Последно собирање на поштата

29.04.2015 11:03
Последно собирање на поштата

Писмото што го очекував патува инкогнито во еден плик
Што марката го покрива цел и дури го преминува
Таа марка е поништена со зодијак
Со голема мака може да се одгатне моето име во нејзината иззапченост
Кога тоа ќе стигне кај мене сонцето ќе биде студено
Ќе има морски отпадоци врз плоштадот Бланш
Меѓу кои ќе може да се забележи мојата храброст
Слична на вртелешка за верверици
Јас ќе го отворам со еден удар на весло
И ќе почнам да го читам
Тоа не ќе може а да не предизвика собирање на толпа
Но јас нема да запрам
Никогаш чуените зборови ќе бликнат
Ќе бидат тие од запалена слама и ќе светат во кафезот од азбест
Обесен на дрвото од загатките
Писмото што го чекам ќе биде во боја на згаснатите едреници
Но во новостите што ќе ми ги донесе во нивните облици на роса
Јас ќе го најдам сето она што сум го загубил
Оние светлини што ги нишаат нештата што не постојат
Оние животни чие пресоздавање ме одмаздува
Оние камења за кои верував дека се фрлени за да ми ја најдат трагата
Нека биде сосема мало тоа писмо што го чекам
Само нека не се загуби меѓу зрната отров

Препев: Влада Урошевиќ
Слика: Graham Curran

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото