1030 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Саб, 09.11.2024 01:59
Претставуваме извадоци од книгата „111 тези за ГТЦ“, која денес беше промовирана вo Мобилната галерија во Паркот на франкофонијата, непосредно пред референдумот за зачувување на изгледот на еден од најзначајните објекти во Скопје и Македонија.
Моќна структура на која времето не ѝ може ништо.
(Хелена Нириќ за ГТЦ, 1999)
Доминика Бошкова
Кога мислиме на ГТЦ мислиме на професорот Живко Поповски и обратно, кога мислиме на професорот Живко Поповски мислиме на ГТЦ; Делото и авторот се неодвоиви.
*
Треба со него да се постапува внимателно; да не го изгубиме. Зградата се губи - се урива тогаш кога ги губи битните карактеристики, кога се разорува нејзиниот концепт, кога се сведува само на структура (столбови, греди, плочи...), на конструкција што е во добра кондиција. Ја губиме кога не ја препознаваме идејата, записот во неа.
*
Референца е во учењето на архитектурата која ни е на дофат. Од него сè уште учиме:
- како да се почитува она што веќе постои
- како зградата може да го спојува градот
- како големата зграда може да стане питома
- како монументалноста може да биде ненаметлива
- како зградата може да значи повеќе живот, а помалку изглед
- како зградата може да остане „свежа“ без оглед на годините зад неа
Тој е нашиот „отворен учебник“.
*
Не преправки! Потребна му е грижа! Секоја постара зграда има проблеми. Проблемите не се прашања на стил.
Јасна Стефановска
Градскиот трговски центар во Скопје е илустрација за појавата на општество кое ги инкорпорира знаењето и амбициозните визии на современите тенденции и културни слободи преку архитектурата.
*
Материјализацијата на идеите при изградбата на Градскиот Трговски Центар во Скопје е одраз на трендовите на светската современа архитектура.
*
Концептот на отвореноста на Градскиот Трговски Центар е основа за критичко размислување за идниот развој на градот.
*
Мрежата од пешачки улици и променади во Градскиот Трговски Центар е манифест за значењето и поврзаноста на јавните простори во градот.
Ана Ивановска Дескова
Со својата комплексна просторно-волуменска структура и архитектонски израз, Градскиот трговски центар остварува извонредна релација со контекстот (со слободните површини и со постојните објекти).
*
Општата појавност на Градскиот трговски центар, во својата материјалност и колорит, е мирна и неутрална.
*
Објектот на Градскиот трговски центар никако не смееме да го гледаме во локални рамки; сосила во него да бараме „традиционализми“, „регионализми“ и различни траги на „фолклор“; да бараме од него да биде „македонска архитектура“... бидејќи тоа не е.
Донка Барџиева Трајковска
Актуелната власт добро го „разбра“ вистинското значење и силината на пораките на културното наследство врз општествените групи и граѓаните воопшто, и токму затоа манипулира, го менува, го одзема и ограбува од граѓаните, а за возврат се обидува да им подметне лажно.
*
Навраќање кон анахрони историцистички „стилски“ декорации како антипод на чистите линии на модерната архитектура со интернационален предзнак: обид за наметнување на национал-патриотска идеја за „старост“, „моќ“ и „величина“ со цел привлекување и манипулација со мнозинската општествена група.
*
ГТЦ претставува експлицитен и еклатантен пример на грабеж на културното наследство, своевиден културоцид и директен атак на меморијата на одредена културна група од аспект на современата мнемозофија.
Дејан Ивановски
ГТЦ треба да остане градски. Да продолжи да наликува на град. Тој е градски центар затоа што ѝ припаѓа на целината на градот и како мерило и како составен дел на неговата комплексна социо-културна слика.
*
Градскиот трговски центар не треба да се обидува програмски, содржински да биде конкурентен на новонастанатите шопинг молови.
*
ГТЦ е историско место на средби, во него живеат сценарија на случувања создадени низ историјата. Местата каде се случуваат тие средби имаат социјален карактер кој не треба да се наруши.
*
Во ГТЦ можат да се почувствуваат четирите годишни времиња.
Горан Јанев
ГТЦ е отворен јавен простор, нема влез и излез, во него, или поточно низ него, човекот се движи слободно, по свој избор.
*
ГТЦ е комерцијален јавен простор, но никогаш не наклонувал кон присвојување и со тоа отуѓување на просторот кој го узурпира.
*
ГТЦ не е млад, веќе речиси половина век е со нас и има веќе наслоено многу сеќавања и симболички товар.
*
ГТЦ е новото Скопје. Го осовремени Скопје и го приближи кон Западот повеќе од кој било друг објект, па макар и по најлошиот пример на забрзан и адиктивен конзумеризам.
*
ГТЦ кога е нападнат е способен да се одбрани.
Мишко Ралев
Тотална и безбедна пристапност – функционален, но и демократски чин.
*
Лесна ориентација низ комплексната просторна организација.
*
Точки на композицискиот концепт. Правејќи паралела помеѓу светските трендови, ги допираме и откриваме класичните пет точки на Ле Корбизје:
- столб - слободен столб во просторот;
- функционална независност на скелетот и ѕидот
- слободна основа
- слободна фасада и
- кровна тераса, (но веќе триесет години само како можност).
Извор: 111 тези за ГТЦ (уредници: Ивана Васева и Филип Јовановски), ФРУ, 2015.
Постери: Зоран Кардула