Цветот што носи среќа

05.05.2015 12:02
Цветот што носи среќа

На Саемот на книгата (05-11 мај 2015), во издание на Темплум, ќе биде промовирана сликовницата „Цветот што носи среќа“ од поетот Михо Атанасовски и илустраторот Александар Иванов. Во продолжение ви ги пренесуваме сликите и стиховите од почетниот дел на поемата...

 

Под едно ритче, крај бистра речка,
кај растат журки, штавеј и млечка,
се гледа бела колипка сама,
со ѕид од плитар и кров од слама.

А внатре ‒ кревет, столчиња, маса,
икони две-три ѕидот го красат,
кандилце под нив и саноќ светка
ко тажно око на света Петка.

И сино око што цело лето
гледа во еден мал дел од светот,
некого како вечно да чека
оттаму негде од преку река.

Никого нема. Години минат...
бедата само како ѕвер зинат
тарашка често и бељи прави,
претура празни чинии, тави...

А тука, в таа колипка бедна,
живее стара вдовица една.
Син има само, порасна веќе,
почесто тажен отколку среќен.

Таа ја копа бавчата лете,
зиме ‒ ќе преде, нешто ќе плете,
ќе крпи некои алишта стари,
во котле пипер со грав ќе вари...

Син ѝ пак така, уште од дете,
рибарски мрежи сам ќе си сплете,
ќе шлапа в река, риби ќе фаќа,
со полна капа дома се враќа.

Или ќе појде зад ридот негде,
печурки бере и ѕирка сегде...
Сè нешто делка, сè нешто сече,
од рани зори до доцна вечер.

И преку лето и преку зима,
низ куќи многу работи има:
те треба да се пререди кровот,
те резе да се направи ново,
те овој-оној ѕид да се среди,
те да се сменат старите греди,
те пченка да се носи на таван,
па треба каца, зелка да става,
да цепи дрва, огрев да спрема,
па ова она и крај му нема...

 

А фати зима. Снег едно чудо.
Сè живо покри, сè скова студот.
Ни ѕвер, ни човек да шушне тука.
Сал ветрот дење на џамот чука,
во оџак дува во глува доба
и од под прагот се мушка в соба.

А внатре ‒ кревет, столчиња, маса,
икони две-три ѕидот го красат,
кандилце под нив саноќ што светка
ко тажно око на света Петка.

За авторите

Михо Атанасовски (1934-2008) е еден од најдобрите и најмалку познатите македонски писатели. Работел како новинар, прво во весник, а потоа во телевизија.

Автор е на книгите за деца: Од лав до страв (басни, 1962), Еден лав плаче од страв (басни, 1964), Марко новинарко (раскази, 1969), Во дворецот на сказните (римувани сказни, 1971), Големиот јунак (новела, 1975), Тајната на едно писмо (пиеска, 1976), Има еден прозорец (поезија, 1979), Куќичката со бела шамија (роман, 1987), Кога се сакавме со Тинка (роман, 1989), Бамбила од другиот свет (роман, 1992), Тутуле бале (поезија, 1994), Цветот што носи среќа (поема, 1994), Уличето со обетки од цреши (поезија, 1995), Пуземаже и Цинцилин (поезија, 1996), Љубовниот живот на Симсиле (новели, 1998), Вечери кај шадрванот (поезија, 2000).

Александар Иванов (1978, Штип) е илустратор и на претходната книга во едицијата „Во пет кај вртелешките“: Глувци и мачки наопачки од Луко Паљетак.

Правел мозаици,
сликал икони и фрески,
книги за деца,
и многу одел пешки.
Ах, смешки...
Живее и работи ваму-таму,
понекогаш овде,
понекогаш таму.

ОкоБоли главаВицФото