На Заев му честитам за храброста, време е да се случи народ!

22.04.2015 10:25
На Заев му честитам за храброста, време е да се случи народ!

Кога пред две години решив да се повлечам од лидерската позиција во СДСМ, донесов и одлука за мое целосно повлекување од јавноста.

Во изминатиов период се изнаслушав разни шпекулации и измислици на што се должи мојата доброволна самоизолација. Од тоа дека сум тешко болен па до тоа дека сум изложен на сериозни уцени и закани. Од тоа дека ми е повредена суетата, па до тоа дека не ми е грижа ниту за народот ниту за државата.

Па еве, конечно да одговорам на овие лажни конструкции.

Фала му на Господ, здравјето ми е добро. Никој ниту имал, ниту има со што и за што да ме уценува. Што се однесува до заканите, тие во мојот случај предизвикуваат сосема спротивен ефект, само поголем мотив и желба за борба. На македонската јавна сцена има многу суетни личности, но нив ќе ги препознаете, не по нивното молчење, туку по тоа што ја користат секоја прилика за медиумско присуство, без разлика дали имаат или не нешто паметно да соопштат. А за тоа дали и колку сум загрижен за состојбите во државата, оставам сами да заклучите врз основа на она што ќе го соопштам во овој текст.

Кои беа вистинските причини за мојот двегодишен молк?

Прво, не сакав на каков било начин да ѝ дадам можност на власта да ја продолжи повеќегодишната примитивна и црна кампања поврзана со мене и против новото раководство на СДСМ.

Второ, новоизбраното раководство на СДСМ се определи за програмски и кадровски дисконтинуитет. Дали тоа беше паметно или не, покажа и ќе покаже времето. Но тоа беше легитимна одлука на новото лидерство и заслужуваше фер шанса и доволен временски период за реализација на новиот концепт.

Трето, како лидер на СДСМ, а посебно после настаните од „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година, се залагав за целосно делегитимирање на власта, за активен и континуиран „отпор“, за перманентни протестни собири и маршови, за разни облици на граѓанска непослушност и за бојкот на локалните избори. За таквите мои намери бев жестоко напаѓан и обвинуван од страна на власта, што беше сосема разбирливо и очекувано. Но она што беше неочекувано беа критиките и оспорувањата што доаѓаа од одредени опозициони кругови дека тој концепт е погрешен, па дури и резултат на некои мои лични мотиви за задржување на лидерската позиција во партијата. Се заговараше „конструктивен политички дијалог“ со власта, битка преку институциите на системот, учество на изборите... Сфатив дека во тој момент моите аргументи не се доволни да обезбедам единство на опозиционата сцена и дека само времето ќе ја потврди или демантира исправноста на овој мој пристап и концепт.

Поминаа две години. Се надевам дека денес работите им се многу појасни на сите.

Кој е мојот став за состојбите во Република Македонија

Со Република Македонија владее еден тоталитарен, криминоген и корумпиран режим, за кој не постои ниту устав ниту закон. Режим што целосно прво ги партизираше, а потоа и ги приватизираше сите институции на државата. Режим што ги злоупотребува сите финансиски ресурси на земјата не за доброто на народот, туку за една единствена цел - како да се задржи власта и да се полнат приватните сметки во странските банки. Тоа е една структура од исфрустрирани ликови, за кои човечкиот живот не вреди ниту пет пари, кои зацрнија цели семејства и кои од Македонија направија земја на политички затвореници. Кој живее на кредит - умира на рати, а оваа власт неколкукратно ја задолжи земјата и тоа за забегани и коруптивни проекти, со што ја уништи перспективата на овој народ. Со овој и ваков режим Македонија нема никаква, а камо ли европска иднина.

Уверен сум дека на секој барем малку подобро информиран човек со здрав разум, а камо ли на припадниците на т.н. политичка, интелектуална и бизнис елита, сето ова им беше јасно и познато и пред т.н. „бомби“ на Заев. Сосема друго прашање е што многумина заради лична калкулација решија да затвораат очи пред реалноста, обидувајќи се на разни начини да ја релативизираат и на тој начин да ја смируваат сопствената совест. На Зоран Заев му честитам на храброста и му ја давам целосната моја поддршка за тоа што преку „Вистината за Македонија“ на најдиректен начин ги соочи сите со катастрофалната реалност во која живееме. Сега барем нема место за ничии изговори и оправдувања дека не знаел што се случува.

Сега, кога им е на сите јасно предочено кои и какви ликови одлучуваат за нашите судбини и иднината на нашите деца, повеќе простор за незаинтересирани или неопределени едноставно нема.

- Или слобода или тиранија!
- Или демократија или диктатура!
- Или правна или криминална држава!
- Или Македонија или тие!

Но, да не се залажуваме. Осознавањето на вистината за карактерот на овој режим не е доволно тој режим да падне. Јасно е дека тие се подготвени да направат сè за да ја задржат власта. Клучното прашање е што сме спремни да направиме ние?

Ваков бескрупулозен режим не се руши само со прес-конференции и лајкови на Фејсбук.

