За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (2)

06.05.2015 03:47
За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (2)

Суровиот оптимизам на неолиберализмот

Неолибералното дерегулирање на пазарите на работна сила, каде во кое било време која било светска компанија може да најде работна сила која е подготвена да работи и за многу помалку пари, ослабувањето на синдикатите, инсистирањето на индивидуален наместо на колективен начин на договарање со работодавците и хонораризацијата на трудот создава структурно чувство на голема нервоза не само кај нискоквалификуваните работници, туку и кај висококвалификуваните работници кои се принудени да учествуваат во една несигурна, флексибилна експлоатација работејќи како илегални, сезонски, или привремени работници, вработени по договор, вработени без никаков договор и со нерегулиран статус, или како хонорарци кои работат од дома или самовработени. За сопствениците на капитал во неолибералната економија од најголемо значење е постоењето на една синдикално неорганизирана армија на висококвалификувани работници кои се флексибилни, постојано се образуваат на сопствена сметка и се подготвени да се справат со непрестајните технолошки промени, нови деловни циклуси и економски рационализации. Наместо сигурноста на вработувањето и статусот на почитувана едуцирана работна сила карактеристичен за капитализмот до 1980-тите, сега армиите професионалци живееат во прекаријат, една состојба на анимирана суспензија каде што постојано и безуспешно се обидуваат да се соземат од ефектите на постојаните промени и да си најдат некаква финансиска и емоционална потпора. Во услови на една неолиберална економија, прекаријатот не може да ја оствари својата основна потребата за онтолошка сигурност и добросостојба.

Реториката за вредностите на неолиберализмот постојано зборува за ефикасност, успех, агилност, креативност и флексибилност. Оние што не можат или не умеат да ги отелотворат овие вредности се осудени на она што Лорен Берлант го нарекува „бавна смрт“, резултат на крајно исрцпувачките ефекти на страдањето на огромен број луѓе кои се ставени во позиција на голема структурна нееднаквост (Lauren Berlant, “Slow Death (Sovereignty, Obesity, Lateral Agency)”, во Critical Inquiry, број 33, 2007, стр. 754-80). Во исто време многу медуими кои функционираат како идеолошки апарати на тоталитарната неолиберална држава на надзорот плетат еден мит-сон-надеж, како оној во САД за „американскиот сон“, кој наводно сите можат да го остварат ако работат напорно и се држат до правилата на играта на неолибералниот економски систем. Мит-сон-надеж за кој сè уште премногу луѓе се држат како давеници за сламка, иако условите за остварувањето на овој сон за огромен број луѓе се невозможни. Овој сон не е не ништо друго туку чиста фантазија, заблуда чие одржување не само што е погубно за менталното и физичкото здравје на оние кои го сонуваат, ама и го спречува сонувачот да делува политички за да си ги подобри значително своите животни шанси. Лорен Берлант ја нарекува оваа заблудена верба во овој невозможен мит-сон-надеж, суров оптимизам (во “Cruel Optimism”, во зборникот The Affect Theory Reader, Duke University Press, Durham, 2010).

Во глобален контекст, неолиберализмот промовира една биополитика и некрополитика на диференцијално означување на цели глобални популации: една тенка популација од високата средна и високата класа претежно во земји на глобалниот север и запад која ги ужива привилегиите на неолибералниот субјективитет како што се подобрено здравје, подолг живот и подобар стандард на живеење, друга многу поголема популација осудена на „бавна смрт” од физички и ментални болести својствени на живеење во крајно несигурни економски услови во скоро сите економии на светот и трета глобална популација осудена на брза смрт, популации означени како „монокултурни, примитивни, авторитарни, ирационални, патријархални и криминални“, колатерални жртви на суровите геополитички игри на големите сили, на непрестајното бомбардирање на Средниот и Близок Исток (од кој Балканот не е многу далеку, не само географски, туку и геополитички) и на криминалната развојна политика во Африка и Азија финансирана од бастионот на неолиберализмот и развојната мафија: Светската банка.

Само еден пример од извештајот од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари кој открива дека Светската банка преку директно финансирање на различни сомнителни приватизации, заграбувања на обработлива земја, хидро брани, на компании и влади обвинети за силувања, убиства и тортури, и преку давање на 50 милијарди американски долари на проекти класифицирани како крајно и неповратно општествено штетни, има дислоцирано страшни 3,4 милиони луѓе во светот само минатата година. Оваа армија на крајно ранливи луѓе во барањето на подобар и посигурен живот се изложува на смртни ризици во рацете на криумчари на луѓе додека Европската унија и владите на други развиени земји си гледаат сеир како овие луѓе се дават во Средоземното и други мориња.

Гушењето на колективниот капацитет на општеството за критичко размислување

Гушењето на демократските институции и на демократскиот капацитет на граѓанското општество во неолиберални политичко-економски режими примарно се овозможува низ две главни стратегии. Првата е пазарно реформирање на целокупниот образовен систем, посебно на универзитетскиот систем во произведувач исклучиво на техничари за потребите на пазарите за работна сила на неолибералната економија, наместо на формирање на интелектуалци опремени и подготвени за длабоко критичко и креативно размислување. Идејата за универзитетот како автономна зона на иксусни професори кои заедно со своите помлади колеги практикуваат една висока интелектуална вештина за критичко размислување во неолиберализмот е заменета со истражувачки бирократии составени од интелектуални техничари кои се држат во подреден однос кон државата и големиот бизнис како главни извори на истражувачки фондови кои финансираат претежно проекти од идеолошки интереси на владејачката партија и од комерцијални интереси на големиот бизнис. Ч. С. Милс уште во далечните 1950-ти пророчки го предвиде неолиберализмот скоро 30 години пред тој потполно да се манифестира и да аргументира убедливо како општествените научници, ако не се автономни, не можат да си ја вршат својата многу значајна функција на јавни интелектуалци кои систематски, длабински и критички дебатираат и предлагаат решенија за сите горливи општествени проблеми (во The Sociological Imagination, најново издание објавено од Oxford University Press, 2000) .

Втората стратегија е потполно оцрнување и уништување на животите на сите дисиденти, критички расположени интелектуалци, медиуми, дојавници на корупција и злоупотреба на службени функции, и невладини организации кои се дрзнуваат да прашуваат непријатни прашања за сомнителната спрега на државни, корпоративни и лични интереси. На овие две стратегии мора да се додаде спрегата помеѓу интересите на носители на значајни политички функции и интересите на моќни медиумски барони, што води кон уште поголемо стеснување на демократскиот медиумски простор.

Против сите оние кои се ставени на црната листа на државно-корпоративниот апарат за надзор се користат средства на државен терор за нивно замолчување: постојано демонизирање на овие луѓе по медиумите контролирани од овој апарат како предавници или терористи, судски процеси за велепредавство или закани за такви процеси (како во случајот на Сноуден), блокирање на банкарски сметки, испраќање на тужби за навреда на углед според закон за клевета наместен да ги штити моќниците, убиства на најжестоките критичари (како што е случајот во Путинова Русија), монтирање на даночни и други кривични прекршоци (како што изгледа случајот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж), закани за насилство и извршено насилство од страна на никогаш од надлежните државни органи идентификувани насилници, губење на работни места, измислување на нови даночни давачки, и многу други механизми.

Јавното негодување се губи во една клима каде што државата и нејзините корпоративни сојузници не прават ништо да ги заштитат граѓанските права, вклучувајќи го и правото на приватност, како и демократската култура на размена на различни мислења. Државното насилство на овој начин станува брана за напорната работа за критичко размислување, анализа, дијалог и замислување на ставовите на другите. Оваа војна која се води против поинаквите размислувања не само во Македонија е според Дејвид Гребер еден вид на домашен тероризам во кој насилството е „честопати оружје кое го претпочита глупавиот“ (во “Dead Zones of the Imagination”, HAU: Journal of Ethnographic Theory, том 2, 2012, стр. 116-117).

Неолибералната клептократија

Алчноста од клептомански размери, себичноста, и безобзирноста се вистинските вредности кои се вградени во самиот неолиберален политичко-економски систем. Неолиберализмот е идеологија на клептократското владеење на политички и економски елити на доцниот глобален капитализам. Постои една легитимизирана, јавна и озаконета форма на клептократија која се манифестира во присвојувањето на трудот, потта и креативноста на илјадници и милиони луѓе од страна на еден грст луѓе, сопственици или менаџери на голем капитал. Оваа форма на клептократија е толку очигледна во екстремно несразмерното вреднување на трудот и знаењето на врвните менаџерски ешалони на големите корпорации на светот во однос на другите вработени.

Еве, да дадам само еден американски пример, во просек генералниот директор на која било корпорација која е на листата на 500 најголеми компании на Стандардс енд Пур заработува годишно во 2013 11,7 милиони американски долари, за разлика од обичниот работник во таа иста корпорација кој заработува нешто едвај над 35.000 американски долари, што е за 331 пати помала заработувачка од онаа на генералниот директор (погледни http://www.aflcio.org/Blog/Corporate-Greed/PayWatch-CEO-Pay-Hits-Insane-...). Ако се спореди годишната плата на генералните директори на овие корпорации со повеќемилионската армија на американски работници кои се на минималец, таа разлика се зголемува на баснословни 774 пати.

Дури и во услови на банкрот, како што беше случајот со многу американски банки за време на последната светска финансиска криза од 2008, кога банките си позајмуваа една на други пари за лоши долгови и шпекулираа на берзите со многу опасни нови финансиски инструменти наречени деривативи, нивните челници си заминаа од своите директорски фотелји со мултимилионски суми, додека даночните обврзници платија милијарди долари за да ги покријат долговите на овие банки создадени од нивните врвни менаџерски ешалони, а илјадници вработени си ја изгубија работата со никаков или многу мал надомест.

Слична ситуација имаме и во соседна Грција, каде што цената (читај пакетот за штедење наметнат од тнр. Тројка) на катастрофалните последици на скоро две децении на неолиберални реформи накалемени врз едно клиентелистичко општество и држава се потполно префрлени врз грбот на поширокото осиромашено население наместо на грбот на неолибералните реформатори од редовите на политичките и економски елити собрани во редовите на ПАСОК и Нова демократија, носители на сите важни одлуки со кои се „модернизираше“ грчката економија и општество, и на нивните клиенти во државната администрација и деловните сектори.

Во неолиберална Грција благодатите од модернизирањето на економијата несразмерно ги чуствуваа политичките елити и економските олигархии поврзани со нив, кои делуваа како спонзори кои нудат услуги на нивните клиенти, гласачи и политички подржувачи. Овие елити енормно се збогатија, присвојувајќи голем дел од позајмените пари за сомнителни приватизации, забегани набавки на опрема за државата, вклучувајќи и оружје, преку корумпирани зделки, неплаќање на даноци и други фискални олеснувања кои самите себеси си ги дадоа. Наместо еден праведен социјален договор за распределба на приходот на „модернизираната“ грчка (неолиберална) економија со кој и најсиромашните слоеви можеа да видат некаква корист од овие реформи, тој се распределуваше ислкучиво по клиентелистички линии. Наместо пречка за неолибералните реформи на грчката економија, клиентелизмот, напротив, се потврди како главен олеснувач на тие реформи.

Промовирање на основните карактеристики на неолибералната економска политика како што ја опишав погоре во едно општество каде што постои неприфатлив степен на нееднаквост, како што е грчкото, а сега и македонското, води не само до „заострување на социјалните проблеми, туку и до криза на политичкиот систем кој не умее да одговори на потребите на се пошироки слоеви на населението“ (Christos Laskos & Euclid Tsakalotos, Crucible of Resistance: Greece, the Eurozone, & the World Economic Crisis, Pluto Press, 2013, стр. 24). Случајот со неолибералните реформи во Грција е многу поучен за неолибералните реформи на Груевски, но за тоа малку повеќе подолу во текстот.

Вториот вид на клептократија е оној што владее во незаконските, нелегитимни, крајно етички сомнителни, тајни и матни зделки помеѓу високи, средни и ниски носители на политичка моќ и големи и мали сопственици на капитал, каде што политичарите и бирократите ја злоупотребуваат сопствената службена функција и ресурсите на државата за лично богатење на штета на поширокото население во чие име владеат. Во вториот вид на неолиберална клептократија, постои значителна разлика помеѓу „демократските“ неолиберални режими и авторитарните неолиберални режими, кои цветаат во клиентелистичките општества на источна и јужна Европа, Азија, Африка, Средна и Јужна Америка. И во двата режима, (веле)корупцијата е сеприсутна. Во првата група земји сè уште имаме некаков систем на проверка и рамнотежа (check and balances), каде што имаме одвоеност на законодавната, извршната и судската власт (иако не секогаш доволна одвоеност), каде што сепак имаме некакво независно судство, некакви независни и критички медиуми, и каде што сепак има една критичка јавност која наметнува морална одговорност за оние што се фатени како корумпирани политичари и деловни луѓе кои нудат мито за остварување на своите комерцијални цели. Сепак, за секој фатен и осуден корумпиран политичар или бизнисмен во првата група на држави постојат многу други кои успеваат да се провлечат низ канџите на правниот систем кој ни оддалеку не фунцкионира онака како што треба, бидејќи честопати дефинирањето на корупцијата во законодавството на овие режими е многу тесно.

Во авторитарните неолиберални режими иако корупцијата формално-правно е незаконска, нема систем на проверка и рамнотежа и постои спој на законодавната, извршната и судската власт, како и комплетен спој на моќни политички и економски интереси. Во вакви услови гледаме совршена материјализација на државата на надзорот каква што ја опишав погоре и остварување на една крајно сурова неолиберална агенда во која главните клептократи-олигарси-диктатори се појавуваат како чувари на портата низ која тече капиталот во државниот простор кој го контролираат. Вообичаено терминот „клептократија“ е резервиран за крајно корумпирани типови на авторитарни влади, диктатури, олигархии, воени хунти, непотистички и клиентелистички влади, каде што клептократите лично го контролираат целиот државен апарат кој им слугува и преку кој го контролираат протекот и распределувањето на јавните ресурси и фондови на себе, своите фамилии, кланови и клиентели. Сепак, кога малку порадикално критички ќе се разгледа владеењето на политичките и економските елити во високоразвиените „западни“ и „демократски“ земји, можеме само да видиме различни модалитети и интензитети на она што во суштина е сепак клептократија. Во овој контекст и не чуди кога големи мултинационални компании со седишта во западни „развиени демократски“ земји немаат никаква скрупули да седнат да преговараат и да ги подмитуваат најкорумпираните ѓаволи од диктатори за да можат да добијат пристап кон природните и други ресурси на земјите кои ги владеат.

(продолжува)

Кон првиот дел

Слики: Hsu Kai Ti