Шатор

04.05.2015 10:14
Шатор

Опозицијата најави дека протестот, закажан за 17 мај, ќе трае додека Владата не си поднесе оставка. „Нема да заминеме, додека не заминат тие“, отприлика гласеше изјавата на опозициониот лидер Зоран Заев. Со други зборови, не се исклучува можноста опозиционерите да кампуваат пред Владата, со што, по кампувањето на средношколците пред Министерството за образование и наука, дефинитивно ќе го промовираат шаторот како симбол на отпорот кон владеjaчкиот режим.

Шаторот, впрочем, за тоа служи. Не, се разбира, како средство за отпор било кому, туку како привремено престојувалиште на отворен простор. Или попрецизно: шаторот е подвижно привремено пребивалиште од непропусно платно, кожа и слично, за престој на отворено место, за сместување на војници, планинари, кампери итн. Преносно, шаторот е сè она што се распнува и служи да се покрие нешто, па така во анатомијата постои шатор на малиот мозок, на пример. Оттука и чадорот е шатор. Всушност, иако во македонската лексика се прави дистинкција меѓу шатор и чадор, тоа е идентичен збор (спореди со „турските чадори“ во народните песни).

Шаторот се споменува во Библијата, каде што Јабал (Јабел, Јебел, Џабал, Џабел, Џебел, инаку Yabal) е опишан како првиот што живеел во шатор и одгледувал овци и кози. Според некои податоци, шаторите потекнуваат од почетокот на Железнoто доба. И денес, поради неговата практичност, шаторот е главно престојувалиште за опстанатите номадски племиња. Шаторите се традиционално живеалиште на Американските Индијанци (вигвами), на монголските племиња и турската војска (јурт) итн. Се чини дека за воени потреби најмногу ги промовираат римските легионери. Шаторот на римската војска е предвиден за една десетина, а старешината на шаторот, воедно и на десетината (денес би се нарекол десетар) ја има титулата – декан (decanus), што не е на одмет да го знаат сегашните средношколци и идни студенти. Најголемата револуција во војничките шатори всушност е замената на кожата со ленено или платно од коноп. Шаторот е главната бина на циркусот (циркуски шатор, некаде и шатра).

Шаторот игра огромна улога вооппшто во светската историја, но и во историјата на овие простори. Шаторот е место каде што се окончувани низа тешки воени и политички конфликти. Таканаречениот Карловачки мир од 1699 година, со кој е и официјално завршена големата Австро-Османлиска војна (1683-1697), е потпишан во еден голем четвртест шатор со четири влеза на сите четири страни, во близината на Сремски Карловци (денешна Војводина). Според одредбите на спогодбата, поразеното Османлиско Царство ги изгубило сите свои територии во Славонија, Лика, Крбава и Далмација, со што значително била намалена територијата на Босанската провинција (ејалет). Тоа е прв тежок пораз на Османлиите во историјата и први нивни територијални отстапки во Европа. Кога е во прашање Османлиската држава, ова е клучен настан, речиси еднаков на сметањето на времето, од типот на „пред“ и „после Христос“. За Македонија, особено за Скопје, оваа војна ќе остане запомнета по австрискиот генерал со италијанско потекло Силвио Пиколомини, кој во кампањата против Османлиите го запали Скопје речиси до темел во 1689 година. Причината за спалувањето на Скопје е големата епидемија на колера, од која умира и самиот Пиколомини.

За Македонија е особено значаен таканаречениот Санстефански мир (3 март 1878 година), склучен по тешкиот пораз на Османлиската држава од Русија (1877-1878). Иако многумина, веројатно по звучноста на името на Сан Стефано, мислат дека се работи за монденско место од типот на Сан Марино, Монако или Сен Тропе, ултимативниот мир по Османлиската држава е потпишан под еден обичен шатор на брегот на Мраморното Море во малото рибарско село Сан Стефано (турски: Ayastefanos). Денес Сан Стефано, практично е предградие на Истанбул и се вика Јешилкој, што во превод би значело Зелено Село. Со Санстефанскиот мировен договор Бугарија добива независност, а во нејзин состав е вклучена и целата територија на денешна Република Македонија. Сепак, големите сили не го признаваат овој договор (поради големото влијание на Руското Царство) и тој е ревидиран само неколку месеци подоцна на Берлинскиот конгрес (јуни-јули 1878 година).

Од поновата историја ќе го забележиме и Кумановскиот договор со кој е завршен српско-косовскиот воен конфликт, како и бомбардирањето на НАТО на Србија. Договорот е потпишан во ноќта меѓу 9 и 10 јуни 1999 година на воениот аеродром во близина на Куманово, односно во базата на КФОР, Талон. Практично со Кумановскиот договор заврши и бегалската криза во Македонија, предизвикана од огромниот број бегалци од Косово. Договорот постигнат и потпишан во еден шатор на КФОР, е склучен меѓу Меѓународните безбедносни сили (КФОР) од една страна и претставниците на владите на тогашна СР Југославија и на Република Србија од друга страна.

Зборот „шатор“ е со персиско потекло, а во македонскиот и другите сродни јазици е влезен преку турскиот. На турски е „çadır“ (чадир), додека на персиски е чадер, односно чадр.

Во теоријата и практиката, постојат и таканаречени шаторски градови (tent city), всушност простори каде што се поставени шатори за бездомници, бегалци или настрадани од некоја природна катастрофа. Во моментов најголем шаторски град е Катманду во Непал, каде што се згрижени луѓето што останаа без покрив над главата по неодамнешниот катастрофален земјотрес. Таков град беше и Скопје по земјотресот од 1963 година. Меѓутоа, шаторски градови се поставуваат и за протестантите и демонстрантите. Со протестот на средношколците, Скопје повторно заличува на шаторски град. Дали навистина ќе биде таков ќе се види на 17 мај и потоа. Ете, можеби и оваа политичка криза ќе биде решена во некој од тие шатори.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото