За албумот „Продолжи да сонуваш“ од Мугер Фугер

25.04.2015 13:25
За албумот „Продолжи да сонуваш“ од Мугер Фугер

Алтернативниот рок бенд Мугер Фугер го издаде својот најнов албум „Продолжи да сонуваш“ за независната издавачка куќа ПМГ Рекордингс. Станува збор за одличен албум и настан во ова невреме за целокупната македонска култура. Мугер Фугер го доживувам повеќе како музички проект отколку како бенд предводен од Сеад Хаџиќ-Сецко, чиишто резултати во континуитет без отстапки за иницијалните музички вредности се презентираат на сите албуми на Мугер Фугер.

Иако во стилот на Мугер Фугер има испреплетување на повеќе жанрови или влијанија од неопсиходеличната музика, пост панкот, алтернативната музика, фанкот или рапот, поентата е што Мугер Фугер прави навидум неспоивото да биде споиво преку соработка реализирана со силни индивидуалци, за на крај да добие сосема солиден резултат. Така, во креирањето на „Продолжи да сонуваш“ меѓу другите учествуваат: Сецко Сеад Хаџиќ, Енко Енис Хаџиќ, Горан Трајкоски, Васко Атанасоски, Сашко Костов, Ристо Солунчев, Ивица Димитриевиќ, Тања Тас....

Албумот има 10 композиции, концептуализиран со наизменична промена на енергични, жестоки и смирени композиции, предводени со насловната мелодична песна „Продолжи да сонуваш“ во изведба на Енко Хаџиќ. Но, паралелно, дел од содржините на текстовите на песните нè тераат да подразмислиме, како на пример во „Доволно е“ и „Во она време“. Се надевам дека нивната порака веќе го надминува симболичното ниво на бунт, критика или борба. За крај, иако независните изданија се ретки, сепак придонесуваат малку да се стабилизира и да се врати во прав колосек дисбалансираната субвенционирана македонска музика.

Албумот „Продолжи да сонуваш“ можете да го преземете на овој линк.