Екстракт од марихуана може да ги намали епилептичните напади?

20.04.2015 11:16
Екстракт од марихуана може да ги намали епилептичните напади?

Лек кој содржи екстракт од марихуана би можел да има одредени позитивни ефекти врз лицата кои боледуваат од тежок облик на епилепсија, а на кои традиционалните третмани не им помогнале многу.

За време на спроведување на една студија, тим од повеќе научници испитал 137 лица од различни старосни групи, од мали деца па до возрасни, кои имале тежок облик на епилепсија што предизвикува напади. Учесниците земале екстракт направен од марихуана секој ден во текот на 12 недели, а во тој период бројот на нивните напади се намалил за околу 54 отсто. Научниците потрдиле дека учесниците знаеле дека го примаат екстрактот и во истражувањето не биле вклучени пациенти кои добиле пласибо.

„Иако овие резултати се ветувачки, секако е потребно да се спроведат уште истражувања за да се отстрани можноста од пласибо-ефект“, вели авторот на студијата д-р Орин Девински, директор на Центарот за епилепсија на Унивеерзитетот во Њујорк. Главната состојка на лекот кој го земале испитаниците е канабидиол, спој на марихуана кој нема психоактивни својства. Заболените претходно се обиделе со многу други третмани, како антиепилептични лекови, различни диети и промена на исхраната, хируршки зафати и невростимулациска терапија, но сите тие методи биле неуспешни. Во просек, еден од тројца заболени од епилепсија воопшто не реагира на традиционалните лекови.

На самиот почеток на наведеното истражување имало 213 учесници, но некои од нив се откажале по извесно време поради различни причини. Меѓу другото, 6 отсто од испитаниците престанале да земаат екстракт од марихуана поради нуспојавите кои ги имале. Вкупно земено, некој облик на нуспојава се јавил и кај одреден број други испитаници - поспаност се јавила кај 21 отсто, 17 отсто почувствувале умор и имале дијареа, а 16 отсто од испитаниците почувствувале намалување на апетитот.

„Не е сосема јасно како точно овој екстракт функционира кај заболените од епилепсија. Но, еден од можните механизми би можел да биде поврзан со рецепторот GPR55, чијшто прекинувач би можел да биде токму канабидиолот кој на тој начин влијае на активност на нервните клетки“, заклучува Девински.

Извор: LiveScience