Програмата „dick pics“, сикрет-сервисот и приватноста на граѓаните

30.04.2015 01:48
Програмата „dick pics“, сикрет-сервисот и приватноста на граѓаните

Едврард Сноуден и Џон Оливер во текот на интервјуто во шоуто Last Week Tonight. Фото: HBO. Колаж: СПФМ

 

Дали воопшто ги знаеме капацитетите и опсегот и длабочината на пенетрацијата на тајната служба во масовната операција прислушување која веќе два и пол месеци опозицијата ја обзнанува во форма на познатите „бомба прес-конференции“?

Она за што многу помалку се зборува поврзано со оваа афера, е откритието дека службите можат да го следат секој граѓанин, секој телефонски разговор, интернет-комуникација…, а ние не знаеме ништо или многу малку за тоа, бидејќи се докажа дека македонската тајна служба или, официјално, Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР е без цивилна контрола во последните осум-девет години.

Како се измолкнале толку големо количество прислушувани материјали? И тоа од сектор во МВР кој во своето име ги има зборовите „безбедност“ и „контраразузнавање“ – Управа за безбедност и контраразузнавање?! Како да е гаражата на комшијата во која тој сѐ уште ги крие срамотните списанија…

Објавувањето на прислушуваните материјали покажа дека тоа може да излезе од контрола. Дека менаџирањето со вакви материјали е деликатно, комплицирано и премногу одговорно. Примерот со неконтролирано „истечените“ материјали за Црвенковски за време на презентацијата на дел од прислушуваните материјали на Жерновски за општина Центар, потврди дека се работи за особено деликатен процес.

Како и да е, еден сериозен дел од прислушуваните материјали веќе е објавен и јавноста, надлежните институции, медиумите… ниту смеат да ги игнирираат, ниту, пак, да ги злоупотребуваат.

Но, колку успеваат или колку, воопшто, прават медиумите на планот на утврдувањето на последиците од непрофесионалното работење на тајната полиција. За ова добра илустрација може да биде истражувањето на јавното мислење кое неодамна го направија Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС), во соработка со телевизија „Телма“.

ПРИВАТНОСТ И КОГА МОЖЕ ДА СЕ ЗАШТИТИ

На прашањето „Дали во аферата со прислушувањето што ја објави опозицијата чувствувате дека вашата приватност е загрозена?“, 43 проценти од испитаниците чувствуваат дека приватноста им е загрозена. Спротивно на тоа, 50 отсто од испитаниците не чувствуваат таква загрозеност. Бројката на граѓани кои чувствуваат загрозеност е голема, земајќи предвид дека 43 отсто од целокупната возрасна популација во Македонија изнесува 680.000 граѓани, меѓутоа другиот процент е посериозен зашто е голем процентот на граѓани кои оваа афера на ја доживуваат како потенцијална загроза на нивната приватност.

И целата јавна дебата за работата и за контролата на УБК, која е само страничен ефект од аферата, речиси воопшто, суштински, не ја отвори сеопфатно дебатата за работењето на УБК од аспект на загрозата на приватноста на граѓаните. Можеби е тоа разбирливо, но засега доминира дневно-политичката дебата.

Има една интересна анегдота во текот на експликацијата на Џон Оливер, пред да почне интервјуто со Сноуден, во која тој на свој, сатиричен начин, ја контекстуализира дебатата за аферата „Сноуден и НСА“ во САД. Погледнте го видеозаписот од 12:01 до 13:35 минута. Разговорот со една претставничка на Конгресот на тема работата на тајната служба во Америка е прекината со вонредна вест за апсењето на Џастин Бибер заради тоа што недолично се однесувал.

Во практиката на нашите медиуми, такви паралелни појави има во изобилство. Цели вечерни вести им се посветуваат на алергиите, на гостувања на некакви поп или фолк-ѕвезди, додека „бомбите“ за прислушување експлодираат речиси секој ден. Вести и прилози за нив или нема или ги има во аптекарски дози.

Сосема добра илустрација, нема што. Знаеме дека оваа дебата не е лесна, но таа мора да се спроведе и да се спроведе одговорно и на соодветно ниво. Без да се отргнува вниманието од јавноста од суштинската тема – цивилната контрола на УБК.

Едноставно, неверојатно е како медиумите во Република Македонија се поделија околу тоа дали треба да бидеме вознемирени поради можноста некоја јавна служба, служба која што ја финансираат граѓаните на оваа земја, за своја цел да ги има токму тие граѓани. Овде зборуваме за неовластено прислушување, односно за злоупотреба на позицијата, на моќта и на ресурсите кои се во јавна сопственост, односно сопственост на граѓаните, а не на некоја партија или поединци.

ARGUMENTUM AD ABSURDUM

Интервјуто на Џон Оливер со Едвард Сноуден, човекот кој им достави на медиумите огромно количество неовластено прислушувани материјали од американската НСА, ја осветли целата оваа деликатна и комплицирана ситуација од еден друг аспект – од аспект на сатира и на иронија. Џон Оливер го доведе целиот тој, крајно сериозен случај и за безбедноста на САД и за приватноста на огромен број граѓани, до апсурд за да ја покаже немоќта на народот и на институциите да ги контролираат тајните служби.

Џон Оливер употреби една класична новинарска форма – интервју и го стави во одежда на иронијата, сатирата и на апсурдот за да го докаже тоа. И успеа. Тоа е новинарство со големо Н.

За да ја оствари оваа своја намера, Џон Оливер успеа да договори и на сними интервју со еден од најбараните луѓе во светот, Едвард Сноуден. Тој човек го бара една од најмоќните тајни служби на светот, таа на САД.

Ова интервју е чудесно од неколку причини. Една од нив е како Оливер успеа да го соочи Сноуден со реалноста како луѓето, широките народни маси, гледаат на неговиот подвиг.

Уште на почетокот, Џон Оливер го одредува тонот на интервјуто кога вели: „Сите ние сакаме совршена приватност и совршена безбедност, а тие две работи не можат да коегзистираат“.

Сноуден се обидува да ги афирмира своите, веќе добро познати, причини зошто одлучил да ја разоткрие нелегалната операција на масовно прислушкување на НСА, но Оливер го прекинува неколкупати и со снимени анекти му докажува дека никому не му е гајле или дека огромен процент од Американците не знаат што направил Сноуден.

Сноуден признава дека му е познат таквиот став на мнозинството американски граѓани, но не отстапува од тоа да објасни зошто е важно луѓето да знаат дека не смеат да бидат прислушувани. Но, колку што е упорен во својата намера, дотолку повеќе Оливер му укажува на игноранцијата.

Врвот на апсурдот новинарот го изведува кога му нуди на Сноуден анкета во која ги прашува граѓаните како би реагирале кога тајните служби би ги пресретнале нивните интернет-комуникации, во кои тие разменуваат приватни и интимни фотографии со експлицитна содржина, односно со фотографии од нивните полови органи.

Ех, тука настанува експлозија од реакции кои никако не одобруваат нивните „dick pics“ да бидат уловени од сикрет-сервисот.

Овој интересен пресврт во мислењето на граѓаните го прифаќа и Сноуден, кој наеднаш сфаќа дека сите негови досегашни медиумски настапи заедно, не постигнале таков ефект каков што навестува ова интервју. Зашто граѓаните, со оваа сатирична интервенција на Џон Оливер, добиваат експлицитна претстава за инвазијата и за димензиите на агресијата на нивната приватност.

Некому може да му изгледа дека поедноставувањето на една толку голема злоупотреба и незаконска активност, каква што е прислушувањето на граѓаните, е непропорционален чекор, но Џон Оливер најдиректно покажа дека неговата постапка ги принуди луѓето да погледнат подлабоко и да се обидат да ги согледаат вистинските димензии на една ваква операција, каква што е прислушувањето.

Уште една работа потврди Џон Оливер: Докажа дека моќта не медиумите е непроценлива и неочекувана, доколку со нив се работи на креативен начин.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).