Зголемен интерес за читање кај специјалците од ЕБР

08.05.2015 03:24
Зголемен интерес за читање кај специјалците од ЕБР

Скопје, 8 мај 2015

По упадот во библиотеката „Браќа Миладиновци“, голем број специјалци од единицата за брзо распоредување, фасцинирани од првата средба со книгата, секојдневно позајмуваат нови и нови наслови.

И синоќа малку фалело да настане инцидент во читалните, сличен на оној од пред три дена, откако припадниците на ЕБР трчајќи и туркајќи се меѓу себе, но и студентите кои учеле, се бореле за преостанатите слободни места во читалните.

Ситуацијата ја смирил еден незаинтересиран полицаец, кој им рекол на колегите: дај не заебаајте, сеа ќе читате!

„Не очекувавме дека и по 23 часот ќе има студенти во читалната. Друг пат ќе доаѓаме порано, иако сме доволно спремни да ослободиме место за себе“, изјави еден специјалец за Пара вести.

Неофицијално, најбаран наслов меѓу полицајците е „Мојата борба“ од Адолф Хитлер.

„Од нашата министерка Гордана Јанкуловска слушнавме дека Хитлер е ОК човече, па нè заинтересира да видиме што напишал“, вели припадник на ЕБР, помешувајќи го славниот фирер со службеникот од МВР за кој зборува Гордана Јанкуловска.

Иако во моментов трае саемот на книгата, според нашите сознанија, од специјалната единица не планираат организирана посета.

Инаку, управата на градската библиотека во Скопје е задоволна, како од упадот, така и од понатамошниот полициски интерес за посетување на библиотеката.

„Се надеваме дека во иднина и други формации и единици од македонската полиција ќе нè посетуваат и ќе ги користат услугите на нашата библиотека. Вратите им се отворени, а ако не се, веруваме дека ќе се снајдат“, велат од раководството на „Браќа Миладиновци“.

Студентите кои биле сведоци на првата средба на специјалците со книгата, велат дека кај припадниците на ЕБР не е забележан интерес за читање на уставот и законите на Република Македонија, но затоа, додека читаат, реагираат доста емотивно.

„Повремено се случува некој специјалец, понесен од убава реченица или пасус од книга, да замавне со пендрек, да ги растурка клупите и да се провикне на цел глас 'сите ќе ве убијам!', ама тоа трае кратко, па ќе се навикнеме“, изјави студент кој редовно учи за испитите во градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Слики: Свирачиња