Последниот телефонски повик на диктаторот

21.04.2015 13:46
Последниот телефонски повик на диктаторот

(краток расказ)

 

Не беше тоа некој бункер, да речеш, туку најобичен стан во една голема станбена зграда со многу соседи. Диктаторот седеше на фотелјата во дневната со кренати нозе на табутерката. Сѐ уште се немаше слечено по враќањето дома. Откако бегло ги проверија сите соби во станот, обезбедувањето тивко излезе. Немаше никого. Тој остана потполно сам во големата бела одаја со прозорците низ кои зјапаше гладната темница. Темницата што беше плод на неговата мрачна омнипотентна природа. Темницата која веќе подолго време се стрвеше да го проголта својот креатор. Си ги погледна светнатите чевли на нозете што уште изутрина му ги изгланца службеничката задолжена за облеките на премиерот.

“Мама да ме види со кондури истопорен на табуретка, гарант ќе сака да ми акне два-три шамари”, измумла, повеќе за себе отколку за празните одаи, во кои гласно ечеше страшната самотна тишина, на која тој постепено си се привикнуваше.

Жена му и дечињата веќе некое време ги немаше во овој убаво декориран простор. Ги немаше двете главчиња да ѕирнат во дневната соба во своите шарени пижамчиња. Го немаше ни кученцето кое редовно ги следеше своите малечки другарки во чекор. Сепак, се чинеше како нивното отсуство многу да не го засегнува. И онака, додека сите беа тука, тој речиси секогаш вешто ги избегнуваше обидите за детско гушкање.

Диктаторот не знаеше да изгушка дете бидејќи тоа не беше запишано во неговиот емотивен код во најраното детство – самиот не беше изгушкано дете. Татко му си замина уште во неговото најрано детство. Откако се прежени, го запостави своето првородено за сметка на новороденото. Диктаторот никогаш не си разјасни себе си, зошто татко му го отфрли? Мајка му, од друга страна, уште пред разводот беше неврамнотежена. Нејзиното психичко здравје до темел се разниша додека беше на печалба во северна Африка. Таму таа повторно се вљуби, но на крајот повторно ништо не излезе заради нејзината погубна нестабилност. Сите тие години мајчината љубовна несреќа ја преживуваше целото семејство. Грижата за кутрото машко дете, сегашниот диктатор, ја имаа преземено нејзината мајка и нејзиниот брат, т.е. бабата и вујкото на диктаторот.

Во секој случај, неговата мајка многу често се однесуваше како вистински ѕвер кон својот син-единец. Постојано го навредуваше со погрдни зборови, а неретко го шамараше за сѐ и сешто, и без причина, поради калта на чевлите, крвавите колена итн. Таа жена го маваше сопственото дете дури и тогаш кога му беше најпотребна топлата мајчинска прегратка, како мевлем против болката. Наместо да го утеши, таа ѕверски го маваше по главата. Му велеше “ќе те с’кцам, како сол, ќе те с’кцам ак си ми дојдèл сос крвави колена и лакти”. Понекогаш дури и превентивно го маваше со лесни удари по главата, за да сослуша со внимание што му се зборува.

Сега сето тоа не беше важно. Таа сега беше добра со него. Сега тие беа сојузници кои војуваат на истата страна од фронтот. Заедно ги тепаа неговите жени, и првата и втората. Првата, додуша, имала среќа, па се спасила на време, но втората продолжително си го јадеше ќотекот. Кутрата, не смееше ни да писне за тоа, ни да признае некому. Диктаторот јасно ѝ стави на знаење дека ќе ја најдат фрлена од карпите на кањонот. “Верувај, никој нема да дознае нити да верува, дека не си се самоубила”, ѝ се закануваше во кавгите.

Неговата мајка последниве години стана добар и негувачки родител на својот четириесетгодишен син. Мајчината добрина посебно дојде до израз откако тој купи неколку стана, сите на нејзино име. Тој ѝ покажа дека умее да биде добар син, без да го бранува ионака тешкиот мајчин живот. Таа сега заслужила да одмори. Таа треба да биде среќна и задоволна. Никој друг не беше битен. Ни заминувањето на жена му со децата и кучето не предизвикаа болка, тага или носталгија, туку само гнев и желба за освета.

“Ако ја снема оваа пачавра, кој ќе ги чува дечињата?” го прашуваше мајката диктаторот.

“Мајка ѝ и татко ѝ! Ти кажувам, јас ќе ја сотрам, ама понатаму. Не сега”, ѝ ветуваше тој на својата мајка. Уште одамна си даде завет дека нема да дозволи никој да го напушти. Кој ќе го напушти тој, богами, има со глава да плати. Имаше тој и свои иновации за скротување на блиските и соработниците. На пример, измисли меници за пратениците во Собранието. Тој што ќе го напушти - ќе изгуби сè. Буквално сè. Дури и главата ако треба, а не само слободата.

Флешбековите од опустошеното детство му беа сосем ретки зашто повеќето сеќавања му беа закопани длабоко во магловитата потсвест. Покрај телесната фалинка, одењето како мал патор, тој имаше и говорни мани за кои никој не му помогна. Беше заложник на негрижата на мајка му и жртва на непостоење никаков интерес од татко му. Затоа никогаш не беше одведен на логопед. Логопедите дури и во она време можеа со 100% успех да му го решат проблемот. Ќе имаше барем еден недостаток помалку, и тоа само со месец дена работа. Го оставија да израсне со неправилниот говор и со дистинктното шушкање по непцата. Неправилното изговарање на повеќе согласки често му создаваше ситуации на потсмев во суровиот свет на децата од тоа време. Понатаму, мајката немаше такт, а всушност се правдаше дека нема време да го носи на логопед бидејќи наводно многу одела по лекари поради срцевиот шум. Оваа болест во него создаде дополнителни фрустрации. Со грубост и жестина го караа да не трча во играта со братучедите.

