1002 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 20:59
I
ОДИ СИ, фотелјата не е поважна од човечкиот живот!
"Some are borne great, some achieve greatness,
and some have greatness thrust upon them"
(Shakespeare)
Како што гледаш, наш Никола, не можам да почнам со “Почитуван Никола“. На почетокот на твојата кариера секако ќе можев. Тогаш емитираше некакви сигнали кои навестуваа дека, можеби, во нашава скапана политика се пoјавува некој кој сака позабрзано реформирање на општеството ‒ побрзо враќање кон нормалните, „природните“ облици на организација, по деценискиот неуспешен комунистички експеримент и пребавните чекори во тоа што, не сосема јасно, се нарекува транзиција.
Кога за кратко поработев во Министерството за финансии, меѓу другото, јасно излегоа на виделина две работи во врска со твојата работа како министер за финансии: две до три успешно изведени реформи на некои потсистеми од финансискиот систем и огромни буџетски дефицити во двете години пред моето доаѓање таму (‒5.9 и ‒5.2%, како процент од БДП во 2001, односно 2002). За да им биде појасно на луѓето што се бават со други работи, тоа значи дека во 2001 година сте направиле поголеми расходи од приходите за 226.5 милиони евра, а во 2002. за 208.05 милиони евра, или заедно, во двете години, повеќе сте потрошиле за 434.5 милиони евра над приходите собрани од граѓаните и компаниите. Бидејки еврото во 2001 и 2002. имаше многу поголема куповна моќ од еврото денес, повторно за поблиско доловување на стварноста, да кажам дека тие дефицити од ‒5.9 и ‒5.2% пресметани на БДП од последните две години, 2013 и 2014, значат направени расходи над приходите на државата во износ од близу една милијарда евра. Но, исто како и денес, тие официјални бројки за направените дефицити, односно направени долгови во една буџетска година, не беа целосни зашто неизмирените а доспеани обврски кон приватниот сектор (arrears) не беа вклучени во искажаните буџетски дефицити, а ни случајно не беа мали. Во една прилика, ако се сеќаваш, те потсетив за тоа од парламентарната говорница, а кога дојдов во Министерството за финансии, за кратко време, иако не целосно, утврдивме дека таквите заостанати неизмирени долгови не се помалку од стотина милиони евра, со тогашната куповна моќ.
И тогаш, како и сега, ти помагаше твојот денешен кум. Тогаш како државен секретар, а денес како министер за финансии и заменик претседател на Владата. Односот кон јавните пари што ти и твојот кум го покажавте во мандатот почнувајќи од третиот квартал на 2006 до денес, говори дека тие две години што си ги поминал како министер за финансии во владата на Љ. Георгиевски, всушност си ги искористил (заедно со помошникот) како тестирање на „игранката“ за неподносливо лесно трошење на народните пари, за неподносливо лесно правење долгови на грбот на народот којшто „многу го сакаш“, за начините на извлекување пари со формални покритија ‒ спотови, реклами, приватизаци, продажби на државен имот, саморекламирање... и, секако, грижа, материјална, за потесната и пошироката фамилија. Прикаската за становите на име на твојата почитувана мајка не се расветли, исто и некои други, зашто тоа не го сакаа еден дел мрзливи „комуњари“, еден дел „стари комуњари“ кои ти се ставија на располагање и станаа големи ВМРО‒вци, како и еден дел корумпирани „комуњари“ кои, исто како и ти, почнаа веднаш да мислат на своите фамилии, па немаа време да мислат на тоа што било.
Како основен изговор за тие големи дефицити го наведувавте меѓуетничкиот конфликт во 2001. Но, и најповршната анализа на структурата и намената на расходите од тоа време јасно покажува дека меѓуетничкиот конфликтот објаснува само дел од тие дефицити. Како тогашен министер за финансии добро знаеш дека човекот што од твојот систем беше испратен во затвор (не за предмети за коишто можеби требаше да оди во затвор, туку за нешто за што мнозинството од твоето раководство на чело со тебе, според ист аршин, не би излегле од затвор ниту за време на еден цел човечки живот ‒ незаконско финансирање партија), Љ. Бошковски, како тогашен министер за внатрешни работи имаше список од над 7000 „дополнителни“ лица (т.н доброволци) за одбрана на земјата ‒ претпоставувам дискутиран не на седница на тогашната Влада, туку во некој потесен состав. Притоа, самиот знаеш, Никола, освен чесните и вистински желните за одбрана на земјата, колку и кои анимир дами, глумци, пеачки и пеачи, како и разни бандити биле на тие списоци со исплати од по неколку стотици илјади денари по поединец; се разбира, дел од нив беа таму само за „кревање“ на моралот на редовните одбранбени сили, дел за подоцнежна „помош“ во изборите, а особено голем дел од нив за подоцнежно пополнување на кадровскиот состав на Министерството за внатрешни работи; токму тие станаа главни актери во сите подоцнежни кршења на правилата на МВР ‒ „ревно“ извршувајќи задачи слични на претепувањето до смрт на кутриот Мартин Нешковски.
Исто така, Никола, добро знаеш како се трошеле парите од земените кредити трансферирани преку тогашниот Фонд за развој на земјоделието, под надлежност на М. Ѓорчев, како тогашен министер за земјоделство и колку од нив оделе на вистински начин до стварните земјоделци, а колку за сè што не треба, па дури и за изборен инженеринг, веројатно како вежба за подоцнежните изборни инженеринзи доведени до перфекција во твојот премиерски мандат. Знаеш како се трошеле и парите од приватизацијата на Македонскиот телекомуникациски систем, покрај другото и за чии мостчиња меѓу две купени парцели (ниви), од вашите новопечени функционери, „средно богати“ бизнисмени, потоа за кои и какви земјоделци, за кои и какви ненадејно откриени таленти за бизнис. Знаеш какви криминални дејствија се одвиваа преку тогашната Царинарница на РМ, на чело со „прославениот“ Драган Даравелски, а ти немаше храброст ниту да го спречиш, ниту да побараш замена, иако и за тоа еднаш те потсетив од парламентарната говорница. Знаеш ти лично како ја направи тогашната „Национална платежна картичка“, со чиј имот и каде заврши тој имот...
Тоа и многу други нешта минувале без твое спротивставување, со твое знаење и во некои случаи под твое раководство и со твое аминување, во согласност и со подоцнежниот однос кон јавните пари. Да сме на јасно, не сметам дека е спротивставување кажаното во круг на неколку луѓе, а потоа оверено со министерски (твој) потпис и испратено во парламентот како предлог буџет или завршна сметка на буџетите со сите тие будалаштини, апашлаци и малограѓански изживувања од луѓе кои се вџашиле до каква „примамливост“ ненадејно ги донел „Господ“. Од денешна перспектива, јасно е дека „итар‒пејовски“ си ја чекал главната палка да ти падне во рака, без да биде важно кој плаќа.
Кога во 2003. го добив раководењето со Министерството за финансии, морав прво да се справувам со големите дефицити направени во твое време. Всушност, мораше многу да се крати, зашто ниту тие дефицити беа оддржливи, ниту имаше во тоа време некој кој сакаше да ги финансира, како поради целата ранливост на безбедноста на Македонија, така и поради проценките за слабите перформанси на македонската економија и тогашните тврди политики на меѓународните финансиски институции, со дополнително влијание врз нив од свесноста на странците за корупцијата во земјата и отсуството на јасно селектирани приоритети. И признавам, на почетокот бев целосно посветен на барање начин за што побезболно затворање на тие дефицити, поткрепено со аранжман со ММФ, бидејќи многу добро знаев дека не се родила влада во РМ која решила да прави реформи без туторства од надвор, како што се случува и сега, па мислев веднаш потоа да се позабавам и со прашањето на затворањето на најкрупните авении низ кои слободно патуваат и се извлекуваат парите на граѓаните на Македонија од недобројните овдешни хохштаплери. Така и ми почна распоредот. По успешното склучување на аранжманот со ММФ, болното кратење на буџетот за 2003 во однос на 2002, напоредно со бројните други обврски почнав да работам на подготовка на стратегија за борба против корупцијата и на востановување финансиска полиција, како нов орган во рамките на Министерството за финансии, кој пред сè требаше да се бави со прашања за откривање и попречување на крупниот финансиски криминал во земјата. За вториот проект беа посебно заинтересирани Американците, давајќи бесплатна техничка помош, а за првиот, Стратегијата за борба против корупцијата, лично обезбедив искусен експерт од Германија, кој сам обезбеди донација за сите свои трошоци.
Но, мојата работа таму бргу заврши. Се договорија една корумпирана гнида од партијата што ја основав и човекот што ти најмногу го мразеше, барем до пред „бомбите“ на Заев, и јас бев „реконструиран“. Сменет. Иако во образложението последниов во Парламентот истакна дека најдобри резултати во таа година сме имале во економијата, патем фалејќи го и остварениот договор со ММФ. За моја среќа, во услови на изнудена огромна контракција на јавната потрошувачка во период од само една година (како последица од твојата и тогаш расипничка финансиска политика), година премногу блиска на конфликтот од 2001, БДП во таа година порасна за 2.8%, подоцна корегиран од ДСЗ на нешто помалку, но, во основа многу блиску до просечниот годишниот раст на БДП во твојот осумгодишен мандат ‒ 2007-2014 (2.9%). Ти ќе кажеш во услови на криза во западните економии. Јас ќе речам ‒ да!, но и во услови на дуплиран јавен долг како инекција за растот.
Но, вистинското запознавање на твојата личност, образование, преокупации, карактерни особини, однос кон сопствената земја, верски убедувања, како и кон антонимите од типот: искреност‒неискреност; вистина‒лага; љубов‒омраза; демократија‒авторитаризам (деспотизам, апсолутизам, фашизам); слобода‒неслобода, правичност‒неправичност; еднаквост‒нееднаквост; индивидуално‒колективно; разбирање ‒неразбирање на општеството како социо‒економски феномен, ни стана достапно мене и на јавноста која има капацитет и време да промислува такви концепти откако ти стана Претседател на Владата на Република Македонија. Дотогаш, ти беше некоја „позитивно навестена непознаница“, барем за мене, но слушав такви гласини и од други.
На почетокот твојот активизам, досега најголем во споредба со која било политичка личност во Македонија, успеа да стави во заблуда не мал број луѓе со способност да промислуваат општествени концепти. Твојата непрекината, суперагресивна, вриштечка кампања за наводната посветеност на македонската кауза, за божемното духовно интегрирање на сите Македонци каде и да се, 24-часовното врескање за безбројните проекти, како производ, наводно, на твојата непресушна имагинација, посветеност, неуморност, како и твоите седници на Владата како театар на отворено кој требаше „да ја засени простотата“, треба да признаеме дека успејаа да излажат многу луѓе, високо да им ги кренат очекувањата на бројни очајници од повеќе социјални групи ‒ од високата и со празни џепови интелигенција, до масовните лумпенпролетеријализирани „широки маси“. Но, најмногу од сè, за тоа придонесе твојот концепт на политичка корупција ‒ платен од парите на истите тие очајници, од сегашните даноци и идните зголемени даноци со кои ќе мора да се плати распаметеното задолжување на земјата коешто го правиш без ронка совест.
Но и покрај тоа, како се редеа годините на твоето владеење, ти сè повеке сфаќаше дека ниту тој хаотичен активизам, ниту дотогаш незабележената кампања за „твоите јунаштва“, ниту кредитите од дома и странство за ширење и одржување на политичката корупција не ти ја гарантираат патолошката опседнатост за недогледно задржување на власта. Затоа, како и сите диктатори, набргу тргна во беспоштедна битка за приватизирање и на онака кревките институции на државата ‒ почнувајќи од дефинитивното укинување на парламентот, преку приватизацијата односно фамилијаризацијата на полицијата, востановувањето речиси целосна контрола врз судството, укинувањето на функцијата Претседател на државата, со помош на онаа јадна креатура која не се срами што ги зема тие пари од својот народ само за да не постои, и како најважно, се обиде да ги монополизираш сите информации, преку забрана на транспарентноста на институциите, забранувајќи им да даваат каков и да е податок или информација која не се вклопува во градењето на твојот јуначки лик; и клучно, ти, Никола, ги укинуваше институциите преку купување, подмитување, казнување, заплашување на слободното новинарство, вклучувајќи и затворање на невини новинари.
Како и многу други деспоти познати во светската историја, сè направи за да го колонизираш нашиот ум. Но, и со сето тоа, ти пак остана исплашен дека ќе ја загубиш власта. Затоа прибегна уште кон неколку други брутални инструменти: (1) втемелување на досега невидено раширен систем на фалсификување на изборни резултати; (2) наплаќање високи глоби од политичките конкуренти за изречени зборови во политичка битка и нивно апсење; (3) незаконско полициско следење и незаконско масовно прислушување на сите потенцијални „омаловажувачи“ и „загрозувачи“ на походот кон твојата карикатурална опседнатост со некаков си „проект за твоја бесмртност“; (4) монструозна игра за одржување „контролирана“ меѓуетничка тензија и конфликти; (5) а, почнувајќи од 24 декември 2012, кога дефинитивнo го погреба Парламентот, вклучително со денешните „здруженија за одбрана на Македонија“ од „домашни и странски непријатели и предавници“, навлезе и во играта на директно провоцирање на пошироки граѓански конфликти, да не речам војна.
Ти останува, „наш“ Никола, уште една работа ‒ од апсења и „игри“ од наведениот вид, да преминеш кон директни физички ликвидации. Им се извинувам на оние кои мислат дека и тоа се случило, на пример со Никола Младенов, а се шпекулира и со некои други случаи (така е кога институциите ќе претераат со нетранспарентност, интриги, лаги, непрофесионалност, дилетантизам, па го губат кредибилитетот), но јас сè уште сакам да верувам дека такво нешто не е направено во „транзициска“ Македонија, иако очигледно ризикувам некоја од „бомбите“ на Заев грубо да го демантира тоа мое убедување, како и „занемарувајќи“ го случајот „Раштански лозја“, за кој не си неинформиран. Од завчера ситуацијата со овој последен инструмент, употреба на сила до убиства, за жал не е само гола претпоставка. Мартина го убија вашите највалкани извршители на највалкани работи, а поради вашата сраснатост со нив, и перманентната глума за твојата „беспрекорност“, поважно ви беше прикривањето на убиството и барањето начини да му се помогне на убиецот, отколку да се обелодени вистината и сите виновници да одговараат. На тој начин, смртта на еден млад човек ја сведовте на обична баналност, проследена со бесчувствителност и здодевно кикотење. Со односот, пак, на полицијата кон спонтаните демонстрации по повод тоа убиство, без соодветна одговорност, станува јасно дека еден невино изгубен живот за тебе, дефинитивно, не е ништо. Од смртоносната преродба не се откажуваш. Ќе ни покажуваш ли практично колку не ги цениш човечките животи?
(продолжува)
Слики: Свирачиња