Пурпурна магла

20.04.2015 09:51
Пурпурна магла

Пурпурна магла

Градот татни под револуциите
на младоста
сивилото се капе во пулсирачка светлина
онаа, која само стиховите смеат да ја насликаат

јас те барам сè уште
собирам трошки вселена
следејќи мапа
впишана со чекори врз жилите на градот

крвта на битието коешто бев е сè уште топла
пулсира во предворјата за полноќни криенки
се истура како вино по тивките маси
зад вратата на помирувањето
нечујно капе во чашка спомен

на темето ми заспало сонце, место бакнеж
во порите на кожата никнале качунки на љубовта
во искршен звук на смеа
отворам врата за да исчекорам од себе

те вдишувам,
дланките ми мирисаат на нас, во лето

03.03.015

Љубознајни

Под небото на големите градови
наоѓам чист воздух за мислите
со храна и мириси од молк
ја галам својата мазохистичка потреба за одделување
напипувам, буричкам и вадам
во темнината, во скриеното, во паралелните светови
мудрости
кои не ги делам со никого
светот ионака, со превез на очите
секогаш ќе тапка во сопствените уверувања
јас сум осамен нудист на брегот на изложените чувства
студено е
дојди и погали ме со јазикот
додека на местото каде што сум најврела
се дробат твоите колкови
додека врз местото на мојот почеток
твоите дланки цртаат виножита
а јас низ `рбетот се вкоренувам во
почва од желби и спокој

јас ја знам единицата мерка за
сопствената сила, нешто кое
не се прераскажува никому, а се
граничи со прегрнување на семирот
моите корени, `рбет и ум – статика за иднината
за несмевката на љубовта

март, 2015

Во кругот

Во кругот сум
посветено сплетен од искршени насмевки
од распламтени копнежи
од надеж секогаш малку подалеку од дофатот на измачената мисла

во кругот на минатите ликови
на одживеаните спомени
од убавите и неубави болки на душата
од оние на телото кои во кругот на облаците маршираат низ утробата

кругот е сплетен од дланки
од стуткани салфети полни солзи
од храна зготвена богато и налеана со вино и љубов
камчиња собрани на полни и празни брегови
и малку смола на прсти под јазикот

во кругот сум
раздивена и раздвижена како животиња
која и да излезе не би знаела каде да тргне

излегувам од кругот
го заборавам омилениот прстен на лавабо
во безначајна крајпатна меана...

03.10.014

Стаклено ѕвоно

во твоето стаклено звоно
удобно e и мирно, далеку од светот навидум...
потсвеста, умот, душата телото, сé ти е одделно и посебно
се лизга по стаклените ѕидови, се слева и прелева во себе како во далиевски приказ на стварноста и времето
си ги читаш мислите појасно од секогаш
се вљубуваш во умот и телото како да си ја нашла својата втора половина -
секогаш се прашуваш зошто двете половини се среќни само во пар
па веќе во следниот момент го ловиш него во мислите...
во стакленото ѕвоно нема место за немир
тука само понекогаш, точно дозирано и одмерено,
допира вест за нечија смрт
времето постои низ слики од сништата
сткаени низ целиот твој досегашен живот
те стресуваат дури и оние од најраната младост
кошмарните, чиј интензитет никогаш не се измени
смола низ прстите, по непцата, врз лузните
лепливо, миризливо и горчливо е секогаш во стакленото ѕвоно
молитвата за чиста љубов извира од тебе упатена во вселената
и знаеш дека никогаш не си била побожна
а сепак, допрена...
светот е маглив сон низ кондензирани стакла
испразнетост од чувство за страните на светот
понекогаш, ноќни светилки и обриси на згради и смреки
те потсетуваат на твоето на место, на твојата рамка...
во неа се движи цел еден живот
во некое време врзано за тебе со хелиумско балонче
па за да се изнасмееш со детски глас, вдишуваш малку од него
и ја изустуваш насмеана молитвата за љубовта


19.11.014

Слики: Xiao Hanqiu

Горана Митровиќ на Окно: Индиго есен

Горана Митровиќ е родена во ноември 1976 година во Скопје. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2004 година работи во своето архитектонско студио „Метрика“ во Скопје. Добитник е на неколку награди од областа на архитектурата. Пишува поезија дваесет години. Збирката песни „Индиго есен“ (2014) е нејзина прва книга.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото