Кога еден геноцид може да се нарече геноцид?

24.04.2015 09:46
Кога еден геноцид може да се нарече геноцид?

Кога во германскиот Бундестаг ќе се отвори расправата за депортираните, прегладнети и убиени Ерменци во периодот меѓу 1915 и 1923 година, ќе се дојде до јасна формулација. Зборот кој го подразбира злосторството над народот - геноцид, досега го користеа само одредени пратеници. Официјалната позиција на германската влада беше следната: жалење да, но за геноцид никогаш ни збор - ни усмено, а особено не писмено. Поимот „геноцид“ беше контаминиран. Сепак, тоа сега се менува. Германската канцеларка Ангела Меркел сега тој збор го изговара и дури за тоа се усогласи и со претседателот Јоахим Гаук. Тоа претставува вистинска сензација на која долго се чекаше.

Имаше многу причини за вербална воздржаност. Социјалдемократската партија (СПД), која е традиционално длабоко вкоренета во турското имигрантско милје во Германија, едноставно се плашеше за гласовите на гласачите доколку геноцидот врз Ерменците, кој меѓу историчарите ширум светот е неспорен под тоа име, го прогласи за официјален став на Германија. Во повеќе од 20 држави геноцидот над Ерменците е официјално признат, а меѓу нив се и Франција и Швајцарија.

Сепак, Германија имаше проблем со тој термин. Се одбегнуваше нарушување на односите со НАТО партнерот Турција. Истото важеше и за односите со повеќе од два милиони Турци кои живеат во Германија. Дополнителен товар е и германската улога во ерменската катастрофа, која со себе би можела да повлече и плаќање отштета.

Регионите во Османлиското Царство во кои имало Ерменци

Распадот на Османлиското Царство

Многу факти упатуваат на тоа дека судбината на Ерменците била запечатена уште во 1914 година. Османлиската војска кон крајот на таа година претрпела огромен пораз од руските трупи. Се проценува дека во лошо подготвениот воен поход среде зима, на западот на Кавказ животите ги загубиле меѓу 50 и 80 илјади Турци. Битката кај Сарикамиш важи како повод за геноцидот. Одговорноста за поразот Турците им ја припишале на Ерменците, обвинувајќи ги дека се бореле на страната на Русите или дека во доброволни акции делувале против Османлиите. Според турското толкување, Ерменците биле петта колона на Русија, чија цел тогаш била основање на Ерменија како тампон-држава преку која би се воспоставила директна врска од Кавказот до Средоземјето. Тоа и денес се наведува во турските учебници.

На почетокот на XX век мнозинството Ерменци живееле на истокот на Османлиското царство. Во голем број региони тој христијански народ бил најголема етничко-религиска група. Национализмот кој се раѓа во XIX и XX век кај Ерменците бил помалку присутен отколку кај другите национални групи кои сакале ослободување од владеењето на султанот.

„Ерменската елита дури се залагала за единство на Османлиското царство – секако, во една плуралистички организирана, модерна држава“, вели Елке Хартман, историчарка од Берлин која го истражува регионот на Блискиот Исток.

Постер од одбележувањето на 90-годишнината во Ереван

Но Османлиското Царство на својот залез се претвора во турска национална држава, на штета на повеќенационалноста. Посебна трагедија е тоа што создавањето на модерната турска Република започнува со геноцидот над Ерменците.

Во пустина, за да им се уништи трагата!

„Кон крајот на април 1915 година во цела Анадолија се одвивала акцијата „преместување“. Тој термин од светот на службениците и управителите, намерно избран за да звучи невино, не значел ништо друго туку депортација. Ерменските интелектуалци, политичари и претставници на духовниот живот систематски се депортирани од главниот град Истанбул во Анадолија и таму се убивани. Како основа за тоа важел законот кој е донесен дури подоцна, на 27 мај 1915 година. Како изговор, изнесено е тврдењето дека Ерменците планираат бунт ширум земјата. „Новите населби“ предвидени за Ерменците биле во пустините на Сирија и Месопотамија - диви предели без никакви услови за живот. Еден сведок во своите записи наведува: „Протерани се во пустина. За да им се скрши и последната сила, ги тераат на целодневно пешачење“. Меѓу 300 илјади и 1,5 милиони Ерменци тогаш, наводно, го загубиле животот.

Германија- послушен помагач

Ниту една друга држава не е толку вплеткана во судбината на Ерменците како Германското Царство - од економски и стратешки интереси. На 7 јули баронот Ханс фон Вангенхајм, германски амбасадор во Истанбул во канцеларијата на Теобалд фон Бетаман-Холвег ја испратил следната телеграма: „Условите и начинот на кој се одвиваат преселбите, покажуваат дека владата навистина ја следи целта да ја уништи ерменската раса во турското царство“.

Германците му биле важен сојузник на Османлиското Царство, на кое му испраќале вооружување, воени експерти, пред сѐ поради сопствените интереси на Босфорот. Изградбата на багдадската железница, проект кој тогаш бил од огромно значење, служел како клуч во борбата против Британците на Ориентот.

Преку бројните конзули во Османлиското Царство, Берлин бил информиран за сите детали на ерменските маршеви на смртта. Тоа го потврдуваат документите. Во едно од бројните писма упатени до канцеларот, во кое се опишани убиствата кои ги вршат турските сојузници, Бетаман-Холвег пишува: „Наша единствена цел е до крајот на војната да ја одржиме Турција на наша страна, без оглед дали Ерменците ќе бидат уништени или не“.

Судир околу квалификацијата на злосторството

И покрај сѐ, Германија, како и САД и Израел, до денес е дел од земјите кои тој масакр не го квалификуваат како геноцид. Маркус Мекел од СПД смета дека таквиот однос на Германија е скандалозен. Бундестагот пред десет години, по повод 90-та годишнина, во заедничкото соопштение се извини за „неславната улога“. Но за вистинско признавање на вината немаше ни збор. Централниот термин „геноцид“ не се појави во документите. Тоа го спречи Јошка Фишер, тогашен министер за надворешни работи.

Сегашната неочекувана промена на мислењето во Берлин доаѓа точно во моментот кога се одбележуваат 100 години од страдањата на Ерменците. Во ерменскиот Ереван, Германија сепак ќе ја претставува само мала делегација. Наспроти тоа, Франција ќе биде претставувана од претседателот Франсоа Оланд.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото