1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Скопје, 24 април 2015
Сите покојни граѓани од Центар и гласачите од Пустец ќе гласаат за барокен ГТЦ, покажа истражување на Институтот „Максим Ѓорѓија“.
Дел од наводите ги потврди и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која лично имала контакт со повеќе групи од по 50 човечиња сместени во станови од 40 метри квадратни.
„Нашите будалетинки од МВР ќе сторат сè што е во нивна моќ за референдумот да помине во најдобар ред и им стојат на располагање на сите граѓани, како на починатите што ги има на избирачки список, така и на оние од Пустец“, рече Гордана Јанкуловска.
Директорот на Институтот „Максим Ѓорѓија“, Перо Гарсоњеров, објасни дека студијата е спроведена на примерок од 1.000 починати лица и уште толку гласачи од Пустец, на возраст од 18 до 88 години.
„Резултатот од истражувањето не нè изненадува, а нема ни простор за статистичка грешка“, вели Гарсоњеров.
Под мотото „Како што се договоривме!“ конвојот автобуси и комбиња со лица од Пустец се упати кон Скопје за да може да гласа на ова, како што рекоа, за нив исклучително важно граѓанско изјаснување.
„Ова е празник за пустечката демократија и ние сме спремни да го оствариме нашето право, без разлика од бројот на кругови во кои ќе треба да гласаме“, изјави гласач од Пустец за Пара вести.
Мартин Протуѓер и Гордана Јанкуловска во заедничко обраќање до посебните полициски екипи изразија надеж дека овој пат ќе се потрудат да има лезет во нивната работа.
„Ако е потребно, некое ливче нека снема. Само сè да е согласно Уставот и законите“, порача министерката за внатрешни работи.
Редакцијата на Пара вести не успеа да стапи во контакт со покојници кои ќе гласаат во Центар и да добие мислење од нив. Извори блиски до АД Бутел и ДИК нè уверија дека таква можност имаат единствено функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, па треба да им се верува на информациите за расположението на гласачите кои веќе не се меѓу живите.