Соучесници и прикривачи на убиство

06.05.2015 16:30
Соучесници и прикривачи на убиство

Неколку илјади демонстранти вчера протестираа на улицата пред владата на Република Македонија, откако опозицијата објави снимки поврзани со прикривањето на убиството Мартин Нешковски.

Луѓето се собраа во попладневните часови, а поголема група брзо ги проби железните барикади и продолжи кон зградата на владата. Граѓаните ги симнаа државните знамиња на јарболите на половина копје, во знак на жалост за трагичниот настан од 2011 и вчерашната ситуација. Тие фрлаа јајца, домати и компири кон неодамна завршената божем барокна фасада на зградата, обојувајќи ја во жолто. Беше забележително мултикултурното единство меѓу луѓето кои истакнаа различни национални знамиња, врзани едно за друго - македонско, албанско, српско.

Демонстрантите скандираа: „Нема правда - нема мир“, „убијци“, „оставка“, „нема да ви помине“, а кон полицајците упатија повици: „дојдете со нас“, „спуштете ги штитовите“, „имате ли деца?“. Еден од полицајците ја соблече опремата и ја напушти позицијата, а демонстрантите го поздравија со аплауз и прегратки.

Пет часа подоцна, специјалните единици дојдоа да ја растераат толпата пред зградата. Некои сведоци велат дека провокатори вметнати во групата почнале конфликт со полицијата, за да предизвикаат нејзина реакција. Иако граѓаните мирно седеа на земја и ги молеа полицајците да ги остават, тие беа насилно избркани и мораа да се повлечат. Со помош на водени топови и солзавец, како и употреба на брутална сила, улиците беа расчистени. Повеќе демонстранти и полицајци беа повредени. Полицајците низ околните улици неселективно тепаа и апсеа луѓе. Нередите траеја речиси до полноќ, кога специјалците упаднаа во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, применувајќи сила врз студентите кои учат и испрашувајќи ги кој учествувал во протестите, а кој учи.

Револтираните демонстранти најавија дека ќе протестираат и денес.

Искрата која го запали револтот на граѓаните беше објавената снимка од страна на опозицијата која ги потврди сомнежите дод 2011 година, дека власта се обидела да го скрие и забошоти убиството на Мартин Нешковски од страна на специјалец. Пред четири години, триесетина дена се протестираше и се бараше оставка од министерката за внатрешни работи, која сè уште е на функција.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото