1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
На Саемот на книгата (05-11 мај 2015),ќе биде промовирана сликовницата „Глувци и мачки наопачки“ од поетот Луко Паљетак и илустраторот Александар Иванов, издание на Темплум. Во сликовницата се наоѓаат десет песни и четириесетина цртежи направени со дрвени боици. Во продолжение ви ги пренесуваме сликите и стиховите од првата песна во сликовницата...
Една мачка многу пиела,
трезна не била ни кога спиела,
само цугала,
само џокала,
само шљокала,
само локала,
и еден ден од покрив се скљокала
- баш дожд паѓал тој ден -
врз главата на глушец еден.
Тој глушец бил тотално трезен
и љубезен ко да е везен,
не пиел ни ракија ни џин ни рум,
пиел само тоникум,
пиел само некакви кокти
и малку грицкал нокти.
Кога од покривот паднала мачката
сосем се изгубила (а не била смачкана),
онака цврцната,
онака швркната,
во главата заматкана
по патот се запаткала
пијана ко затка!
Ни глушецот не бил смачкан,
само бил на работ на плачка,
онака шизнат,
онака ѕвизнат.
И така не било ништо.
Мачката сфатила дека се бламира,
дека друштвото ѝ се шокира,
па одлучила помалку да пие,
реномето да си го измие,
да биде вредна,
да биде чедна.
Оттогаш пиела само вода,
оттогаш пиела само сода,
и веќе не пиела рум,
пиела само тоникум,
пиела само некакви кокти
и малку грицкала нокти.
Глушецот па во страв се завил
голем зорт му се јавил,
мислел дека некој сака да го убие
и затоа почнал многу да пие.
Оттогаш само дремел,
ништо да прави не смеел,
„не можам да стојам на ноги“
- тој глушец стварно бил гроги.
Мачката пак тој глушец некаде
го сретнала и пак сакала да го јаде;
но кога видела како е цврцнат,
кога видела како е ѕврцнат,
веднаш паднала во несвест
бидејќи за глушецот немала вест,
онака тапирана,
онака фрапирана.
Глушецот видел дека треба да клисне,
видел дека треба да збришне,
но не можел да мрдне онака скиснат,
од пиењето онака свиснат.
Во главата му се вртеле баеги:
крукчиња, точкици, линии, риги,
секакви џиги-миги;
му се вртеле потоа и муцки и фрцки
и мачки и страчки и гачки и скачки
и играчки-плачки;
и така не било ништо.
Препев: Пандалф Вулкански
Извор: Глувци и мачки наопачки; Темплум, 2015