Брутален напад на полицијата врз народот

07.05.2015 17:44
Брутален напад на полицијата врз народот

Повеќе десетици демонстранти и полицајци се повредени, десетина од нив сериозно, во бруталната полициска акција со водени топови, солзавец и шок-бомби за растурање на жестоките антивладини протести прексиноќа пред Владата, кои се организираа во знак на револт за сокривањето на убиството на младиот Мартин Нешковски, што до крај се разоткри откако порано дента опозицијата објави аудиоснимки со разговори помеѓу високи владини функционери што го координирале забошотувањето.

„Оставка, оставка!“, „Убијци, убијци“, „Кај ви е началникот“, „Имате ли деца“, „Држава полициска“, извикуваа околу две илјади демонстранти пред владата, повеќето млади. Голем дел од нив организирани во иницијативата „Стоп за полициската бруталност“ со месеци протестираа летото 2011 година, кога се дозна за убиството на младиот Нешковски за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Насобраната маса во еден момент успеа да ја помине заштитната ограда и да влезе на платото пред самиот влез во владата. Еден од полицајците, наводно доброволно ја отклучил оградата по што демонстрантите влегоа внатре, а кордонот се повлече на нова позиција, на самото плато. Меѓу демонстрантите првично се прошири информација дека полицаецот решил да се откаже од службата и да им помогне на демонстрантите, што наиде на овации и аплаузи, но подоцна вечерта тој изјави дека добил таква наредба и бил повикан на друга задача.

Протестот беше полн со енергија и револт. Демонстрантите фрлаа со јајца, компири, домати, па дури и со камења кон владината зграда, при што новата фасада беше прилично оштетена, а дел од прозорците, барокни лајсни и канделабри беа искршени. „Ружна ви е владата, а вака е поубава“ - скандираа младите револтирани демонстранти. Дел од демонстрантите ги убедуваа полицајците да ја фрлат опремата и да не му служат на насилниот и недемократски режим. На протестот му се придружија и група Албанци, со албанско знаме, што беше бурно поздравено со одобрување, а албанското и државното македонско знаме се вееја врзани едно за друго во целиот тек на протестот. Демонстрантите постојано носеа табли со јајца и домати и ја гаѓаа новата барокна фасада на владата, која стана речиси жолта.


Во целото време се забележуваа големи разместувања на специјални полициски сили и оклопни возила околу владата, а во еден момент, околу 22 часот вечерта, тие тргнаа во силовита и брутална акција, веројатно под добро темпирана команда. Кордонот прво ги истурка демонстрантите од платото пред владата, а потоа две полициски крила буквално ги опколија и ги притиснаа демонстрантите на Илинденска и почнаа да ја „чистат“ улицата. Дел од демонстрантите испоседнаа на асфалтот, но специјалците ги влечеа и ги бркаа.

Од ударите на пендреци и туркањето многумина беа повредени, а полицијата масовно апсеше и ги полнеше полициските комбиња. Дел од демонстрантите беа брутално претепувани, со пендреци, клоци и боксови. Откако се употребија солзавци и шок-бомби, народот се распрсна, но полициските сили продолжија да ги гонат и да ги апсат демонстрантите во поширокиот простор околу Владата, дури и пред Собранието. Беа запалени и неколку контејнери. Полицијата дури упадна и во Градската библиотека на Партизанска, со цел да бара демонстранти. Десетици беа приведени во полициски станици, каде што се обвинети за учество во толпа и се соочуваат со притвор, па дури и затворски казни.

На протестот учествуваа многубројни новинари и јавни личности, а некои од нив беа полесно повредени. Настаните континуирано беа снимани и фотографирани од граѓаните и од новинарите, а содржините беа масовно објавувани на социјалните мрежи и порталите. Можеа да се видат видеа од палење контејнери, насилно апсење и тепање на демонстрантите, брутално однесување на полицајците, кои пред акцијата беа прилично воздржани.

Од друга страна, провладините медиуми, телевизии и портали се натпреваруваа во сатанизација на протестот, прикажувајќи ги демонстрантите како „насилници“ и „толпа“, организирана од „опозицијата и Сорос“, со нагласен акцент дека се уништувала општествената сопственост. „Ете го крвавото сценарио на СДСМ“, „Шекеринска командува со демонстрантите“ - пишуваа пропагандните портали. Сите по ред се натпреваруваа во броење на повредените полицајци, а го занемаруваа или го минимизираа бројот на повредени граѓани. Провладините медиуми лажеа и дека во акцијата не биле употребени шок-бомби и водени топови, што можеше да се забележи и од фотографиите објавени од местото на настанот.

Министерката Гордана Јанкулоска, која беше во центарот на скандалот со криењето на убиството на Нешковски, даде драматични изјави против Зоран Заев, нарекувајќи го „монструм“ и „болен ум“, како и против демонстрациите кои ги жигоса како насилни и диригирани од опозицијата. Според Јанкулоска, протестите биле „вандалски напад врз полицијата“, а употреба на прекумерна сила врз демонстрантите немало. Таа извести дека биле повредени 38 полициски службеници, од кои 6 посериозно, додека од демонстрантите се приведени 30 лица, од кои двајца малолетници. Малолетниците по распитот биле пуштени. Таа соопшти дека повеќето од повредените полицајци се примени во поранешната Градска болница и во Клиничкиот центар, а таа лично некаде пред полноќ ги посетила.

Јанкулоска потврди дека полицијата влегла во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и дека таму привела едно лице. Според неа, акцијата во читалната во библиотеката била легитимна. Ова наиде на лавина хумористични реакции на социјалните мрежи на сметка на полицајците и на Јанкулоска. „Полицајци во библиотека!? Па дури и да не натепале никого, тоа е само по себе вест“ - напиша еден шегобиец.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Кире Галевски

ОкоБоли главаВицФото