Солидарен манифест

09.05.2015 10:06
Солидарен манифест

Левичарското Движење СОЛИДАРНОСТ, во екот на масовното народно мобилизирање кое започна на 5 мај, стоејќи рамо до рамо со луѓето на улиците, вложувајќи ги сите напори и сили за истрајност наспроти сите притисоци, насилство, апсења и уцени,

Ве повикува,

Заедно и солидарно да стапиме на страна на слободата! Приклучете се на народните протести кои добиваат сè поголема поддршка ширум цела Македонија! Сплотени и солидарни како никогаш до сега, угнетените го кренаа гласот против оваа отчовечена власт! Тој глас е веќе ослободен и ечи по улиците, го навестува новото време на правда и еднаквост, слобода и солидарност, вредности кои ќе ги вратиме и втемелиме во секоја пора на нашето општество!

Ние никогаш не прифативме и нема да прифатиме ниедна форма на неправда! Со години, заедно со работничките и работниците, студентите и студентките, невработените, новинарките и новинарите и сите други обесправени стоевме на браникот на правдата и слободата. Народното движење кое со години растеше истрајно и самостојно, на 5 мај кулминираше во масовен народен бунт. Овој ден, 5 мај, веќе претставува почеток на новото време, од овој ден па натаму во Македонија сè ќе биде различно!

Почитувани СОБОРКИ И СОБОРЦИ! Се наоѓаме пред големи чекори, и затоа мораме заедно да ги градиме нашите идни чекори, да го поставиме планот за новото општество! Активистите и активистките на Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ, како дел од автентичниот народен глас, стоејќи цврсто убедени во исправноста на народната борба за слобода и правда, ги поставуваат следниве барања:

1. Итна оставка на Владата на Република Македонија предводена од Премиерот Никола Груевски;

2. Ослободување на сите политички затвореници, вклучително и приведените по настаните на 5 мај;

3. Формирање на Влада на Национален Спас која во најкус можен рок ќе го направи следново:

– Именување нови раководни лица во полицијата и обвинителството;

– Прочистување на избирачкиот список и организирање на фер и демократски изборен процес.

Борбата за демократска и социјално праведна Македонија продолжува!

Ќе победиме!

Извор: solidarnost.mk

ОкоБоли главаВицФото