За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (1)

04.05.2015 02:06
За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (1)

Државно-корпоративниот апарат на надзорот

Живееме во мрачни времиња на неолибералниот капиталистички светски поредок каде што правото на приватност, темелник на идеалите на модерната демократска држава, е непрепознатливо во празната правничка реторика за наводното негово почитување од страна на оние кои секојдневно го кршат тоа право. Во овој поредок правото на приватност е крајно обезличено од нарцисистичката култура на селфиња и трагање по лајкови на социјалните мрежи на она што Хенри Жиру го нарекува казино капитализам и неговата постојана потреба да ја комерцијализира секоја човекова врска и акт, и дa го направи видлив и податлив за информатичка манипулација секој аспект и податок од нашето секојдневие. Влезени сме длабоко во тоталитарната параноја на пост-орвеловата држава на потполн и постојан надзор, чија задача е да произведува недоверба и поделба меѓу граѓаните, да им ги исече дури желбата и капацитетот да размислуваат слободно и да разговараат слободно меѓу себе, додека во исто време од милиони екрани ги манипулира и дезинформира со една виртуелна, крајно ментално отапувачка „реалност“, како онаа што ја гледаме во филмската франшиза „Игри на гладот“.

Технолошките капацитети (капацитети кои Орвел не можел да ги замисли ниту во неговите најзлокобни кошмари) за масовен постојан надзор се веќе тука: паметни телефони со систем за глобално позиционирање, вградени камери и микрофони, паметни телевизори, часовници и компјутери со еден куп апликации за комуницирање и социјално вмрежување. И колку лесно си ја даваме слободата и приватноста кога ги делиме нашите најинтимни моменти, емоции, мисли, забави, вкусови, болести и надежи по социјалните мрежи, и вака доброволно си стануваме храна за сè погладната машинерија на шпионската држава, која сега е спој на моќни деловни интереси, концентрирана моќ во мал круг луѓе, нови информатички технологии и досега невидени технолошки можности за контрола и надзор на милионски популации.

Живееме во голем страв кој храни една тешка илузија дека ако, ете, ја оставиме политиката настрана од електронските животи што ги живееме на интернет, дека нема да бидеме предмет на разузнувачка обработка. Нашите мобилни ни го следат секој чекор, а сите наши комуницирања поминуваат низ централизирани сервери, за потоа сите тие да бидат зачувани во информатичките банки каде што секој пост, чат, разговор или СМС во кое било време, и ако им затреба на тие што имаат пристап до овие информации, можат да бидат извадени за обработка.

Секој шопинг на интернет, секој збор или фраза за пребарување на Гугл, секој од нашите контакти во нашите мобилни, секој погледнат клип на Јутјуб или филм на Нетфликс, секоја симната песна од Ајтјунс, секој музичар слушан на Пандора, секоја посета на која било веб страница се следени од шпионските софтвери на информатичките гиганти, речиси сите од САД, кои ги користат овие информации за комерцијална добивка со нивно продавање за персонализирани и таргетирани рекламни и маркетиншки потреби на кој било подготвен да плати за нив.

Сега владите насекаде на светот, со различна ефикасност и софистицираност, упаѓаат во овие информатички корпорации, како и во оние компании што нудат пристап кон интернетот, со мешавина на законодавно уценување, поткупување преку купување информации од овие корпорации, хакирање итн., со цел да обезбедат информации за свои политички интереси. Нашите најинтимни податоци, движења, желби, фотографии, видеа и приказни сега им се достапни не само на шпионските служби на земјите во кои живееме, туку и на шпионските служби на многу други земји, посебно на САД, според кои Гугл, Фејсбук, Микрософт и Епл по американскиот „Патриотски закон“ мораат да соработуваат со Националната безбедносна служба (НСА) и многу други американски разузнувачки и контраразунавачки служби. Електронските траги што ги оставаме по социјалните мрежи, на интернет, на нашите паметни мобилни телефони се следени и од разузнувачките служби на многу мултинационални компании.

Сега сме сведоци на спојувањето на разузнувачките служби и на шпионските пориви на државата и корпорациите во еден државно-корпоративен апарат за надзор. Овој апарат плете авторитарна пајакова мрежа на тајност, сомнеж, насилство санкционирано од државата и незаконитост во име на често мистериозните интереси на државната безбедност. Логиката на овој апарат е прoгностичка - превентивна, што значи во економската сфера однапред да се „прогнозираат“ желбите и потребите на потрошувачите за да им се пласираат маркетиншки пораки и лесно купување на производи и услуги во реално време, а во политичката сфера да се спречи каква било закана по неолибералниот политичко-економски систем.

Како што Брајан Масуми луцидно сумира, живееме во времиња на постојан параноиден страв од недефинирани закани од иднината: кога она што не се случило, ама би можело да се случи, иако веројатноста тоа да се случи е многу мала, е пореално од она што навистина се случува. Како што тој вели, „заканата доаѓа од иднината. Доаѓа од она што може да се случи понатаму. Лоцирањето и обемот на заканата се недефинирани. Нејзината природа е отворена. Таа не само што не е [присутна]: таа не е присутна на начин кој може кога било да заврши. Никогаш не можеме да се справиме со таа закана. Дури и кога јасната опасност се материјализира во сегашниот момент, таа е сè уште непомината. Секогаш постои еден зајадлив потенцијал дека следната опасност може да биде уште поголема, и таа другата по неа уште поголема, итн… Секогаш останува некаков остаток на неизвесност, непотрошен вишок опасност” од иднината (во „The Future Birth of the Affective Fact: The Political Ontology of Threat“, во зборникот The Affect Theory Reader, Duke University Press, Durham, 2010, стр. 53, мој превод од англиски). Опасност која постојано се само-обновува.

Тоталитарна параноја

Емоциите кои оваа логика ги генерира се постојан страв, сомнеж и недоверба кои се претопуваат во еден доминантен афективен режим на параноја. Оваа параноја, пак, го „оправдува“ делувањето на државно-корпоративниот апарат за надзор кој постојано се бори да спречи некакви опасности кои самиот ги измислува и ги претвора во некакво страшно чудовиште со кое треба да се справиме по секоја цена, па дури и по таа што значи големо ограничување или укинување на нашите демократски права и слободи. Оваа логика на државно-корпоративниот апарат за надзор наопаку го става принципот за презумпција на невиност на кој се темели владеењето на правото во класичната либерална демократија. По превентивната логика на овој апарат, секој е однапред осомничен и потенцијално виновен додека не се докаже поинаку и како таков секој мора да биде подложен на надзор и контрола на државните и корпоративните разузнувачки служби.
Според многу американски прогресивни интелектуалци, НСА и другите американски разузнувачки служби, работат напорно на градење на авторитарна држава по системот клуч на рака во кои нашите електронски животи стануваат јавна сопственост на државно-корпоративниот апарат за надзор, октопод со илјадници пипала. Пред некој ден, дури и официјален Брисел се огласи со препорака на Европејците да престанат да го користат Фејсбук ако им е важно правото на приватност, а во исто време размислува да ги присили американските информатички гиганти да ги чуваат податоците на Европејците во сервери лоцирани во ЕУ и според европски правила.

Надзорот е сега глобален. Националните граници не се никаква пречка во собирањето на информации за цели влади, индивидуални личности, угледни политичари, бизниси и продемократски протестни групи. До каде стигнуваат авторитарните сеприсутни пипала на државно-корпоративниот апарат за надзор и безбедност може потполно да се разбере само во контекст на постоењето на поширока култура на контрола и казнување што можеме да го видиме од сеприсутните камери по улиците и раскрсниците, приватните агенции за обезбедување кои патролираат по училиштата, биоскенерите, рентгените и задолжителните „случајни“ претреси на нашите тела по аеродромите, милитаризирањето на полицијата која се користи како обезбедување на економските интереси на локалните моќници, создавањето на воено-индустриски-академски комплекс и сè почестото означување на секој акт и личност која искажува многу различно мислење од оние што се на власт како, кај нас, чин на предавство, на работење за странски интереси, а во САД и како акт на тероризам.

Во исто време, оваа култура на надзор и казнување забревтано работи на тоа да го сврти вниманието на јавноста од страшните ефекти на државата на надзор по нашите индивидуални слободи преку трансформирање на надзорот во извор на масовна забава. Нашите ТВ екрани вријат со реални ТВ шоуа како „Големиот брат“, преку кои самиот факт дека сме под постојан надзор се нормализира како воајеристичко задоволство за масовна потрошувачка. Ако на ова ги додадеме сите холивудски и нехоливудски филмови и ТВ серии во кои се слават и гламуризираат хакерите и професионалното шпионирање во кои владини агенти заедно со нивните сезнајни технолошки играчки се борат против „терористи“ и други „сили на злото“, дополнително гледаме како културата на надзорот го „оправдува“ надзорот како начин на живеење кој треба да го прифатиме како нешто најнормално, како цена која треба да се плати за да се уживаат благодатите на социјалните мрежи, и нашите сезнајни паметни телефони, телевизори, часовници и компјутери.

Она што навистина многу загрижува е прифаќањето на оваа ситуација како нешто нормално од огромниот дел на јавноста, која заборава дека неовластеното прибирање на лични информации за луѓе кои со ништо немаат прекршено каков било закон во името на државна безбедност или комерцијални интереси е процедура типична за една тоталитарна држава. Државната безбедност е многу често непрецизно дефинирана во релевантните закони, кои истот ака многу често се тајни и недостапни на увид на пошироката јавност, и на тој начин останува да биде слободно интерпретирана од оние кои се во најмоќните државни позиции и секогаш под влијание на најсилните економски интереси во државата. Кога зборуваме за тоталитаризмот и авторитарноста, обично мислиме на „источни“ земји, култури и општества. Но, реалноста е многу поинаква. Многу „западни“ земји кои ги сметаме за „лулки“ на модерната демократија денеска се на прагот на тоталитарната држава.

Тоталитарната држава на надзорот и неолибералниот капитализам одат рака под рака

(Тоталитарната) држава на надзорот и неолибералниот капитализам одат рака под рака. Поинаку кажано, државно-корпоративниот апарат на надзорот го „чисти“ теренот за непречена акумулација на капитал во неолиберални услови. Главните елементи на неолибералната економска политика се: приватизација на јавниот имот и јавните добра (вода, струја, патишта, шуми, руди, итн.), деполитизација на граѓанството, гушење на демократските институции и на демократскиот капацитет на граѓанското општество, дерегулирање на пазарите на работна сила, намалување и елиминирање на системот за прогресивно оданочување (каде што богатите плаќаат поголем данок), ограничување на делувањето на синдикатите, драстично намалување на обемот на социјални бенефиции и активно охрабрување на конкурентски и претприемачки начини на однесување низ сите општествени сфери. Крајната цел на неолибералната контрареволуција е да се намалат даноците и давачките на богатите и мега-корпорациите, да се создаде една работна сила која „доброволно“ прифаќа да биде експлоатирана во услови на постојана економска неизвесност, а во исто време да се продадат сите јавни добра на приватни интереси. Политичарите овде играат улога на главни олеснувачи на процесот на економската акумулација на приватен капитал во политичката сфера, а за возврат стануваат и големи профитери од истиот процес.

Доаѓањето на глобалната политичко-економска сцена на неолиберализмот се совпаѓа со тектонските поместувања во центарот на глобалниот капиталистички систем во 1980-тите од индустриска економија која произведува трајни и опипливи производи кон постиндустриска економија на неопипливости: знаења, информации, комуникации, услуги и имиџ. Во следните три децении индустриските капацитети и капитал се селат од глобалниот запад и север на глобалниот југ и исток, процес кој потполно ја декласира работничката класа составена од староседелци и мигранти во глобалниот север и запад. Во исто време, типичната западноевропска социјална држава беше размонтирана, оставајќи ги декласираните работници во овие земји во крајна социјална и економска неизвесност. Од хуман капитализам кој беше социјално одговорен, ги гарантираше личните, човековите и работничките права и во кое се имаше чуство на колективна одговорност кон маргинализираните во општеството, неолиберализмот креираше еконономска, политичка и социјална криза во западна Европа која до ден денес се „решава“ преку наоѓање на вината за таа криза во „неконтролираната“ миграција на странски работници.

Неолиберализмот верува во една крајно осиромашена, скоро анималистичка визија за општеството каде што нема место за солидарност и грижа за другите, посебно за послабите и маргинализираните групи на луѓе, оние кои се губитници во неолибералниот економски поредок. За неолиберализмот постои само еден брутален индивидуализам, каде што секој човек е сфатен само како потрошувач и претприемач, сума на себични интереси кои го мотивираат да делува во едни конкурентски односи, примарно за стекнување економска добивка, моќ и општествен статус кој произлегува од стекнат голем капитал. Новата модерна промовирана од неолиберализмот е еден вид социјален дарвинизам, каде што општеството не е ништо друго освен арена за сурова борба за опстанок и во која правилата на игра се однапред наместени во интерес на оние во која е концентрирана економската, технолошката и политичката моќ. Покојниот харвардски економист Џон Кенет Гелбрејт ја окарактеризира оваа неолиберална модерна како срамна мешавина на приватен раскош и јавна мизерија.

Прашањето на државјанство, односно на комплексната дијалектика на взаемни обврски и права кои граѓаните ги имаат во една неолиберална држава и учеството кое тие го имаат во донесување на одлуки кои ги засегаат, се сведува на аполитички права на потрошувачка во која секоја сфера на општеството се подразбира на економистички начин. На граѓаните им се нудат индивидуализирани пазарни решенија за структурни проблеми. На овој начин, неолибералното разбирање на концептот за државјанство го произведува недемократскиот граѓанин-потрошувач, кој е лесен за управување и контролирање, бидејќи тој се сфаќа себеси примарно како потрошувач, корисник на услуги дадени од страна на државата, а не како учесник во донесувањето на политички одлуки кои го засегаат. Во неолибералното сфаќање на правата на граѓаните, секој е добредојден да ги користи услугите што ги нуди државата (здравство, образование, итн.) ако може да плати за нив. Овој потрошувач-граѓанин ја сфаќа политиката со голема доза на цинизам, како крајно корумпирана и одвратна дејност од која тој се држи на дистанца. Тој го сфаќа активното учество во политичкиот живот на својата земја како нешто одамна надминато и непотребно.

Еден куп истражувања на јавното мислење по целиот западен свет укажуваат на тоа дека граѓаните имаат многу ниско мислење за своите политичари, и дека се чувствуваат потполно отуѓени од политичкиот процес. Сега веќе нашироко се зборува за демократски дефицит во целиот западен свет, дефицит кој сега трескавично се обидуваат да го „пополнат“ различни десничарски екстремисти: ултранационалисти, фашисти, ксенофобични анти-имигрантски партии и расистички движења, итн.

(продолжува)

Слики: Shaun Tan

ОкоБоли главаВицФото