Гурбетот по странски ниви и шанкови ја празни Македонија

07.05.2015 10:05
Гурбетот по странски ниви и шанкови ја празни Македонија

Македонските граѓани масовно заминуваат на сезонска печалба, најмногу во Италија, но и во Грција и во другите западноевропски земји, јавуваат локалните медиуми. Речиси секогаш, за сезонското вработување е потребен бугарски пасош, но на црно, „јавна тајна“ е дека се оди на работа во кафулињата и во хотелите во Грција и во Црна Гора.

Според штипската телевизија Стар, само за три дена од Делчево и од Каменица заминале 500 работници за да работат на италијанските лозја.

- Таму плаќаат по 6 евра за час. Планираме да донесеме по 2.000 евра чисти - изјавиле сезонци за штипската телевизија.

Според изјавите, некои од граѓаните на Берово и на Делчево веќе со години сезонски одат да работат во Италија. Многумина ја разработиле „шемата“, па откако ќе завршат со бербата во Италија, продолжуваат во Швајцарија каде што има работа до крајот на октомври.

Според телевизија Телма, во Македонска Каменица со години наназад многумина заминуваат на сезонска печалба, но некои успеваат таму да останат со години. Пензионерот Малиш Велиновски, кому и двата сина веќе 10 години му се во странство, вели дека 1.000 жители се иселени, а околу 1.000 луѓе секоја година заминуваат да работат како сезонски работници. Само во една вечер заминале повеќе од 100 луѓе, од кои и 30 пензионери за да ги чуваат внуците во Италија.

Велиновски вели дека пред 100 години „црната чума“ во Македонска Каменица остави само 12 семејства, а сега „белата чума“ однесе околу 2.000 жители во Италија и во Словенија.

Нова дестинација за оние што се во потрага по сезонска работа е Малта. Угостители од Македонија веќе дале отказ од скопските кафулиња и си обезбедиле шестмесечен аранжман, многу поплатен од овдешниов. За угостителите, особено оние со искуство, често може да се најде работа во Грција и во Црна Гора, а според огласите што може да се прочитаат, со обезбедено сместување, платите се движат и до 700 евра месечно.

Колку работници секоја година одат на сезонска печалба од Македонија во другите држави нема официјална статистика. Минатата година, Македонија и Црна Гора потпишаа Меморандум за соработка, со кој ќе се продлабочи соработка помеѓу двете институции за да се овозможи брза размена на информации помеѓу двете држави, а со тоа да се направи увид за тоа колку наши граѓани работат во Црна Гора и обратно. Но сепак, официјална бројка не се соопшти.

Во медиумите во изминатиов период, излегоа повеќе информации за странски држави што бараат сезонски работници. Тие предизвикаа големо внимание во јавноста и масовно се коментираа на социјалните мрежи. Сепак, за дел од нив недостасуваа информации како може да се стигне до саканото работно место, а во најчест случај беше потребен бугарски пасош.

Според веста што ја објави хрватскиот весник „Слободна Далмација“, на берба на шпаргли во Германија може одлично да се заработи. Дневница е 150 евра, се работи 8 до 10 часа дневно, има пауза за ручек, а слободен ден е недела.

Сега во Финска, според веста што ја објавија медиумите од регионов, вклучувајќи ги и оние од Македонија, може да се оди на берба на јагоди. Цената се движи околу 2,80 евра за 3 килограми јагоди. Просечно би можеле да наберете околу 60 килограми, што значи би заработиле 56 евра дневно, или 1.680 евра месечно. Цените за берење малини се движи од 3 до 3,5 евра за килограм. Малините се полесни од јагодите, па треба повеќе работа за да наберете еден килограм.

Европскиот парламент по тригодишни преговори минатата година објави дека во Стразбур ја усвои законската регулатива за подобра заштита на сезонските работници во Европа. Според новиот закон, работодавачот пред доаѓањето на сезонскиот работник мора да му даде јасни и исцрпни податоци за висината на заработувачката, работното време и за други услови. Сезонските работници би требало да имаат право на соодветно сместување како и пристап до социјалните системи, предвидува новата регулатива на Европската унија.

Според процените на ЕУ, годишно во земјите од Унијата доаѓаат повеќе од 10 илјади сезонски работници.


Бугарски пасоши имаат околу 100.000 граѓани?

Претседателот на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов, кој пред две недели беше во Битола, изјави дека до минатата година 90.000 Македонци извадиле бугарски пасоши и дека нивната бројка, заклучно со 2014 година, веројатно е околу 100.000.

-Бројката не нè интересира. Нас нè интересира Бугарија да создаде услови сите граѓани на Македонија, кои сакаат да имаат бугарски пасош, да можат да го добијат - рече Каракачанов.

Добивањето бугарски пасош, пак, значи и пристап до пазарот на труд во Белгија, Германија, Австрија, Велика Британија, Франција, Ирска, Италија, Луксембург, Малта и во Холандија.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Петар Фабијан