Во секој случај, мајка му не го напушти во овие тешки денови. Ноќва таа не дојде да преспие кај напуштениот и осамен диктатор. Малце ја беше стегнало срцето од глупостите што ги пуштаа оние ѓаволски „независни” медиуми, па си остана дома според советот на славниот кардиолог. Диктаторот гледаше тапо во огромниот телевизор.

„Ќе ми плати овој мајмун на мене”, си помисли и изусти низ лепливата плунка на згрчените усти. „Со динамит ќе му срушам сѐ што има”, се закани со омраза кон телевизорот. Токму во тој момент еден од неговите медиумски платеници го прозиваше претходниот претседател да се јави и да земе став за случувањата со аферата на прислушувањето.

„Море ќе го снема во ендек овој гад, или камион ќе ги удри заедно со неговион фластер.” Гледаше во сликата на бившиот претседател со жолчна огорченост, но, истовремено, и со чудна набиена сексуална фасцинација. Гледаше во ликот на политичкиот „соперник” со јанѕа и болка на лисица која не може да досегне до слаткото грозје, па го прогласува за кисело. Беше опседнат со него. Истовремено патолошки го мразеше бидејќи тој беше сѐ она што тој не може да биде. Тука xомосексуалноста, како во повеќето случаи ја содржеше основната компонента на нарцисоидноста. Затоа секогаш машките од хомосексуални двојки во неговите кругови си прилегаа како јајце на јајце еден на друг. Така, додека диктаторот беше во љубов со еден министер од соседството, двајцата си прилегаа како јајце на јајце. Имаа слични костуми, фризури, телесна става, чевли. Но, во случајот со опсесијата со бившиот претседател, огледалото на нарцисот несреќно се кршеше на најситни парчиња. Не можеше никако да се види себе си во неговиот обожаван лик, колку и да настојуваше, колку и да ги вежбаше своите популистички говори. Многу нешта му недостигаа за да се прероди во негов репликант.

Низ мозокот му светкаа сите активности што ги презема само и само за неговата мајка да не ја дознае неговата скриена личност која воопшто нема да ѝ се допадне. Ако дознаеше, можеби и таа ќе го напуштеше?! Тоа во никој случај не смееше да се случи! Затоа диктаторот нарача промена на Уставот за да ги забрани хомосексуалните бракови, нарача неколкупати да ги испотепаат кутрите припадници на ЛГБТИ заедницата кога се обидуваа да маршираат на манифестации на различностите, ја подигна хомофобијата на ниво на државна институција, а црквата ја инволвираше во неморални дејствија против човековите права и достоинството на граѓаните. Правеше сè само за да се сокрие зад купот фекалии што ја осликуваа лажната слика на семејните вредности во очите на својата мајка.

Седеше во темнината и се тешеше себе си дека мајка му нема да узнае врската со љубениот доктор, оној кој го напушти и си најде друг, поубав и помлад љубовник, исто така доктор. Образованието му беше дополнителна фрустрација. Се насмеа гласно, дури и се зацерека кога се потсети на моментот на надмоќ и библиска освета – го фрли во зандана својот бивш љубовник, штом се востоличи за премиер. „Ќе видиш ти, стоко една, кого си напуштил! А јас наскоро ќе докторирам. Ќе објавам и три-четири трудови со импакт фактор. Во Америка ќе ми ги направат. Ќе бидат најсупер. Ке видиш ти кој сум јас!” Се сети и на готвачот, но тој не беше неговото ниво. Ниту професор нит министер, ниту бивш претседател, па него го преболе за неколку месеци.

Но, аферата за неговото прислушкување на десетици илјади граѓани земаше сè поголем замав. Веќе од сите страни беше сардисан од неповолните дипломатски изјави. Странците во најмала рака од него бараа оставка. Тие барањата беа завиени во обландата на флоскулата „формирање техничка или преодна влада”. Сега кога беше на работ да има сѐ што немал a сонувал да има, и куќа во населбата на богатите комуњари, и милиони евра во сефови во странски банки, и шуми кои може да ги сече колку сака, токму сега, сите го малтретираат. А колку само кеш му истурија во сефот во странската банка неговите најблиски и најпослушни соработници од бизнис секторот.

Заѕвоне мобилниот. Тоа беше мобилниот од левиот џеб од палтото. Се штрекна. Ова беше повикот од кој се плашеше. Повикот за крај ... или за нов почеток.

„Кажи што има”, изговори пелтечливо, откако го виде бугарскиот број на дисплејот. Притоа зема воздух помеѓу зборовите „кажи” и „што”.

„Коридор база-Брест. Излегувај веднаш. Кацига на глава и кожна јакна. Те земаат со мотор”, ја издаде наредбата гласот на неговиот прв братучед.

„Ама, не сум доспакуван”, изговори диктаторот, без да помисли.

„Симнувај се веднаш без ствари. Не ти треба ништо. Таму ќе имаш сѐ!”, нареди братучедот.

Диктаторот наеднаш почуствува дека е сосема сам со темницата што самиот ја создаде. Остана уште некое време во тешка недоумица да гледа во ајфонот. Не можеше никако да се сети на следниот потег. Што ли требаше сега да направи? Долго, долго, долго остана стаписано загледан во дисплејот што го покажуваше последниот повик. Тој повик ниту една тајна служба го немаше снимено. Освен можеби, една.

(Овој расказ е фикција. Секоја сличност со настани и личности од реалниот свет е сосем случајна)

Слики: Chris Mars

ОкоБоли главаВицФото