Путин во живо: Јас сум јак дечко со А-бомба

20.04.2015 01:17
Путин во живо: Јас сум јак дечко со А-бомба

Ништо ново не можеше да се дознае за време на вчерашниот маратонски ТВ-разговор на рускиот претседател Владимир Путин со народот. Сè останува по старо, „по прежњему“, како што викаат Русите. Уште повеќе, се покажа дека „Во живо со претседателот“ е една симултанка на пропагандната машина на Кремљ во која границите помеѓу реалните и виртуелните описи на руската стварност се замаглени.

На пример, реалност е дека во источна Украина веќе цела година се води војна, додека инсценираните прашања од народот сугерираа на тоа дека нема војна. „Дали кај соседите ќе избие граѓанска војна“, праша испаничено една жена, на што Путин одговори дека војна во и со Украина е невозможна. Реалност е дека земјата тапка во место, а Путин укажа дека се движи напред. Жална вистина е дека руската економија стагнира веќе втора година, а на економски теми претседателот посвети едвај половина час вкупно од четирите.

Беше поттикнат од брилијантната изјава на Алексеј Кудрин. Поранешениот министер за финансии се наоѓаше во студиото, исто како и опозиционерите Алексеј Венедиктов и Ирина Хакамада, кои подоцна поставија прашања за убиството на Борис Немцов. Кудрин посочи дека во последните две-три години ништо не се прави за подигање на економскиот и индустрискиот развој. Дека постои суштествен пад на доходите на населението, најголем во последните 15 години. За да се избегне периодот на стагнација потребни се реални реформи, инвестиции во инфраструктурата и другите сектори, политичка конкуренција, слободни медиуми.

Всушност, во својот настап од 5-6 минути, Кудрин кажа многу посуштествени работи (говор на иден голем државник и можен претседател на Русија), отколку надреалните дијатраби на Путин, кој започна со тоа дека за водење на економија се потребни мозок и срце. И потоа продолжи околу политичкото регулирање на кризата во Украина и почитување на Минските договори (иако таму веќе цела година се води војна, добро знаеме од кого и како поттикната), како тој секогаш бил за дипломатски и како го молел Петро Порошенко да не прибегнува кон воени решенија; дека не прави разлика помеѓу Украинците и Русите, и затоа сакал да ѝ помогне на земјата. Оттаму се префрли на влажните спомени од миговите поминати во сауна со Герхард Шредер (шифрирана порака до Ангела Меркел за закопување на секирите?); и за тоа како Запад бил лош: во моментот кога Борис Елцин ја искажал својата независна позиција за Југославија, овие на Милошевиќ веднаш му ги з’гнале НАТО кучињата.

На едно место јас ова го нареков политичко надрилекарство. Путин со него се служи уште од првата половина на 2000-те. На пример, негова не толку добро позната фраза е „секој што не жали за падот на Советскиот Сојуз нема срце, но секој што посакува негово враќање нема мозок“. И остана доследен на тоа, кога вчера уште еднаш го погази кажаното со своите постапки: небаре никој нема намера од Русија да прави империја.

И ова „Во живо со претседателот“, како и претходните десетина, го покажа со сета своја колоритност она што одамна е познато: Рачното управување со земјата, таканаречената вертикала на власта, е во полн од и нема намера да запре во догледно време. Од трите и кусур милиони смс-пораки и телефонски повици, Путин неуморно одговараше на десетици и десетици.

Покорниот слуга на рускиот народ во своите натчовечки можности се претстави како супермен, како „крутој пацан“ што би рекле Русите (јак дечко). На пример, во поплавата од повици и пораки, тој ги решаваше семејните кавги на воените семејства (строгиот мајор кого жената го молела да завртат домашно милениче – кученце, а овој бил против); им даваше еднократна парична помош на настраданите од големиот пожар во Република Хакасија; решаваше станбени прашања и го подигаше градежниот сетор; ги воведуваше укинатите „електрички“, возови, во редица населени пунктови од Липецк, до Пенза, до Саратов, во длабочината на руската провинција.

„Во живо со претседателот“ беше едно брилијантно изрежирано реалити-шоу каде алфа-самецот Путин (грумиран и со беспрекорен фејслифтинг, без брчките на чело и подочниците од изминатите години), соочен со млитави ТВ-водители, плеска со прстите и како некој маѓепсник, еден по еден ги решава натрупаните проблеми на обичните луѓе, таму каде што државните институции и џиновските пилачи на пари како РЖД или МЧС потклекнале.

И секако, халуциногената јаготка на врвот од шлагот на тортата беше едно прашање од водителката. Додека Путин беше во занес од тоа како да го објасни лицемерието на Запад кој сака да го запре рускиот економски и воен развој, меѓу другото и со санкции, да ја украде Украина, да објасни дека економската криза во Европа е безнадежна, а лошата монетарна политика на Вашингтон ја носи Америка во пропаст, водителката во еден момент праша „кажете ве молам, а кои се наши непријатели“? Сè ми се чинеше дека ова шекспиријанско прашање беше надвор од протоколот, или јас, како и милиони други Руси, станав заложник на пропагандата. Како и да е, беше доволно спонтана реакција.

Путин, на големо разочарување на љубителите на заговорот за трета светска војна, одговори како типичен КГБ апаратчик, со скриена закана во тонот. Парафразирам: Ние немаме душмани. Ние сме велика држава, и, како и Американците, го поседуваме најмоќниот арсенал на нуклеарно оружје во светот. Затоа, почестени сме кога некој се прикажува како наш пријател, така и за наш непријател.

Но второто воопшто не е препорачливо.

Слики: Kestutis Kasparavicius

ОкоБоли главаВицФото