Докувизија: Проекција на филмот „Зависник од интернет“

20.04.2015 10:34
Докувизија: Проекција на филмот „Зависник од интернет“

Со симултана проекција на израелско-американскиот документарен филм „Зависник од интернет“ (Web Junkie) во пет балкански градови, на 21 април (вторник) 2015 година, започнува „Докувизија“, партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ), во која членува и фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Скопската проекцијата е закажана во Џебното кино во МКЦ, во 20 часот, а во исто време ќе се одржат проекции и во Призрен, Белград, Загреб и во Подгорица.

Секој месец еден од овие градови ќе биде домаќин на авторите на прикажаниот филм или на експерти за конкретната филмска проблематика, и ќе организира дискусии со публиката. Притоа, дискусиите ќе бидат пренесувани во живо со што ќе ѝ се овозможи учество на публиката од сите пет градови.

Темата на првата дискусија во рамки на „Докувизија“ е зависноста од интернетот, а град-домаќин е Подгорица.

Дојдете на филм и останете на муабет со социологот Анита Ќудина од Сплит, инаку авторка на истражувачки проект за зависноста на децата од Интернетот, и Радоје Церовиќ од Подгорица, психолог и комуниколог. Зависноста од интернетот не е проблем само во Кина.

За филмот:

„Зависник од интернет“ (Израел, САД/2013/79’)
Сценарио: Shosh Shlam, Hilla Medalia 
Режија: Shosh Shlam, Hilla Medalia 
Снимател: Sun Shaogang
Монтажа: Enat Sidi 
Тон: Aviv Aldema, Zhe Li
Музика: Ran Bagno
Продукција: kNow Productions, Shlam Productions

Синопсис:

Кина е првата земја во светот која ја прогласи „зависноста од интернет“ за клиничко нарушување. Со цел да се справат со она што наликува на најголемата општествена криза на денешницата, кинеските власти отвораат установи за детоксикација и лекување на зависноста на тинејџерите од водењето на живот онлајн. Преку неконвенционалните психолошки сесии, каде што момчињата постепено споделуваат зошто се чувствуваат поповрзани со разните гласови во сајбер-просторот отколку со семејството, филмот нуди искрен, промислен и непријатен портрет на општество во движење и на младина изгубена во технологијата, на работ на бездната отаде непознатата иднина. Филмот ни го прикажува современиот кинески живот во мало, посматрајќи ги меѓугенерацискиот притисок и симптомите на таканаречената „доба на интернетот“.

Проектот „Докувизија“ е поддржан од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund (BAC)).