ГТЦ или пустош

30.04.2015 01:34
ГТЦ или пустош

Се изнаслушав деновиве после референдумот за ГТЦ „мудрости“ од типот дека тој бил неуспешен, слабо изведен, дека градоначалникот на Општина Центар треба да понесе одговорност и слично, а најголемата моронштина од сите е содржана во соопштението на агитпропот на владеjачката партија дека „мнозинството граѓани покажале дека не ги одобруваат политиките на СДСМ и нивната коалиција“, дека се работи за некаков неуспех и дека референдумот бил „политички оркестриран од СДСМ и Жерновски“ со „огромна поддршка“ на целата „машинерија“ невладини организации и медиуми „финансирани од Фондацијата Сорос“. Со еден збор, вели пораката на ЦК-то на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на Општина Центар го поддржаа „истенчениот естетски вкус на владетелот“.

Ајде да ја разгледаме „неуспешноста“ на референдумот. Дали навистина се работи за некаков дебакл?

Во Центар има вкупно 43.560 гласачи. Од нив на гласање за референдумот излегле 40,46 отсто, од кои најголемиот број гласале „за“ (96,2%), а против биле само 3%. На него не се појавиле само подлизурковци на власта кои од ползење го изгубиле сопственото „Јас“ и луѓе од планина за кои гипс-картонот, стиропорот, златната фарба, шупливите капители и лажните прозорци се барок и уметност, или некаков таен јазик, скриен симболизам на масонеријата. Зарем масоните станаа морони?! ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2014 доби 418.615 гласови. Во Македонија за изборите во 2014 со право на глас се стекнале 1.799.572 гласачи. Од вкупниот број избирачи бројот на освоени гласови на партијата која владее со Македонија не изнесува ниту 25 отсто. На претседателските избори гласале 869.137 лица, што е помалку од 49% со право на глас, а не излегле на гласање 910.435 лица со право на глас. Гласовите на двајцата кандидати за претседатели изнесуваат под 50%. Патем, референдумот го бојкотираа сите владини медиуми, па дури и безгласниот претседател на државата заедно со министрите во владата кои се водат како жители на Центар. Пастирот не е од Центар, па не можел ни да гласа! Кутриот, а толку е вљубен во барокот!

Референдумот беше организиран од граѓани на Центар кои се загрижени и згрозени од нагрдувањето на општината и на Скопје со стиропорен барок и со соцреалистички фигурини, кои власта и неуките ги нарекуваат „гордост македонска“, а всушност претставуваат најголем срам за Македонците и се израз на дрско извитоперување на нивниот идентитет до обезличување. Зад референдумот не стоеше никаква партија (и покрај тврдењето на власта), а поддршката од СДСМ и од останатите партии, меѓу кои и од ДОМ (партија која партиципира во власта) произлегува од основните норми и потребата за зачувување на автентичноста на едно уметничко ремек-дело. Ваквата непишана норма кај нас е регулирана и со (реално многу двосмислен и лош) Закон за авторското право и сродните права. Само оние од планина и застрашени партиски безрбетници не излегоа на референдумот. Затоа е „неуспешен“! Високиот процент на оние што гласаа „за“ зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ говори јасно дека се работи за голема бројка на противници на нагрдувањето на градбите што го спроведува оваа власт. Нормално, за многумина неуки и припрости турбофолклорниов барок, неговиот лажен сјај и сијаличките во боја се врв на естетика!

На референдумот излегоа граѓани кои се свесни дека претворањето на едно ремек-дело на современата македонска архитектура во новокомпониран барок претставува негово бескрупулозно нагрдување и сакатење. Според законот за авторски права ова е илегален чин, обид да се уништи, обезличи и омаловажи дело од непроценливо историско и естетско значење за Македонија. Пресвлекувањето на Зградата на ЦК-СКМ, на Стоковна Куќа НАМА, на повеќето згради во Центар и на Градскиот трговски центар во грд лажен барок е поразителен и фатален за нацијата, за нејзиниот идентитет, но пред сè за Македонија како држава! Со ваквиот чин на преобразба на туѓите дела во свои може да се гордее само некоја малоумна будалетинка. Градот Скопје почна да служи за потсмев, како пример за кич, егземплар за големината на глупоста на еден забеган владетел.

Замислете на некој полуписмен премиер на некоја држава да му текне да ги преправа „Хамлет“ и „Јадници“, да ги превртува зборовите во нив и потоа да ги потпише како свои дела. Како би се одвивала таквата преработка? Му текнало зборот авантурист да го замени со алтруист, па онаму каде Шекспир пишал хипокрит, тој почнува да реди сторија за некојси Хипократ... Замислете некој сликар аматер да се сети да ја премачка „Герника“ само затоа што му била премногу црно-бела, токму како што на некои им беше премногу празен просторот на Плоштад Македонија, па почне да си реди на неа „живописни бои“. Замислете што би било, ако истиот „талент“ се сети дека сликите на Кандински и Кле се премногу детски, па да почне да исцртува сериозни фаци преку нив и да ги претвора во колоритни реалистички дела со Ифигенија и со Коњите на поило како мотив. Или да ги искречи со бела боја „Црниот круг“ и „Црниот квадрат“ на Маљевич, па потоа да ги преименува во „Бели“. Како тргнале овие наши мудреци, би можеле и тоа да го сторат. Среќа што овие дела се наоѓаат во други земји, на сигурно и подалеку од нивниот дофат.

Срамното нагрдување на зградите од центарот на Скопје со малограѓански барок продолжува. Тие нема да сопрат тука! Бескрупулозно се нагрдуваат ремек-делата на реномирани македонски архитекти. Исчезнаа од градов и голем дел споменици како и голем број масла на платно од јавните институции. Дела со кои се гордеевме, сега се пресвлекуваат во грда турбофолклорна копија на барок од гипс и стиропор во обид да се сотре сè што се изградило некогаш во социјализмот и што го носи неговиот печат. Веќе започна премачкувањето на зградата на ЕВН. Започнато е и обезличувањето на Стоковна куќа „НАМА“, а се прават обиди да се преоблечат во нови „барокни“ фасади дури и старите згради на „Илинденска“, при тоа целосно игнорирајќи ја нивната класицистичка и неокласична автентичност. Ова е вулгарен чин на уништување од кој не се срамат само оние малограѓани дојдени вчера од пустелија во град, што сега се обидуваат да ни се претстават како стари граѓани вадејќи го сиот свој невкус на површината, воодушевувајќи ѝ се на Виена, раскажувајќи снобовски дека биле во Париз, во Берлин, Будимпешта... Таквите никогаш нема да ги видите по музеите и галериите на овие градови. Тие одат таму само за шопинг и да се пофалат дека „биле“ и „виделе“ нешто, правејќи си селфи со камерата што за нив, заедно со купеното парче гардероба, или сувенир, ќе е воедно и единствениот доказ дека биле таму.

Само неуки и полуписмени сурати можат да бидат убедени дека ширењето на ваквото китено грдило низ Скопје е уметност и дека претставува некаква преродба. Само таквите можат да веруваат дека градот со ваквата накарадна преродба се претвора во некаква светска метропола. Она што најмалку го разбираат е големината и значењето на делата што ги уништуваат за нивната сопствена татковина. За ваквите сурати сè што не се способни и не можат да го разберат и почувствуваат со нивниот „преголем ум“ и празната душа не е уметност и спаѓа под „мачканици“, па затоа спремни се да ги уништат затоа што за нив таквите „нешта“ немаат никаква вредност! Токму тоа му се случува на Скопје со лажниов барок – едно големо моронско уништување, обезвреднување, негово нагрдување и едноумно-безумно униформирање во обид да се стекнеме со нагледни средства за некаква новообмислена, најчесто туѓа, историја која ќе ја наречеме „наша“. Што е следно!? Префарбување на делата на Петар Мазев, Гуте Аврамовски, Симон Шемов, Веле Ташовски и др. во соцреалистички мачканици по теркот на ташкентската школа, или нивно ставање во барокни рамки? Можеби ќе следува и преуредување на универзитетските згради на УКИМ, проектирани од Кензо Танге, и нивна замена со ала Чаушевски-Автокад-темплејт-фасади! Дали воопшто сме свесни какво големо зло ни се случува? Ова е најдрското и највулгарното уништување на културата и уметноста на сопствената нација, потполно идентично со уривањето на древните градови Хатра и Нимруд во Ирак од страна на исламските радикали! Има ли поголемо предавство од тоа да си ги уништиш културно-историските вредности, уметноста на сопствената нација за да го сокриеш минатото! Веќе беа исфрлени од Собрание во контејнер делата на Томо Шијак. Меѓу новонастанатите руини од Стара Железничка беше фрлена една скулптура на Дада. Во шалтерскиот дел на Македонски пошти изгоре муралот „Еп за слободата“ на Борко Лазески. Едно негово масло на платно („Самоил“) е уништено и во зградата на Филмскиот фонд. Зарем ова не посочува на систематско и намерно уништување на дела на наши врвни ликовни уметници, многу слично како горењето и спалувањето на „издегенерираната уметност“ во нацистичка Германија?

Дали Референдумот беше политички чин? Штом политиката е вмешана во детерминирањето на естетиката и во одредувањето на уметноста со што ја обезвреднува и нагрдува до безличност, референдумот е крик на совеста! Да беа барем похрабри членовите на владејачката партија, па да се одважеа да излезат на референдумот и да го дадеа својот глас „против“ задржувањето на автентичниот изглед на ГТЦ, ќе знаевме дека тој е безуспешен и дека пропаднал. Вака, по наредба на ЦК-то се сокрија длабоко во своите глувчешки дупки. Без глас, без свој став. Како телиња. Гласањето „за“ сочувување на автентичниот изглед на ГТЦ беше високоморален чин без примеси на политика! Тоа беше обид на група граѓани да ја одбранат уметноста од неуки бандити кои решиле сè во земјава да премачкаат по свое, оставајќи пустош зад себе.

За жал, верувам дека власта ќе го игнорира резултатот од референдумот. Таа ќе остане глува и без чувство за граѓаните од Центар, заслепена од убедувањето дека секое спротивставување на нивните „мудрости“ е по автоматизам организирано и оркестрирано од опозицијата. Преправањето на ГТЦ во ликот на софискиот ЦУМ ќе започне некаде во летниот период кога повеќето центарци ќе бидат заминати на одмор. Онака, чисто од инает, како казна за претрпениот трикратен тежок дебакл на локалните избори. Барокизацијата ќе започне „храбро“ ноќе, во глуво доба, како што тоа го сторија неколку пати досега. Нека му е вечна слава на ГТЦ!

Извор: ajvandoktor.blogspot.com

ОкоБоли главаВицФото