За МРТ во која ќе биде престиж, а не срам да се биде вработен!

20.04.2015 10:13
За МРТ во која ќе биде престиж, а не срам да се биде вработен!

Важноста за оваа дискусија произлегува од еден единствен факт. МРТ по дефиниција е јавен медиумски сервис. Додека приватните медиуми „можат“ да си дозволат извесни отстапувања во своето работење – не секогаш балансирано информирање, на пример, (што кај нас е правило) или, пак, незастапување на сите интереси во општеството во нивните програми, јавниот сервис, МРТ, го нема тоа право и тој луксуз.

Јавниот сервис и законски и етички е одговорен да ги застапува интересите на севкупната јавност, поради тоа што им припаѓа на сите граѓани и заради тоа што треба да ги информира целосно и објективно. Зошто? Зашто истите тие граѓани утре треба да знаат да го направат вистинскиот избор за својата иднина, а најголемата одговорност за информирањето ја носи јавниот сервис, иако и приватните медиуми не се исклучени од таа одговорност.

ЗОШТО Е ПОТРЕБЕН ЈАВЕН СЕРВИС КОЈ ЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС?

Постојат сиромашни и богати граѓани, постојат верски определени, атеисти и агностици, постојат национални, расни полови и сексуални различитости меѓу граѓаните во едно општество.., но не постојат глупави и умни граѓани. Ако некој се осмели да направи ваква поделба, треба да знае дека единствено станува збор за информирани и неинформирани граѓани.

Оттука, кога станува збор (многу често во дебатите на сите платформи) за тоа дека граѓаните прават погрешен избор во процесот на парламентарни, локални или претседателски избори, треба да се имаат предвид две работи – секогаш во ова наше четврт вековно постоење како независна и суверена држава која се декларира дека е демократија со граѓански тип на управување, граѓаните на Македонија, ем не биле целосно и доволно информирани, ем биле и (из)мамени.

Неинформирани, меѓу другото зашто јавниот медиумски сервис никогаш не бил до крај медиум што ќе го следи јавниот интерес. Измамени пак, на два начина – и со лажни предизборните ветувања и со изборните манипулации што се прават на денот на гласањето од оние кои ги организираат изборите, на што сме сведоци овие месеци, со се поголемиот број докази за масовни манипулации.

Токму поради ова, улогата на јавниот сервис е незаменлива кога говориме за таа четврта власт во Македонија. МРТ, при тоа, нема обврска само за балансирано и објективно известување во своите информативни програма. Балансираноста и објективноста се само еден сегмент на кој уредништвото и новинарите од оваа куќа се обврзани. За да имаме целосно информирани граѓани, МРТ треба да информира и целосно и универзално, т.е. да биде сеопфатна, истражувачки и аналитички ориентирана.

Тоа, пак, значи дека во целиот период на владеење на една политичка гарнитура, но особено во предизборен период, јавниот сервис на граѓаните треба да им даде длабински информации за тоа што работат овие на власт, а од друга страна, што нуди опозицијата, но и да истражи дали тоа што го ветувала власта е реализирано и во која мерка, а во исто време, да истражи, а не само да информира, дали тоа што го нуди опозицијата е реално, квалитетно, остварливо и спроведливо…

Тука не се мисли само на дебати кои треба да ги има постојано на јавниот сервис за кое било прашање од сите сфери на живеење, туку и на репортажи, истражувачки емисии, аналитички специјали што би биле емитувани во ударни термини и слично…

ИЗВЕШТАИТЕ И МОНИТОРИНЗИТЕ СЕ ЈАСНИ – МРТ ПОТФРЛА

Што имаме ние од сето тоа денес или во минатите децении? Речиси ништо. Сите досегашни релевантни извештаи за начинот на однесување/информирање на јавниот сервис, особено во предизборниот период, содржат висок степен на критика и укажување дека МРТ потфрлила во оваа своја обврска и дека најчесто известува пристрасно, неизбалансирано, со партиска наклонетост, а не ретко и неточно. Тука како пример само ќе ви посочиме на наодите од истражувањето што минатата година го спроведе Транспаренси интернешнл Македонија во рамките на еден проект за медиуми, подржан од ЕУ. Станува збор за секојдневно мониторирање на ударните вести на повеќе медиуми, меѓу кои и на Македонската телевизија и на Македонското радио од првиот круг на вонредните парламентарни и редовните претседателски избори во 2014 година. (Baseline Assesment of Macedonian Media 2014)

Од наодите јасно се гледа, дека колку и да се труделе двата медиуми од јавниот сервис да се приближат кон информирање со приближно посветено време кон главните партии, тонот на тие информации значително отстапува во корист на партите и личностите од владеачките партии или на Владата и нејзините активности. До слични наоди дојде и мониторингот од ОБСЕ/ОДИХР, а само оној на Агенцијата за медиуми беше поволен во однос на работењето на МРТ за време на изборите.

Патем, јавниот медиумски сервис помалку или повеќе од секогаш бил инструментализиран од политичките елити, особено од оние што ќе ја освојат власта.

Накратко вака би ги дефинирал периодите:

-1986-1990 МРТ е тврдокорен бранител на стариот поредок, но во одредени сегменти прифаќа да биде „помека“ и да се сообрази со новото време што доаѓа.

-1991 – 1997 МРТ игра релативно позитивна улога во изградбата на современата македонска држава како демократија, обидувајќи се колку што е тоа можно повеќе во една борба меѓу „старата структура“ и новите неоптоварени новинарски и уреднички кадри да ѝ даде на јавноста вистинска целосна и навремена информација. Овој период завршува некаде на крај од 1997, кога најпрво во Македонското радио (МР) пристигна наредба без објаснување, за укинување на најслушаната дебатно-контактна емисија Хајд Парк, која одеше секоја сабота од 11h до 14.30 h.

-1998-2002 – МРТ се наоѓа во лимбо состојба и благ регрес – голем дел од тогаш младиот и среден новинарско-уреднички кадар заминува од куќата. Таму не се вложува ништо, но, по инерција, работите некако се одржуваат уште извесен период се до 2001, кога МРТ почнува да функционира исклучиво како државен сервис, кој информациите ги прави најчесто во тесна координација со државниот и безбедносниот врв на земјата.

-2002 – 2006 – МРТ доживува мрачен и регресивен период. На дело е еден волунтаризам и своеволие во раководењето со куќата од аспект на кадровско разместување и поигрување во сите сегменти – уредници, новинари, инженери, техничари, спикери-водители…сѐ до хигиеничарки. Тогаш се случува и најголемата финансиска криза на куќата. Луѓето не земаа плата со месеци и се случи уште еден голем одлив на кадри.

-2006-2015 – МРТ, барем во информативната програма, се претвори во чисто партиско и владино гласило (со мали исклучоци во програмите на албански и на другите јазици на етничките заедници кои се дел од програмскиот пакет во МРТ). Има една мала разлика во техничкиот дел, споредено со претходните периоди за кои зборувавме и таа треба да се одбележи. Во периодот по 2008-2009, па до денес МРТ технички се обнови, аналогната технологија е заменета со дигитална, набавени се нови репортажни возила и сите други технички помагала за успешна продукција…Но, сето тоа паѓа во вода, кога продукцијата на МРТ, барем во информативниот дел, е можеби најлошата од аспект на професионални и етички стандарди во новинарството, од 1990 година па досега…

КАКО ДО ПРЕТВОРАЊЕ НА МРТ ВО ВИСТИНСКИ ЈАВЕН СЕРВИС?

Неодамнешната дебата на Новинарскиот пленум и дебатата во организација на ЗНМ за тоа како да се претвори МРТ во вистински јавен сервис, точно покажа кои се слабостите и зошто сега состојбата е ваква каква што е. Сѐ додека главниот и одговорен уредник на МРТ, јавниот медиумски сервис го смета како инструмент за поддршка на државните интереси, а Агенцијата за медиуми и Владата го оправдуваат тој став, јасно е дека работите ќе се влошуваат.

Генерално, за остварување на целта се потребни две работи:

-Политичка волја
-Стабилни финансии

Првиот услов подразбира дека по освојувањето на власта на која било политичка елита, таа ќе се откаже од праксата, јавниот медиумски сервис да го третира како воен плен за остварување медиумски манипулации и за вработување, вдомување на „свои деца“.

Вториот услов е можен преку два модела. И двата се комбинирани. Едниот се применува сега, при што тежиштето на основното финансирање се наоѓа во плаќањето на радиодифузната такса, обврска за секое домаќинство и правно лице. Вториот модел го застапува ЗНМ и се однесува на задолжително буџетско финансирање во соодветен процент за нормално работење на куќата, како основа на финансирањето, плус радиодифузната такса. И двата модели предвидуваат и самофинансирање од продажба на своја продукција, услуги и приходи од реклами.

Последните извештаи за финансиското работење на МРТ од 2013 и 2014 година, покажуваат дека овој јавен сервис работи со мали добивки и дека наплатата на РДТ е на завидно ниво. Слабостите, како што тврдат и од ЗНМ, се лоцираат во тоа дека наплатата многу често се извршува по присилен пат и тоа создава огромни трошоци во други институции, како и тоа дека владата не е задолжена да ја дотира МРТ, со што може да ја уценува. Но, ова прашање е само една од дилемите.

Споменатите анализи и двете, но особено онаа од 2013 година, покажуваат уште две многу важни прашања, а кои се проблеми од суштинска важност.

КОНТРОЛА И ПЛАТИ

Првото е контролата и совесното трошење на приходите. Имено, според податоците од споменатата анализа, може да се види дека дури 37,7 отсто од расходите се некласифицирани, односно сместени во „Сите неопфатени трошоци од работењето“. Станува збор за 461 милиони денари или за околу 7,5 милиони евра. Тука, под оваа ставка, би можело да се стави сѐ, а упатени во материјата на сметководствено работење уверуваат дека во оваа ставка, просекот кај компаниите не би требало да надминува 20 -тина отсто.

Од друга страна, анализата и за двете години, покажува дека одливот за плати и надоместоци во МРТ е релативно низок во однос на вкупните буџети кои изнесуваат меѓу 21 и 24 милиони евра годишно. Во 2013, на пример, за плати на вработените во МРТ биле издвоени околу 24 отсто, при што за лица кои директно биле поврзани со производство на програма 20,4 отсто.

Овие бројки укажуваат дека со добра волја и со домаќинско работење може да дојде до драстично зголемување на платите на вработените кои ја продуцираат програмата. Тие се сега недостоинствени, а просекот е околу 23 илјади денари нето.

На тој начин, со средени финансии и пристојни плати, без политички притисоци преку „јаничари“ на одговорните уреднички и директорски места, со видоизменет Програмски совет во кој претставниците на цивилниот сектор и на сите други страни во општеството би добиле вистински, а не фингиран избор и навистина одврзани раце, МРТ може да се претвори во вистински јавен сервис на европска Македонија, кој ќе ги почитува потребите на граѓаните и ќе се придржува до шесте „библиски“ правила на ЕБУ.

Тогаш, МРТ ќе биде таа што ќе ги диктира професионалните и етичките стандарди и на другите електронски медиуми, МРТ ќе едуцира и ќе продуцира и сопствени продукти (од музички до документарни), кои ќе бидат баран производ и на комерцијална основа и конечно, ќе стане место каде што ќе биде престиж, а не срам, да се биде вработен.

*(Авторот е новинар и член на Жалбената комисија при Советот за етика на медиумите во Македонија)

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Фотографии: Ванчо Џамбаски