Тотемот на срамот

23.04.2015 08:29
Тотемот на срамот

Нешто треба да се преземе и гласно и јасно да се каже баш сега кога ние како држава и нација сме „чардак ни на небо ни на земја“ во духовна смисла. Тоа официјално да го изнесе, да речеме, Македонската академија на науките и уметностите (оваа покана важи и за сите национални институции, заводи и здруженија, Друштвото на писателите, на пример). А тоа да биде кратка (и не подолга од една страна) изјава/став околу следното:

-Што се тоа Македонските Словени
-Дали може да постојат Антички Македонци (како реално постоечки живи суштества денес)
-Каква улога имаа македонските комунисти (и комунистите од другите етникуми) во оформување на македонската држава за време и после Втората светка војна 
-Што било ВМРО како идеја во зародиш

(Да се вратиме на почетокот)

Ако научниците од МАНУ и другите наши научници потврдат дека денес постојат Антички Македонци, тогаш ќе треба и цел свет да го убедат во тоа, а не само специфичниот слој од македонскиот народ кој многу сака да се соживува со митовите, легендите и историјата од ова тло. Бидејќи, ако е така, тогаш светот ќе треба да ги признае и Античките Грци, Римјани, Маи, Ацтеки, Етрурци, Древните Кинези, Древните Египќани, Викинзи, Гали, Илири, Персијци, итн. за реално постоечки народи, и ден денес како се шетаат меѓу нас на планетава, не само како примероци во археолошко-историските музеи. Значи, ако постојат Антички Македонци, македонските научници нека му докажат на светот дека е така. Ако не, тогаш нека му објаснат на македонскиот народ дека антиквизацијата не само што беше големо занесување и забегување туку и зло со трајни последици за нашиот идентитет. Античкото и секое друго културно наследство од оваа почва е предмет на истражување и грижа на археологијата, етнологијата, историјата, културата. Барем еден процент од толкави финансиски средства што се потрошија за „Скопје 2014“ да се вложеа за развојот на овие науки и за конзервација и реставрација на културните споменици, ќе беше вредна инвестиција! Не може од античка идеја и од култот (демек) кон одредени историски личности да се креира нација, држава, политика, култура (на почетокот на XXI век). Тоа нека му го објаснат на народов.

Скопје е пргласен за центар на кичот на Европа, од светски реномираниот весник Гардијан! Доаѓаат туристи специјално да го видат тој кич (кич и во естетска и во идеолошка и во културолошка смисла), не нашето вистинско културно наследство! Ние веќе имаме колосални проблеми! Да не мижеме и да не се залажуваме дека ги немаме! Загрижена сум и затоа инсистирам одредени национални институции да се изјаснат. Светот да не си игра мајтап со нас. Бидејќи некако мораме да се ослободиме од тој голем срам, така јавно. Не велам дека тоа чудо треба да се руши. Не. Туку напротив, инсистирам сите тие споменици и згради да останат негибнати барем уште пет или десет години, за да предизвикаат толку големо гадење кое неминовно ќе иницира уште поголема духовна катарза. Исто така, воопшто да не се садат дрвја во строгиот Центар, и ние навистина да уживаме во благодетите на таа соголена грдотија, за најдобро и најбрзо што можеме да ја научиме нашата лекција.

Штета што оваа власт не (стигна да) инсталира ДПМНЕ ТОТЕМ на сред објектот на МАНУ и не ги принудија да го обожуваат тој тотем. Така барем ќе се поттикнеше нивното вистинско отрезнување (како што веќе се случи во/со образованието). Инаку, во строгиот центар на Скопје е тој ТОТЕМ НА СРАМОТ, но не и баш во зградата на МАНУ, па така тие не го чувствуваат многу на своја кожа. Но, ако веќе им е и врежана тетоважата од ДПМНЕ тотемот и ако ја сфатија сериозноста, зашто сè уште молчат? Не поминува повеќе оправданието дека се кукавици, конфомисти или незаинтересирани или дека едноставно не сакаат да се занимаваат со дневна политика или се многу возрасни, па физички и емотивно изнемоштени. Ако веќе така возрасни се чувствуваат немоќни јавно да се произнесат за актуелните акутни проблеми на нацијата и државата и во правиот момент, тогаш, просто нека се пензионираат и нека не држат место во институција од тој ранг!

И понатаму Македонија останува светска кич дестинација за туристите. Така ни треба. Бидејќи културата воопшто не ја сфаќаме сериозно.

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Јавни простори / Култура
Активизам / Јавни простори
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото