Одлепуење

27.04.2015 00:43
Одлепуење

Мизерни му биле Заев и Црвенковски, мизерни му биле новинарите со венецот, мизерни му биле Охрид, Муртино и Моноспитово... Груевски се гуши во мизерија и гадење, во својот примитивен, патолошки цинизам, кој ги убива последните молекули на човечност во тоа суштество. Одлепуење до даска!

Всушност, со секој изминат ден, сфаќаме дека на Груевски му се гади од сите – не само од нас што го критикуваме и кои, да може, би нè гонел до Папуа Нова Гвинеја, туку и од обичните луѓе, дури и од тие кои доаѓаат да го слушаат на митинзите, со фаци скаменети во страв и со раце кои ракоплескаат по наредба. И нив ги мрази, затоа што не можат да му ги наполнат салите и затоа што во нивните очи ја препознава нивната неискреност.

А како да биде поинаку? Тоа е истиот човек кој не умее да ги контролира гласните жици и го произведува она чудовишно смеење кога се радува како го исплашил Цаноски. Истиот човек кој смислува и ни продава лудачка приказна дека колегата Јовановски сам си го испратил погребниот венец на сопствената адреса, за да ги преплаши своите деца. Истиот кој бара на градоначалникот Жерновски да му се врзат шамари. Истиот кој наредува една зграда во Гостивар да се урне со динамит...
Згрчен во својата поза на патриот, во говорите полни со патолошки емоции, блазираност, додворување и евтина глума, ова очајно и изгубено суштество, всушност, сака сосила да ги натера луѓето да му покажат дека го сакаат. Ама не лажно, туку искрено!

Тој неверојатен, лудачки, потфат ме потсетува на една вистинска приказна што пред два дена ми ја раскажа една млада госпоѓа, која некаде во 2013 година била член на меѓународна делегација која разговарала со Груевски во Скопје. Таа се сеќава: „Бевме шокирани кога Груевски пред сите ни се пожали на луѓето во Македонија - па добро, зошто не ме сакаат, што сум им сторил за да не ме сакаат?!“

Еве, јас да му одговорам. Нè упропасти, човече божји, ни ја еба мајката, како да те сакаме?!

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Ковачевски