ГТЦ не смее да биде обезличен!

23.04.2015 11:03
ГТЦ не смее да биде обезличен!

Денеска, 23 април 2015 година, во Скопје се случува средба на граѓаните во пресрет на одржувањето на првото анкетирање (референдум) на жителите на општина Центар за идниот изглед на Комплексот на Градскиот Трговски Центар, предизвикан од нечија необјаснетата потреба за промена на изгледот (читај: ДЕВАСТАЦИЈА) на овој култен објект во нашиот град.

Градскиот трговски центар, капитален повеќенаменски објект, изграден пред четири децении, по својата програмска грандиозност е единствен зафат од ваков вид во Р. Македонија, инженерски моќно разрешен сплет на сите видови комуникации за вакви објекти и, конечно, во својата замисла и реализација е без конкуренција, до денеска, во нашата проектантска и градбена практика.

Цитирам дел од текстот во публикацијата на Заводот за станбено комунално стопанисување, а во името на конзорциумот за финансирање и градба на овој комплекс, ШТО ПРЕТСТАВУВА ПИШАН ЈАВЕН ОТЧЕТ ЗА ЕДНА ОД ФАЗИТЕ ВО РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПЛАНИРАНИОТ ПРОЕКТ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС

„...Со општ југословенски анонимен конкурс за идејно решение...беа добиени 23 елаборати од кои конкурсната комисија награди 4, откупи 6 и обештети 10... По одржаниот јавен конкурс за дефинирање и конкретизација на предлозите за идејни решенија ...., (ВО ВТОРА ФАЗА), беа повикани 5 наградени автори на интерен конкурс... Инвеститорот доби корисни сугестии и предлози за рационално користење на локацијата и изготвување подетална програма.“

На анонимниот конкурс доделени се 2 еднакво вредни втори, 1 трета и 1 четвврта награда. Автори на второнаградените проекти се архитектите: на едниот, Голијанин Грујо, Шмит Едвин, Шостериќ Милан и на другиот Живко Поповски, автор на третонаградениот проект е Константиновски Јанко и автори на четвртонаградениот проект се: Поповиќ Радисав, Поповиќ Гордана, Шмид Андреј.

Во натамошната реализација на проектната документација и изградбата на ГТЦ, а базирана на конкурсното решение на архитект Живко Поповски, покрај авторот работи широк тим на домашни специјалисти.

Како еден од објектите на недовршените модернизации, кај ГТЦ станува збор за неговата огромна покривна површина, која во програмска смисла не ја доби својата конечна реализација ДО ДЕНЕСКА. Обидите на авторот да се доврши и тој значаен дел од просторот на ГТЦ, останаа нереализирани. Но, не толку одамна, беше бил (користам одамна минато време, затоа што успеваме да заборавиме случување од пред помалку од 10 години!!!, а денес го премолчуваме како и да не се случил???) распишан, еден од последните коректни архитектонски конкурси за овој објект, со цел довршување на недовршеното. Конкурсот има успешна завршница со избор на проектот на група сериозни млади архитекти (Ивановски Јован, Ивановски Дејан, Пазарџиевска Елена, Десков Владимир, Ивановска Ана), наградени со прва награда. Нивниот проект ѝ е познат на јавноста во три наврати, еднаш како победник на конкурсот на изложбата по завршениот конкурс заедно со останатите проекти учесници, втор пат на Венециското биенале како дел од пошрок авторски тим на македонското претставување на Биеналето и трет пат, на самостојната изложба на тимот проектанти, во Музејот на град Скопје.

Во своето постоење ГТЦ не доживеја, и покрај неколку обиди, да се најде во списокот на заштитени објекти значајни за културното наследство на Република Македонија!

Градскиот трговски центар е моќна и горда страница од книгата на нашето постоење и не смее да биде ОБЕЗЛИЧЕНА!

Скопје, 23.04.2015

Авторот е архитект

Фотографии: Небојша Гелевски

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Активизам / Јавни простори / Став
Јавни простори
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото