Живот под бесилката

08.05.2015 11:02
Живот под бесилката

Кога кон крајот на март 1942 година слушнала дека нејзиниот брат од затворот на Гестапо во Белград е префрлен во ваљевската Апсана, сестрата Јелица-Сека побрзала од Крагуевац. За таа средба, подоцна го напишала ова:

„Влегов во затворскиот круг кога од еден казан се делеше ручекот. Гледав наоколу за да го видам. Набрзо стражарите ми рекоа да влезам во ходникот и да го почекам тука. Го здогледав на вратата од ќелијата број 3. Двајца другари го придржуваа да не падне. Ми рекоа дека лежел на подот и дека не може да стои. На него имаше искината кошула и распарани сукнени панталони. Кога ме здогледа, одеднаш се исправи. Очигледно сакаше да остави што подобар впечаток кај мене. Беше претепан, но горд. Ме прегрна, а јас не можев да ги запрам солзите.

- Немој да плачеш, Секо. Сè ќе се заврши добро – ме тешеше. Седнавме на клупата во ходникот. Сакав да го прашам многу нешта, да му кажам, но не знаев од каде да почнам. Ме праша зошто носам црнина.
- Онака. Немав што друго да ставам на глава... жените ми ја дадоа...

Се воздржував, ја наведнав главата и низ плач му реков дека Шимун е стрелан.

- Кога?
- Во октомври. Германци погубија половина Крагуевац, најмногу ученици.

Ги стрелаа во Шумарице. Германците прашаа кој е Хрват да се јави. Нив ги пуштаа. Шимун не сакаше да се јави. Не сакаше да се извлече, а можеше.

- Не смееш да плачеш, Јелице. Мораш да се гордееш со братот Шимун – ми рече и додаде: - Тој загина херојски, а за хероите не се плаче.

Се распрашуваше за Никола, нашиот брат, кој отиде во партизани и за најмладиот Драго кој е со мене во куќата. Мојот поглед се задржа на неговата крвава кошула.

- Остави го тоа, така мора да биде. Не сум ни прв ни последен со крвава кошула.

Се обиде да ме утеши и ме прегрна со отечената рака. Јас постојано плачев. Забележав дека постојано ги крие рацете. Низ солзи го прашав зошто ги крие рацете. Кога ги завитка ракавите, рацете му беа со рани, загноени и завиткани со валкани завои од искината кошула.

- Те тепаа, Батe?

Избегнуваше директен одговор и го пренасочуваше разговорот на друга страна.

- Секо, немој да плачеш! Нема борба без крв и смрт...

Два месеци подоцна, на 22 мај 1942 година, 26 годишниот Стипан-Стеван-Стева (Колубарац) Филиповиќ бил обесен на плоштадот во Ваљево, само неколку метри подалеку од местото каде, во почетокот на 1804 година, биле покосени кнезовите Илија Бирчанин и Алекса Ненадовиќ, највидните организатори на Првото српско востание. Фотографијата како со кренати раце, пркосејќи им на злото и смртта, стои под бесилката го заобиколи светот и стана легенда како своевиден симбол на отпорот кон фашизмот.

За таа фотографија, всушност за потрагата по нејзиниот вистински автор, по долго истражување напишаа интересна книга Мирјана Белиќ Корочкин Давидовиќ и Радовоје Давидовиќ и ја насловија „Стеван Филиповиќ, вистината за историската фотографија“. Сè во овој текст е резултат на нивниот долгогодишен самопожртвуван труд.

Зрел за погубување

Тоа бил толку важен настан што за него известувал и печатот од престолнината. Вечерниот весник „Обнова“ во бројот од 10 јануари 1942 година објавил голем текст со наслов „Страшен пораз на остатоците од комунистичките банди на ограноците Иврек и Цер“ во кој е опишана акцијата за разбивање на мачванскиот и посавско-тамнавскиот партизански одред. Во него е наведен и список со заробени партизани, меѓу кои се наоѓа и името на Стеван Филиповиќ со кратки биографски податоци:

„Металски работник, од Метковиќ во Далмација, командант на комунистички баталјон. Фатен кај селото Милне на 23 декември“.

Се распишувал и најтиражниот окупациски весник „Ново време“. Во текст на својот дописник од Шабац (иницијали М.Б) со наслов „Исчистена Мачва“ се вели дека „огромното мнозинство виновници за погубувањето многу невини се фатени или убиени. Меѓу нив се наоѓаат голем број интелектуалци кои на најбезобразен начин вршеле насилно одведување на нашите мирни селани...“. На списокот од групата фатени бил и Стеван Филиповиќ кого авторот на текстот го опишал вака:

„Стева Филиповиќ, наречен Колубарац, Хрват од Опузен покрај Метковиќ, металостругарски работник и еден од водачите на комунистичкото движење кај нас. Интелигентен, успеал да се протурка до највисоките места во одредот“.

По големата и сурова германска офанзива на подрачјето Мачва, партизанските одреди биле разбиени и распуштени. Поединци во помали групи се обиделе да се пробијат низ обрачот и да стигнат до главните партизански единици зад Златибор кон Босна. Тројца, со Стево Филиповиќ, случајно поминале покрај куќа каде се наоѓале четници. Некој од нив го препознал командантот на баталјонот и тој набрзо се нашол во шабачкиот логор. Следел затворот во Ваљево од кој е упатен допис до Гестапо во Белград со следната содржина:

„Во овдешниот затвор се наоѓа Стева Филиповиќ, партизански командант на баталјон, фатен на 23 декември 1942 година. Молам за известување дали е пожелно спроведување на ова лице во вашата установа. Ги приложувам досегашните записници од сослушувањето“.

„Веднаш по приемот на писмото шефот на антикомунистичкиот отсек на СС – капетанот Ерих Винеке во седиштето на Гестапо, во зградата на поранешниот Војнички дом, на 27 јануари на крајот на наредбата со сино мастило забележал: „Да се нареди спроведување, инаку, зрел за погубување“.

Во ќебе во нов затвор

Машинеријата на Гестапо стапила во акција. Службениците од картотеката пополниле картон со името на Стеван Филиповиќ, а бидејќи во белградската полиција за него немале податоци, запишано е само: „Баталјонски партизански командант“. Архивата отворила ново досие Ф-102.

Уапсениот бил подложен на ужасно мачење. Со оглед на тоа дека на иследниците им го зборувал само она што и самите го знаеле, измачуван е со жед, свирепо тепан и затворан во самица. Во средината на март во неговото досие, на зелен формулар е напишано:

„Предавање на Вермахтот заради погубување во Ваљево.“

Било планирано во знак на одмазда за пучот од 27 март 1941 година тој ден во Ваљево јавно да се обеси група поистакнати затвореници, меѓу нив и Стеван Филиповиќ. Се откажале од негово убивање бидејќи заради ѕверското тепање во белградскиот затвор на Гестапо бил во многу лоша состојба, така што во Ваљево го донеле во ќебе. Германскиот лекар предложил да се одложи погубувањето.

На 20 мај во Ваљево пристигнала порака од главниот генерал за Србија, Паул Бадер. Во неа, покрај другото, пишувало:

„... Егзекуцијата да се изврши во петок на 22.5.1942 година претпладне во Ваљево под команда на Српската државна стража во присуство на еден германски офицер“.

Намерно е избран петок затоа што тоа е пазарен ден, кога вообичаено има најмногу луѓе во центарот на градот. Примајќи ја наредбата, окружниот началник Драгомир Лукиќ ѝ издал наредба на Српската државна стража смртната казна да се изврши на 22 мај во 11 часот.

Смртта не е ништо

Локалниот тапанар Коста Ристивојевиќ од раното утро тој 22 мај одел по улиците читајќи го текстот „Известувања до граѓанството“ за претстојното извршување на смртната казна „над комунистичкиот бандит“. Слично го известувал своето читателство и веќе споменатиот дневник „Ново време“. Бесилката – две греди закопани во земјата и една над нив, како фудбалски стативи – е поставена истото утро.

Во десет часот осуденикот е изведен од ќелијата број 3. Рацете му биле врзани со синџири и од двете страни имало двајца германски војници, според растот повисоки од него и на прилично растојание ги држеле нивните краеви. Кога бил изведен од затворскиот двор, бил предаден на десетмина вооружени српски жандарми кои го опкружиле од двете страни. Здогледувајќи ја првата група граѓани на улицата, Стеван Филиповиќ првпат ја свртел главата кон нив и викнал:

„Да живеат народните ослободители! Долу фашистите и предавниците на српскиот народ...“

Извиците биле прекинати со удари од кундаци. Околу бесилката им бил дозволен пристап само на официјалните лица. Германците дошле во 10:30 часот со неколку тенкови и автомобили од кои изглегле офицерите. На плоштадот се собрале три илјади луѓе, а ги надгледувале љотиќевци, четници на Печанац, полициски агенти, шуц полиција (заштитна полиција), гестаповци и германски војници.

Осуденикот повремено му се обраќал на народот повикувајќи го на отпор против окупаторот:

„Стоите и гледате. Ако само стоите и гледате, непријателот и вас вака, еден по еден, ќе ве беси. Не плашете се од смртта. Таа не е ништо. Тоа ќе го видите за неколку моменти кога ќе умирам јас...“.

Стигнале до бесилката и двајца стражари му ги одврзале рацете и тргнале да му го стават јажето. Стеван го одбил тоа со зборовите: „Немојте, браќа Срби, вие да бесите! Нека ме бесат Германците!“ Но, еден жандарм бил упорен и Филиповиќ сам го зграбил јажето со десната рака, си го ставил околу вратот и зачекорил на последната скала под бесилката. Ги раширил рацете високо и, знаејќи дека има право на последен збор по пресудата, им се обратил на собраните. (Говорот го забележал очевидец, професорот од месната гимназија Миливој Д. Мандиќ).

Според сведочењето, односно записот од прва рака, зборовите на Стеван Филиповиќ биле следните:

„Другари и другарки! Српски народе! Ордите на Хитлер продреа во твоите села и градови. Тие ти ја испиваат крвта, те измачуваат по затвори и концентрациони логори, те гонат да работиш до истоштеност во рудниците и фабриките кои ги снабдуваат фашистичките злосторници. Тие те ограбуваат, те стрелаат во масите. Браќа! Не бидете заведени од лажната пропаганда на фашистичките окупатори и клеветничките лаги на домашните одродници и предавници. Станете! Сите во борба против нашите крвници. Станете сите! Не плашете се од смртта. Таа само на кукавиците им изгледа страшно. Смртта не е ништо необично. Вие ќе го видите тоа на мене за неколку минути кога јажето ќе ми го пресече здивот. Во борба, другари и другарки! Убијте ги сите Германци! Уништете ги разбојниците на Хитлер до последниот, па потоа уништете го и Хитлер. Извадете ги своите ’рѓосани пушки, извојувајте ги својата слобода и права, искоренете ги домашните предавници и помагачите и слугите на фашизмот! Пристапувајте им на партизанските одреди. Помогнете ѝ на народноослободителната борба. Долу Хитлер и неговите злосторнички банди!“

При крајот на говорот притрчал полковникот Хофман со откочен пиштол и го вперил во градите на осудениот на бесење. Му се приближил поручникот Финке преколнувајќи го да не пука затоа што „црвениот бандит мора да биде обесен“. Им се придружил уште еден германски офицер. Осуденикот замавнал со ногата за да го удри, но се лизнал наназад и паднал од подлогата. Јажето се затегнало.

Стеван Филиповиќ одлетал во легенда. Првенствено благодарение на фотографијата. А, кој е нејзиниот вистински автор?

Слободата на Слободанка

Фотографијата со кренати раце под бесилката кај нас првпат е објавена на насловната страна на „Политика“ од 4 ноември 1944 година. Ја донел непознат човек и веднаш потоа нечујно исчезнал. Четириесет години подоцна утврдено е дека ја донел Бранко Кеслер, забар од Ваљево, кој – по сопствена можност – ја нашол кај германскиот потполковник Винтер кој престојувал кај него за време на војната, ја сочувал и умножил. Меѓутоа, и понатаму не се знаело кој фотографирал.

Првите, ајде да речеме и вистински, сведочења за тоа кој е автор на фотографијата се појавиле кога почнала да заживува идејата за подигнување споменик на херојот Филиповиќ. Со оглед на тоа дека бил прифатен предлогот на вајарот Војин Бакиќ на Видрак, ридот над Ваљево, да се подигне огромен споменик (чија висина со постаментот била речиси 15,5 метри) од бел алуминиум (варен дел по дел) кој наликува на веќе легендарната фотографија, почнале и секакви одгатнувања кој имал смелост, се разбира и вештина, да направи таква снимка. Некои од таканаречените автори дури се понадевале дека ќе добијат и соодветен надомест, особено по подигнувањето на споменикот, свечено отворен 1960 година.

Сведочењата се нижеле, често и неартикулирани, сè додека Мирјана Белиќ-Корочкин-Давидовиќ и Радивоје Давидовиќ не преземале нималку – особено по толку години – лесно трагање за вистинската вистина. И, така дошле до името Слободанка Васиќ, тогаш седумнаесетгодишна фотографски калфа во „Фото Косара“. Ја нашле речиси половина век по настанот на ваљевскиот плоштад и, покрај другото, им посведочила вака:

„Вечерта пред бесењето на Стеван Филиповиќ во дуќанот влезе едно момче кое дотогаш не го познавав. Ми даде истуткана белешка на која пишуваше: Дојди утре да го снимаш бесењето на Стева Филиповиќ. Те поздравува твојот другар.“

Како и секој ден, Слободанка со фотоапаратот „лајка“ излегла на ваљевските улици и се упатила кон Апсаната чекајќи да го изведат осуденикот. Никој од обезбедувањето не ја спречувал затоа што сите ја знаеле како „летечки“ фотограф. А таа вака им рекла на Давидовиќ:

„Стева беше изведен со врзани раце. Чекореше гордо со крената глава. Во придружба на стражарите го спроведоа до пазарот каде веќе се собра народот. Јас штракав цело време. Кога го качија на подлогата, му пријдов на околу пет метри и, додека уште зборуваше, направив десетина снимки. Меѓу собраниот народ не забележав никој со фотоапарат. По извршената пресуда истрчав во дуќанот, го развив филмот и ги направив фотографиите. Ги ставив на цртачката табла во излогот на ’Фото Косара‘.

Народот веднаш почна да се собира. Минувачите влегуваа и ги купуваа сликите. Бидејќи дуќанот се наоѓаше наспроти командата во градот Германците го забележаа тоа. По еден или два часа упаднаа жандарми и Германци и извршија претрес, ги запленија сите фотографии како и снимениот филм. Неколку дена подоцна бев спроведена во истражниот затвор. Ме испитуваа по чиј налог сум снимала тој ден. По петнаесет дена ме пуштија и јас продолжив да ја работам својата работа. Уште некое време бев во Ваљево, а потоа побегнав во Краљево каде го дочекав ослободувањето.“

***

За да утврдат дали нивната соговорничка е вистинскиот автор на споменатата фотографија, Давидовиќ се обратиле на вистинската адреса, редовниот професор по фотографија на Академијата за уметност во Нови Сад, Ѓорѓе Одановиќ. Покрај другото, тој заклучил:

„Според моето мислење најверодостојно е сведочењето на Слободанка Васиќ... Првата причина за овој мој став се крие во положбата на камерата и аголот на снимањето кој е во висина на рамото на несреќниот херој, а знаеме дека Стеван бил низок човек. Таа висина одговара на висината на седумнаесетгодишна девојка, колку што тогаш имала Слободанка. Втората причина е тоа што другите сведочења потекнувале од страна на мажи, каде е евидентно дека тие не можат да го прифатат фактот дека една девојка без страв тој судбоносен ден ја направила оваа низа снимки. Потсетувам на многу важен психолошки момент кој е во основата на случувањата тој мајски ден. Само младо суштество „невино од сознание“ без животно искуство можело да ја впери камерата и да фотографира едно бесење, кога ни е познато дека Гестапо не ја извршило таа наредба по службена должност, туку дури попладнето тој ден барале фотографии и ги апселе луѓето што ги купувале од излогот на дуќанот во кој работела Слободанка. На постоечките фотографии од оваа ликвидација не се гледа ниту еден друг фотограф, а германските војници како да се повлекле во втор план, како да не ги интересира, само се гледаат српските жандарми кои солидно ја одработиле својата работа...“.

Со ова конечно би можело да се заврши рашомонијадата кој е автор на фотографијата на херојот кој под бесилката верувал во животот. Како што упорните Мирјана и Радивоје Давидовиќ верувале дека вистината секогаш успева да го најде својот пат.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs/

ОкоБоли главаВицФото