Распишан конкурс за промена на изгледот на Жарко Чаушевски

05.05.2015 02:08
Распишан конкурс за промена на изгледот на Жарко Чаушевски

„Алберт Хофман на зелен пазар“ - идејно решение за нов изглед на Чаушевски од архитектонското студио „Мен-Ге-Ле“

Скопје, 5 мај 2015

Владата распиша јавен конкурс за промена на изгледот на реномираниот македонски архитект Жарко Чаушевски, со цел тој подобро да се вклопи во барокното опкружување од центарот на Скопје.

На конкурсот имаат право да учествуваат пластични хирурзи, стилисти, фризери, кројачи, костимографи, автомеханичари, шминкери, тапетари и воопшто, сите граѓани кои имаат некаква креативна идеја во врска со новиот лик на Чаушевски.

„Предност имаат решенијата во барокен, ренесансен и неокласицистички стил, кои треба да потенцираат дека Чаушевски е дел од Европа и европската традиција“, велат од владата.

Славниот македонски архитект е задоволен од идејата за промена на неговиот изглед и историцистичко разубавување.

„Нимруд“ - идејно решение за нов изглед на Чаушевски од салонот за убавина „Magic Mushrooms“

„Кога шетав низ центарот на Скопје, изгледав пресовремено, неусогласено со околината. Едвај чекам да добијам барокен надворешен изглед. Но, од внатре ќе си останам ист, баш како зградата на Владата или како што планирам со ГТЦ“, изјави Жарко Чаушевски за Пара вести.

Владата и колегите-фасадери на Чаушевски ги предупредија граѓаните да не се обидуваат да го гушкаат со цел да го задржат неговиот стар изглед, но, како што покажаа нашите истражувања, за сега никој немал намера да го прегрне овој архитект.

Ако експериментот успее, се очекува да се барокизираат и други истакнати архитекти, јавни личности, професори, уметници и лица од македонската естрада.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото