За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (3)

11.05.2015 01:24
За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (3)

Какви се навистина ЕУ (и САД)?

Како што веќе реков погоре, неолиберализмот денес е доминантна идеологија на економските и политичките елити на светот. Тој е матрицата на економската, монетарна и развојна политика на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка, Европската инвестициона банка, Европската банка за реконструкција и развој и многу други фондови и финансиски институции, кои веќе трескавично и догматично туркаат неолиберални реформи и пакети за штедење како единствен можен рецепт за економски развој низ целиот свет веќе три децении. Резултатот на овие реформи е економски пустош за широки слоеви на луѓе во скоро сите земји на кои им се наметнуваат неолиберални рецепти за економски развој и кои резултираат во огромни движења на крајно осиромашени и понижени луѓе кои преку методи на илегална миграција на запад се обидуваат да дојдат до подобар и посигурен живот. Низ сиве овие реформи и т.н. пакети за штедење се крие класна борба на капиталот против трудот, во кои соработуваат светските и локалните елити. Европската Унија во сегашната форма е eдна крајно бирократизирана неолиберална творба со сомнителен демократски капацитет, чија примарна задача е да ја зголеми акумулацијата на западноевропскиот капитал, посебно на германскиот, врз сметка на трудот, посебно оној на милионските армии на источноевропејци кои сега се најголемата мигрантска група во ЕУ. Оваа огромна источноевропска мигрантска група, посебно онаа што доаѓа од земји кои сè уште не се членки на ЕУ, е подложена, како што покажува Фатима Ел Тајеб во својата студија European Others: Queering Ethnicity in Postnational Europe (University of Minnesota, 2011), на истите методи на етнизација и расијализација од страна на мнозинствата во земјите во кои тие живеат, на кои се изложени и оние мигранти со поинакви фенотипски карактеристики како оние кои доаѓаат од африкански и азиски земји. Етнизацијата е дискурсивно орудие на белото мнозинство кое го користи за разликување на инсајдери и аутсајдери, и за дискриминација на аутсајдерите од страна на инсајдерите.

Франко Берарди, и многу други европски левичарски интелектуалци, ја означуваат сегашната неолиберална ЕУ како агресија против општеството, како една предаторска сила која ги голта општествените ресурси, чија природа е уништување на демократијата, а нејзината судбина е системски колапс и граѓанска војна, која би можело многу лесно да биде предизвикана од веќе раздивените екстремни национализми, ксенофобии, фашизми, анти-семитизми, расизми, и исламофобии, кои ги генерира токму неправедниот и суров неолиберален капитализам.

Неолиберализмот е во позадината на сите ладнокравни геополитички калкулации на сите големи светски и европски сили. Неолиберализмот има своја американска, европска, руска, кинеска, сингапурска, балканска и многу други варијанти, но главните црти на овие варијанти се такви какви што беа опишани погоре. Во овие калкулации економските интереси на политичките и економските елити на овие земји одат во преден план. Генерации на политичари, бирократи и технократи се задоени со неолиберализмот до таков степен што тој станува нерефлексивен, скоро автоматски начин на размислување. На македонското население, како и на целото население од западен Балкан, во геополитичките калкулации на елитите на големите сили му е дадено местото на евтина работна сила, посебно податливa за искористување бидејќи опстојува во економија со огромна невработеност и во услови на тотално размонтирање на социјалната држава. Со други зборови, оваа популација е означена за „бавна смрт“.

Она што навистина ги интересира големите сили во Македонија е непречената и мирна акумулација и протек на капиталот од нивните земји на сметка на трудот на локалното население, значи, минимална политичка стабилност и безбедност и неолиберална контрола над истото население со методите на државата на надзорот со посебен нагласок на надзорот врз неконтролираното мигрирање и движење на населението во западните земји. Ако може ова да го испорача локалната елита, тогаш таа си добива „право“ да прави што сака дома. Обилни докази за ваквиот диференцијален третман на населението од западен Балкан е токму односот на владите од ЕУ кон легалните и уште повеќе кон нелегалните мигранти од овие подрачја, посебно на Албанците од Косово и Македонија и Ромите од сите балкански земји, како и визниот режим кој во секое време може да се смени на начин кој ги пенализира сите граѓани од западен Балкан.

Од овие причини сум многу скептичен кога се повикуваме на некаков демократски инстинкт на САД и ЕУ, да дојдат и да ни помогнат да излеземе од мракот во кој нè турна Груевски. Постојат поединци, политичари и интелектуалци од таму кои имаат таков инстинкт, но машинериите за донесување на одлуки и во САД и (големите сили во) ЕУ делуваат поинаку. САД веќе имаат долга историја на активно помагање или пасивно толерирање на крајно корумпирани авторитарни режими со капиталистички предзнак кога тоа им е во геополитички интерес. ЕУ веќе девет години го толерира авторитарниот Груевски, глуми некаков интерес за демократијата во Македонија и приближување на Македонија кон ЕУ, приближување на кое ниту на Груевски ниту на ЕУ им е важно, а сега некои нејзини неолиберални политичари, посебно оние од Европската народна партија, заедно со некои искомпромитирани македонски неолиберални политичари од блиското минато, почнуваат да лиферуваат со некакви амнестии за главните антихерои во македонската неолиберална клептократија, само за да има некаков привиден мир, и за да не се трошат политичките и другите ресурси на ЕУ зафатена со грчката и украинската главоболка, и сè да си продолжи по старото неолиберално сценарио, иако можеби со некои нови имиња. Ако на ЕУ навистина ѝ беше до демократијата во Македонија, таа одамна ќе преземеше построги економски, политички и дипломатски мерки против режимот на Груевски. Крајно време е да престанеме некритички да мантраме за нашиот влез во ЕУ како крајна стратешка цел, без да се прашаме критички на каква ЕУ се повикуваме за помош и за во каква ЕУ сакаме да влеземе.

Македонскиот неолиберализам на Груевски

За да ја разбереме груевистичка Македонија, груевизмот како една идеологија и политичка пракса во еден поширок контекст, мораме да разбереме како тој мрак во кој е влезена Македонија е вгнезден во еден поширок мрак во кој нè туркаат суровите императиви на светскиот неолиберален капитализам. Со распаѓањето на комунизмот во источна Европа, неолиберализмот стана неприкосновена, доминантна идеологија во целиот постсоцијалистички свет. Неолиберализмот влезе во Македонија и пред доаѓањето на Груевски на власт. Сепак, со неговото доаѓање на власт во 2006, неолибералните реформи продолжија со невидено жестоко темпо и со катастрофални последици за поширокото население. Груевски и врхушката собрана околу него не се ништо друго туку одработувачи на една сурова неолиберална светска агенда од кои тие се главните локални профитери. Тој направи сè што можеше да создаде многу поволни услови за влегување на светски капитал во Македонија според типичен неолиберален терк. Не е ни чудо што Светската банка ја прогласи Македонија за една од 10-те најатрактивни земји за инвестирање. Груевски ги ослободи странските инвеститори во слободните економски зони од данок за десет години, создаде екстериторијални економски зони каде што законите на државата не важат, ги нокаутираше традиционалните стари синдикати кои тој ги контролира, обезбеди услови за експлоатација на сопствените граѓани кои работат за 10.000 денари во претпријатијата контролирани од странци, а во рудниците во источна Македонија во сопственост на индиска компанија рударите копаат руда за бедни 5.000 денари кои и не им се исплатуваат редовно. Тој не нуди никаква заштита од државата за вработените во овие компании. Резултатите од неговите реформи се поразителни за Македонија. Таа има највисока стапка на сиромаштија во Европа, каде според податоци на Светската банка дури 9 проценти од населението во 2010 живеело со помалку од два долари на ден, тренд кој има нагорна линија. Како што забележа Бранимир Јовановиќ во својот блог за македонската економија, овие податоци мистериозно исчезнаа од вебот на Светската банка откако за нив почнаа да расправаат македонски економисти.

Груевски приватизираше сè што можеше да се приватизира, дури и атрактивни локации во национални паркови за да може се изгради некаков деловен објект или хотел на некаква си офшор компанија од странство, зад која, како што сега дознаваме, често се крие човек од власта или човек близок на власта.

Имавме многу индиции за разузданото, корумпираното и авторитарното неолиберално владеење на Груевски: за партизираната државна адмнистрација, за контролата на извршната власт над судството, за пратениците на владината коалиција кои се само нема гласачка машинерија на волјата на премиерот, за градењето на една послушничка клиентела во универзитетскиот систем, за крајно омаловажувачкиот однос на премиерот кон собранието, за диктаторското и крајно расипничко наметнување на новиот изглед на Скопје наспроти противењето на мнозинството на негови граѓани и архитекти, за контролирањето на традиционалните медиуми преку закани за нивните сопственици од стилот а ла Рамковски и преку купување на рекламен простор, за претворањето на МРТВ во гебелсова пропагандна машинерија на владата, за контролирањето на старите синдикати, за наметнување на контроверзни закони донесени по итна постапка и без вистинска дебата, за гушењето на демократскиот капацитет на граѓанското општество преку водење на една безобѕирна војна во медиумите против невладините организации демонизирани како „соросоиди“, за уценувањето на бизниси кои не сакаат да бидат дел од рекетот на владејачката партија, за политички монтирани судски процеси, за смртните ефекти на неолибералното разбирање на функцијата на јавното здравство (случајот на малата Тамара и многу други), за непосакуваните ефекти од неолибералните реформи во областа на образованието, и многу други работи, и пред да експлодираат „бомбите“ на Заев.