Ваква тоталитарна власт, која ги контролира сите институции, ги злоупотребува народните пари и ги уредува најмоќните медиуми во земјата не може да биде поразена ниту од поединци ниту од опозициски партии.

ВАКВА ДИКТАТУРА МОЖЕ ДА БИДЕ ПОРАЗЕНА САМО ОД НАРОД И СО НАРОД!

Но, за да се случи тоа претходно мора да се направат неколку неопходни чекори.

1. Да се ослободиме од илузијата дека по обелоденувањето на „бомбите“ Груевски и камарилата самите ќе си поднесат оставки и со наведнати глави ќе си заминат. Детски наивно е да се очекува од вакви луѓе после сè што направија да покажат какво било чувство на одговорност.

2. Погрешно е и за крајната цел апсолутно штетно да се подгреваат лажни надежи дека меѓународната заедница со некакво „робусно“ присуство ќе изврши силен притисок на Груевски сам да се повлече и да овозможи формирање преодна влада. Тоа едноставно нема да се случи. Ниту Брисел и Вашингтон се подготвени на тој начин да настапат, а ниту на Груевски му е битно каков е нивниот став. Тој во себе одамна има расчистено со евроатлантската иднина на Македонија.

3. Приказните што се шират во одредени опозициски кругови дека промената на власта само што не се случила, па уште и се лицитира кој на чело на кое министерство или институција ќе дојде, се погубни. Или искрено и чесно оваа битка ќе се дефинира како битка пред сè и над сè за интересите за народот и државата, или, ако биде препознаена како борба за задоволување на нечии клиентелистички потреби, ќе биде изгубена пред и да почне.

По расчистувањето со овие илузии и дилеми, „отпорот“, или како ли веќе ќе се вика, мора да се обнови и да се организираат масовни и континуирани протести. Тие протести треба да бидат мирни и ненасилни, но со својата масовност и упорност да го делегитимираат и да го натераат на отстапки режимот на Груевски. Оваа историска македонска драма ќе мора да заврши на избори, но во психолошка смисла победникот на тие избори треба да биде познат уште пред нивното распишување. И тоа никако не смее да биде Груевски!

ДAЛИ НАШИОТ НАРОД ЌЕ ГО ПРИФАТИ И ПОДДРЖИ ОВОЈ КОНЦЕПТ? ДАЛИ ЌЕ ИЗЛЕЗЕ НА УЛИЦИТЕ И ПЛОШТАДИТЕ?

Во оваа пригода сакам да ги отфрлам како апсолутни глупости тезите од типот: „Ние Македонците не сме такви, во нашиот менталитет не е да се бунтуваме и да протестираме“. Тврдам, и не да мислам туку знам, дека нашиот народ не е ниту помалку храбар ниту помалку слободољубив и правдољубив од кој било друг во регионот или пошироко. Знае овој наш народ многу добро што е правилно, а што погрешно, што е правда, а што неправда, за што вреди, а за што не да се бори и ризикува. Не е клучното прашање дали тој ќе ја поддржи и ќе учествува во оваа битка. Решавачки ќе биде кој, за какви идеи и со кој кредибилитет ќе го повика во таа борба.

На Македонија во битката против овој злосторнички и тоталитарен режим ѝ е потребно едно широко народно движење, еден сеопфатен опозициски демократски фронт, кој во себе ќе ги вклучи буквално сите што можат и сакаат да дадат свој придонес.

Мојот СДСМ во овој процес ќе има повторно, како и многупати во минатото, една исклучително одговорна, но во исто време и комплексна задача. Од една страна, како најголема и најдобро организирана опозициска партија да биде главниот двигател во сите овие активности и во исто време заради општото добро и историската улога да ја демонополизира опозициската сцена во земјата. Притоа, за да може СДСМ да биде главниот стожер на обединување, мора прво да се обедини себеси. Сите меѓусебни етикетирања и дискредитирања мора веднаш да запрат. Целта е една и единствена. Одговорноста за тоа е на секој поединец, но најмногу на раководството, кое мора да ја најде формулата за обединување. Од лично искуство знам дека тоа е тешка и макотрпна, но во исто време и суштинска и неопходна работа.

На лидерството во партијата му посакувам многу храброст и уште повеќе мудрост во реализацијата на оваа задача.

Еве, ова е стратегијата во која верував пред две години и во која уште повеќе верувам денес и на чија реализација, доколку до неа дојде, целосно се ставам на располагање. Подготвен сум на ист начин како и на 24 декември 2012 година заедно со син ми да бидам во првите редови! И искрено се надевам дека сите „душегрижници“, кои во изминатиов период ме прозиваа „каде е Бранко“, ќе бидат заедно со своите најблиски во моја близина.

Ладата, симболот на „отпорот“, е во одлична состојба, редовно одржувана и на време регистрирана.

Сосема на крај. Денес е 20 април. Ја користам оваа можност на сите мои сопартијци да им го честитам роденденот на СДСМ и да им посакам многу среќа и успех во работата!

Графички приказ на „бомби“: Небојша Гелевски