1011 hPa
67 %

13 °C
Скопје - Саб, 15.03.2025 04:59
Скопје, 29 април 2015
Лошите шеги што премиерот Никола Груевски ги кажува на митинзите низ Македонија се подметнати од странски служби, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
Со соопштение излезе и Министерството за внатрешни работи, во кое се вели дека веќе има осомничени кои ја признале својата поврзаност со Бранислав Нушиќ, а постојат основани сомненија дека дел од групата која му подметнала лоши вицови на премиерот соработува и со Монти Пајтон.
Извор од ВМРО-ДПМНЕ близок до премиерот вели дека се обидувал да ги убеди Никола Груевски и Мартин Протуѓер на митинзите низ државата во говорот на премиерот да има барем мала импровизација, наместо да се чита сè.
„Се обидов да го убедам премиерот барем вицовите да не ги чита од лист, за да не дојде до несакани подметнувања, но тој не сакаше ни да чуе, а се противеше и Мартин Протуѓер“, вели нашиот соговорник.
Се побунија и неколкумина симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, како и гледачи кои на телевизија ги начекале вицовите на премиерот.
„Не знаеме дали странски служби стојат зад вицовите на Груевски, но тие се ужасни. Дополнително нè збунува тоа што веќе подолго време не знаеме дали премиерот е сериозен или не, и кој дел од говорите и ветувањата е виц, а кој не“, резигнирано вели Петар С. од Битола.
Загриженост изрази и бранителот на Македонија Тони Михајловски, кој смета дека Груевски може да му го земе лебот.
„Недозволиво е еден политичар да биде сам свој палјачо. Ако сите прават така, што ќе работиме ние“, вели овој актер, шоумен, стенд-ап комичар, бранител на Македонија и водител на митинзите на ДПМНЕ.
Екипата на Пара вести преку телефон стапи во контакт со Владимир Пешевски, кој своето мислење го изрази преку песна:
„Никола, Никола, нешто чудно ми се случува...“, запеа вицепремиерот и ја спушти слушалката.