И со „бомбите“ дознаваме дека над 20.000 македонски граѓани, означени како неподобни, биле систематски прислушкувани, најверојатно со отворената соработка со телекомуникациските оператори во Македонија, веќе неколку години. Но, паранојата на македонската држава на надзор не завршува тука, туку го опфаќа и најтесниот круг на врхушката, која исто така било постојано прислушкувана од државниот апарат за надзор. Сега сета бедна и злобна интимна прозаичност на размислувања и на мотиви на оние што го узурпираа целиот државен апарат, целосно ја суспендираа правната држава и ја пеплосаа демократијата во Македонија за лично богатење и лечење комплекси на моќ, ѝ е достапна на пошироката јавност. Првото правило на тоталитарната и параноидната држава на надзорот е владеените никогаш да не знаат што владетелите навистина мислат за нив и што прават во нивно име е скршено овде. Сега владеените во Македонија не можат да се правдаат дека не знаат што е правено со нивни пари, нивни ресурси и во нивно име. Македонија е една од многу ретките земји каде што сега имаме јавно достапен огромен материјал за интимните разговори на најмоќните луѓе во државата во кои тие местат избори, организираат рекети од бизниси преку испраќање на пазарни и финансиски инспекции, уништуваат неистомисленици, местат судии и судски одлуки, менуваат урбанистички планови за лични деловни интереси и мегаломански лични хирови, договараат огромни провизии за наместени тендери, пумпаат цени на капитални инфраструктурни проекти за да можат да си стават милиони евра во сопствен џеб од разликата со вистинската цена, и уште една многу долга листа на корумпирани и криминални дејствија.

Овој факт на транспарентност на вистинските мотиви и начини на размислување и делување на оние во позиции на моќ е кошмар за секој неолиберален политичар кој најудобно се чуствува кога делува зад параванот на тајноста на државата на надзор. Оттука и нè чудат млаките, конфузни и контрадикторни легалистички реакции на многу европски и американски политичари за кризата во Македонија, кои очекуваат, би рекол крајно цинично, корумпираниот, некомпетентниот и од владејачката фамилија целосно зграпчен правен систем на земјата сам да се справи со обвиненијата изложени во материјалот доставен до јавноста од страна на СДСМ.

Овде го анализирам владеењето на Груевски во една поширока идеолошка рамка на светскиот неолиберален политичко-економски поредок за да укажам на наивноста на барањето помош за излез од она што сега во Македонија не е само длабока политичка, туку и системска, економска, и општествена криза од неолиберални меѓународни институции, влади и политичари, кога неолиберализмот од крајно забеганата и корумпирана варијанта на Груевски е главен генератор на кризата. Без соодветно критичко разбирање на овој поширок меѓународен контекст, се плашам дека евентуалното посредништво во кризава од страна на горененаведениве институции ќе доведе до решение на продолжување на неолибералното прекројување на Македонија со една друга влада која ќе биде поблага во тоа како ја користи државата на надзорот и ќе биде помалку корумпирана, но чие владеење сепак ќе има катастрофални економски и социјални последици за огромниот дел на граѓани на републиката.

Како што гледаме во случајот на Грција која е членка на ЕУ и на еврозоната, демократски избраната и популарна влада на Сириза е оставена сама да се справи со кризата предизвикана од суровите и корумпирани неолиберални реформи на олигархиите околу ПАСОК и Нова демократија на начин кој е во суштински интерес на поширокото грчко население. Тука нема ни трунка од клучниот принцип на солидарност на членките-земји на ЕУ. Станува очигледно дека и ние сме оставени сами да си ги решаваме проблемите. Затоа мислам дека е крајно време да се збогуваме со сопствениот суров оптимизам за тоа што ваквата ЕУ може да ни понуди како излез од мрачниот тунел во кој нè турна Груевски.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Слики: Klone

Слични содржини

Општество / Балкан

ОкоБоли главаВицФото