Колекцијата на полски уметнички дела во Македонија достапна на интернет

29.04.2015 10:27
Колекцијата на полски уметнички дела во Македонија достапна на интернет

Јан Цибис 

 

Над 200 дела од 135 полски уметници, вклучително од Јежи Новосјелски и Јан Цибис, пристигнале во Скопје по трагичниот земјотрес од 1963 година. Половина век подоцна, непознатата полска колекција на современа уметност првпат може да се види на едно место, благодарение на онлајн изложбата, направена на Google Cultural Institute од страна на Министерството за надворешни работи на Република Полска и Амбасадата на Република Полска во Скопје.

Приказната за полската колекција на современа уметност предадена на Скопје е приказна за неверојатниот гест на полските и светските уметници, кои во чин на солидарност му го подариле на градот, уништен од земјотресот, најценетото што го имале – своите дела. Затоа онлајн изложбата е наречена „Скопје. Уметност на солидарноста“. Неа ја придружува и документарен филм со истиот наслов, за акцијата на полските творци и уделот на Полјаците во обновата на разурнатиот македонски град.

- Колекцијата што му беше предадена на Скопје од страна на Полјаците е жив прирачник за историјата на уметноста од првата половина на XX век: пресек на делата на мајсторите – на академските професори клучни за повоениот уметнички живот и на нивните ученици – студентите од 40-тите и почетокот на 50-тите години – вели Јацек Мултановски, Амбасадор на Република Полска во Скопје, кој заедно со својата сопруга Кинга Нетман-Мултановска беше иницијатор за дигитализацијата на полската колекција на уметничките дела во Македонија. Во збирката можат да се најдат трудови од класиците на предвоената полска авангарда и од експериментаторите на сликарството на материјата. Меѓу авторите на делата се наоѓаат и Јежи Новосјелски, Анджеј Струмило, Тадеуш Доминик, Алфред Леница, Ева Марија Лункјевич-Рогојска, Тадеуш Маковски, Јан Тарасин, вкупно 135 уметници.

Станислав Фијалковски

Зад колекцијата, исто така, се крие и приказната за животот на полското боемство на почетокот на 60-тите години. За повоената Варшава портретирана во романот „Лошиот“ од Леополд Тирманд, за џез-клубовите во коишто свирел Кшиштоф Комеда, за Краков на истакнатиот основач на авангардниот театар Тадеуш Кантор, за романите на Марек Хласко, за бунтот против комунистичките власти на Народна Република Полска и за разните уметнички групи, што дејствувале своевремено во полските градови.

Полските архитекти, кои учествувале во обновата на Варшава, уништена од Германците за време на Втората светска војна, Адолф Циборовски и Станислав Јанковски, биле едни од креаторите на урбанистичката концепција за обновата на Скопје. Полјаците, поточно варшавската група архитекти наречена „Тигри“, во состав на Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки, ја проектирале, исто така, градбата на Музејот на современата уметност во Скопје, отворена за посетителите во 1970 година. Токму во овој музеј пристигнувале делата од уметниците од сите страни на светот, меѓу нив и на толку славни уметници како Пабло Пикасо. Денес во македонскиот музеј, во постојаната поставка што презентира 330 од собраните 5.000 дела, може да се види само едно полско дело – „Композиција“ од Хенрик Стажевски.

Анджеј Струмило

Благодарение на Амбасадата на Република Полска во Скопје, како и на активностите на Министерството за надворешни работи на Република Полска, од 24 април 2015 година колекцијата е достапна на Google Cultural Institute, односно виртуелниот музеј на уметноста на Google, во полска и англиска јазична верзија.

За нас беше важно оваа исклучителна колекција да биде достапна за љубителите на уметноста. Се надеваме, исто така, дека ќе успееме да ја презентираме во реален простор во Македонија и во Полска – додава амбасадорот Мултановски.

Види ја онлајн изложбата „Скопје. Уметност на солидарноста“:

Полски: www.google.com/culturalinstitute/exhibit/SgJyPsOsHKv5LQ?hl=pl

Англиски: www.google.com/culturalinstitute/exhibit/SgJyPsOsHKv5LQ?hl=en

Филмот „Скопје. Уметност на солидарноста“ можете да го погледнете подолу.

ОкоБоли главаВицФото