Исправен холограм гумен куршум не го бие

23.04.2015 10:17
Исправен холограм гумен куршум не го бие

1. Македонскиот граѓанин е во основа многу незадоволен човек. Ова го потврди и рангирањето извршено според индексот на среќа, според кој Македонија се пласира на ниското 143 место, од вкупно 151 земја во светот. Но, Македонците имаат една чудна доблест - тие не сакаат никого да замараат со својата несреќа. Најмалку сопствената власт. Тие ја чуваат својата несреќа љубоморно само за себе и во тесен семеен круг. Ако треба македонското „човече“ ќе се истури на жената и на децата, но нема да дозволи да се брука и на улица да ја покажува сопствената мизерија. Некои луѓе таму во Владата и во Собранието деноноќно работат на неговата среќа, предлагаат и носат закони, 24/7 трчаат по инвестиции, креираат реформи, се фалат по медиуми колку ни е убаво, и кој е тој, да ги попречува во нивната работа. Не дека македонскиот граѓанин не би протестирал, ако ептен се мора, но некако сè оди против таквата одлука. Еве прво да ги земеме временските прилики, односно неприлики. Зиме е кочан студено, колку и да се облечеш, ќе измрзнеш по тоа асфалтот. Лете, оди да те видам протестирај на скопската жештина, ќе добиеш топлотен удар и што си постигнал? Ништо! Во пролет има многу полен. Плус фаќаат велигденски пости, не се протестира среде пости. Во есен ако протестирам, ти да не ќе ми ја направиш зимницата? А и ако сум цел ден на протест, децава ќе попуштат со школото. Добро бе, еве и да излезам. Што ако јас излезам, да не ќе излезе и Димче соседот? Нема! Е па, што сега, јас попаметен сум од Димче, јас ќе се правам најпаметен во државава?

2. А и ова синдикативе некако ни се неорганизирани. Секаде, бре, во светот тие ги организираат протестите. Кај нас се пасивизирани, и сега што да се прави, тоа е тоа. Јас да не сум крив нив што не ги бива? Да има кој да организира, јас прв ќе излезам, ама нема.

3. Има додуша, чат-пат по некој протест, но тоа се сè некакви собиранки со сомнителни мотиви. Некои од тие протести имаат за цел да ја урнат власта. Јас како политички неутрален, не сакам да бидам инволвиран во такви црни сценарија. Мојот револт е насочен кон мојата несреќа, а не кон власта како таква. Кој може да ми гарантира дека ако се смени власта, ќе бидам посреќен. Седи си таму мадро. Излегле сто, стопеес души, договорени со опозицијата да станат потоа министри, функционери, а јас зошто да протестирам, што ќе станам јас?

4. Што, тогаш, сум направил ЈАС за мојата среќа?! Што сум направил за да се променат состојбите во земјава? А бе седи таму, мене ли најде тоа да ме прашуваш, бе! Имам лажен профил на Фејсбук, попара правам преку него. Имам два-три статуса досега напишано за повеќе слобода. Додуша сè се тоа цитати, не се мои, ама не ќе измислувам топла вода, еве баш пред некој ден постирав една мисла, нешто у стилу дека слободата не се добива, туку се освојува. Баце, 45 лајкови и 13 шерувања! Е не, ќе се заебаваме! И тоа не е сè што имам направено за Македонија! Повикав еднаш да не се гледа „Сител“, ама жена ми, не ти кажав – заеднички ни е профилот, го избриша зашто така директно сум се мешал во политика – сè следеле, ќе ме избркале од работа. Ама затоа од вториот лажен Фејсбук-профил ја имам лајкнато неколкупати „Коза ностра“ и досега влакно не ми фали на главата. И после ќе речат немало демократија, немало ова, немало она... А за протести, што знам, океј е тоа, ако се мора, ама генерално не сум ти јас, пријателе, за улична демократија...

5. Згора на сè, македонскиот граѓанин, иако само површно информиран за причините за својата несреќа, добро знае за измените во законот-за-не-знам-што, со кои се воведоа и гумени куршуми и електрични пендреци за тие што протестираат. Јас немам против, ако мора еве да се протестира, но уште од мал од дома ми имаат речено да не си играм со струја, па не знам, ова со пендрециве електрични некако...


6. И, драги мои, ете го решението! Господ да ги благослови Шпанците! Конечно, организиран првиот протест во кој не мора да излезеш на барикадите. Шпански граѓани минатата недела го одржаа првиот протест во вид на холограм во историјата, со цел да протестираат без да ги нарушат новите драконски измени на Националниот акт за безбедност, новите измени и дополнувања на Кривичниот закон и законот за борба против тероризмот. Според новите измени, граѓаните во Шпанија не можат да протестираат против Конгресот или да се собираат на јавни места, исто така мора да побараат дозвола од властите секогаш кога ќе сакаат да протестираат јавно. „Ако сте човек, не можете да се изразувате слободно, можете да го направите тоа само ако станете холограм“, вели една жена во видеото што е објавено од движењето кое брзо стана познато на Твитер „Холограми за слободата“ („Hologramas para la Libertad“). Жено, надроби салата, пуштај Лига на шампиони и не заборавај да кликнеш ентер у осум и пол на протест сме пред Влада. Всушност, кај сакам сум на протест, бе! Може и на пет-шест места во исто време. Студентите бараат поддршка за законот за високо образование? Нема проблем! Пуштај го тоа холограмот кај што сум со транспарент „#ПоздравПленумци“. Мала ми е платата? Јок проблем! Имам едно холограмче со парола „Дошја нож до коску“, како ќе легне, спие на темава. Сплескала Владата милијарда на „Скопје 2014“? Имам став и за тоа. Плеј за холограмот кај што се дерам „Ружна ви е Владата“... И така, новото „Наведната глава сабја не ја сече“ кај нас се вика „Исправен холограм гумен куршум не го бие“.

Шпанците со холограмот му пркосат на новиот закон. Ако власта им дозволи пак да излегуваат на улица, тие ќе заборават на холограмот. Лудаци едни забегани! Не знаат какво оружје имаат в раце. Добро, лесно им е ним со таа шпанската клима да протестираат. Кај нас холограм-протестот ќе си остане засекогаш, за сите годишни времиња и политички невремиња.

Македонецот е просто роден за холограм. Ќе му ја прошириме и примената. Еве, на пример, ако ептен сте против амнестија и против затворска казна за врхушката на криминалната пирамида што е на власт, нема проблем. Холограмот е решение. Нека ги осудат на робија, но во ќелија нека сместат холограм на осуденикот. Тој се сонча на плажа во Белизе, а неговиот холограм лежи во креветот на Брат Љубе. Разумен компромис, нема што.

Извор: Слободен печат
Тетоважи на сликите: Eterno