тага, да имаме сè, а да возвратиме со ништо. Едноставно имаме свест, но погрешна е... Природата е најискрената слика за нашите валкани души...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Anthony Mwangi

ОкоБоли главаВицФото