Терористи

11.05.2015 09:28
Терористи

И големиот број жртви и ранети во полициската акција во Куманово не го спречи премиерот Никола Груевски славодобитно да објави дека полицијата успешно ја завршила можеби најтешката операција од осамостојувањето до денес и дека ја разбила најопасната терористичка група во регионот.

И претходно, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беа разбивани и апсени членови на наводни терористички ќелии врз база на исламскиот фундаментализам (на пример, во случајот „Монструм“, па и во други случаи), но и тогаш, како и сега странците останаа воздржани од честитки за ваквите успеси на македонските безбедносни сили, што е навистина, најблаго речено, чудно, бидејќи САД како предводник на антитерористичката коалиција не пропушта да објави елиминација на која било поопасна терористичка група или на некој позначаен терорист. Не навлегувајќи во бројните шпекулации околу начинот на изведбата на акцијата, мотивите на терористите, нетранспарентноста во однос на информациите, ние тука сепак ќе бидеме посклони кумановската група да ја сведеме на вообичаеното криминално-мафијашко-платеничко ниво, толку познато во ова балканско милје. Едноставно, сметаме дека зборот „терорист“ во денешното значење на тој збор, едноставно прелесно се употребува.

Тероризмот, имено, во современото значење на тој поим, означува системска употреба на насилство и заплашување за изнудување на политички, верски или идеолошки отстапки или парични средства кои натаму ќе послужат за остварување на нивната идеолошка платформа. Една од карактеристиките на тероризмот е и нејасната врска меѓу жртвите и целите на терористичката организација (случајот „Смилковско езеро“, на пример). Нападот на претставниците на државните органи (во случајот полицијата), всушност, е атипичен терористички акт бидејќи не цели кон цивилното население туку на државните институции на присила и со самото тоа го намалува интензитетот на една од основните особини на терористичкиот акт – заплашувањето. Натаму, без оглед на таканаречените комуникеа на наводната ОНА, или токму поради нив, остануваат нејасни политичките барања на оваа терористичка група, така што е сосема извесно дека тие немаат некоја реална основа во овдешното население. Напротив, се чини дека луѓето лесно и брзо ја препознаа криминално-платеничката структура на разбиената кумановска група.

Од друга страна, историското помнење нè учи дека, без оглед на методите, многу внимателно треба да се прави дистинкцијата меѓу „терористите“ и „борците за слобода“. Светот, Балканот, па и Македонија помнат мноштво примери кога некогаш дефинираните терористи наеднаш станале борци за човекови права, за националната кауза или за слобода. Најсвеж пример е воениот конфликт од 2001 година, кога тогашните „терористи“ станаа легитимни политички претставници на овдешното албанско малцинство и со еден мал прекин практично до денес се во власта и се незаобиколен фактор во градењето на правната држава.

Се разбира, има и други примери. Во светски рамки, веројатно најпознати се примерите на во тоа време ционистичките терористички групи и бараните „терористи“ Бен Гурион, Голда Меир, Моше Дајан, Менахем Бегин итн., подоцна регуларни и признаени лидери на израелската држава. Или на палестинските терористи под водство на Јасер Арафат, кој подоцна беше признаен како регуларен лидер во борбата за слобода. На Балканот можеби најпознат пример е „Млада Босна“ и атентаторот на австро-унгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд, Гаврило Принцип, кој и денес, во зависност од внатрешните потреби на националните историографии, за едни е терорист, а за други национален херој.

Во Македонија ова место би ги зазеле „Гемиџиите“ од Велес и нивните солунски атентати, кои заслужија и споменик во рамките на проектот „Скопје 2014“. Во секој случај, во Македонија ВМРО безмалку го има авторското право на тероризмот на овие протори. Атентаторот на југословенскиот крал Александар во Марсеј 1934 година, членот на ВМРО Владо Черноземски, и денес за едни е херој, а за други обичен терорист. Не е на одмет да се каже дека главните организатори на овој атентат, хрватските усташи на фашистичкиот колаборационист Анте Павелиќ, го имаат истиот третман во нивната земја.

Освен теророт и атентатите во сопствените редови и прочуените вмровски тројки (еден од главните атентатори на ВМРО, Андон Ќосето, исто така има споменик во Скопје), особено се интересни „магарешките атентати“ на Тодор Александров, премолчено рехабилитиран во современата македонска историографија и признаен како некаков национален деец. Магарешките атентати, всушност, се претходница на подоцна омилениот терористички метод на автомобил-бомба. Имено, врз некое несреќно магаре се товареле торби со бомби (пеколна машина, како што во тоа време опишува Анастас Митрев), кои потоа биле активирани на пазар во пазарен ден. Магарешките и бомбашките атентати од тоа време (1911-1912 година) довеле до голем број случајни жртви, но како нивна последица доаѓа до голема одмазда на турската војска, при што се убиени стотици Македонци, исто така по случаен избор.

Еден од парадигматичните примери е Дончо Штипјанчето (Андон Тошев), курирот на ВМРО, кој е фатен во Битола со десет бомби во својот коњски товар со ориз. За него е испеана онаа песна „Ми товарил калеш Дончо“, каде што постои стихот: „Леле, леле, леле, Дончо за жалење, оф, оф, оф, оф, оф, Дончо Штипјанчето“. (Патем речено, песната е битолска, а не штипска како што мислат многумина). Се разбира, кога сме кај бомбите, во колективната меморија е влезен и „бомбашкиот процес“ на Јосип Броз Тито, кога тој, нели, не го признава граѓанскиот суд, туку само судот на партијата, што може да биде и логично бидејќи е фатен со бомби на јавен простор.

Кога сме веќе кај бомбите, толку популарни и денес, овде треба да се спомнат и бомбашките атентати во 70-тите години на минатиот век, кога група некогашни полицајци (милиционери) постави бомби во дописништвото на белградска „Политика“, пред грчкиот конзулат и на други стратешки места во Скопје. Сето тоа во името на независна Македонија. Во 80-тите години беа фатени и беше организиран судски процес, можеби најпознат по монтирањето на поетот Јован Котески, кој беше осуден, не како учесник во атентатите, туку како идеолог на терористичката група (види „Комунистичка интима“, Јасна Котеска, „Темплум“, 2008).

Сепак, интересно е и потеклото на зборот „тероризам“, од каде што, нели, доаѓа и изведенката „терористи“. Овој интернационализам во македонскиот јазик (како и во другите), доаѓа од францускиот „terorrisme“, односно од францускиот „terrеur“ (терор) и се однесува првенствено на државниот терор, поточно на десетмесечниот период наречен „Владеење на теророт“ (5 септември 1793 – 28 јули 1794), за време на јакобинската диктатура во Франција. Во судирот меѓу јакобинците и жирондинците, по Француската буржуаска револуција, гилотирани се 16.594 лица, а извршени се и над 25.000 други егзекуции, најчесто преку монтирани процеси и со оправдување дека се работи за предавници на државата.

Инаку, во францускиот јазик овој збор доаѓа од латинскиот глагол „terror/terrere“ – да заплашуваш.

Денес кумановската населба Диво насеље (како што ја викаат кумановци, а не Дива населба, како што, од некои причини, овдешните медиуми го преведуваат името на овој кумановски кварт) не изгледа како истероризирана градска четврт, туку како вистински воен фронт. Државниот врв би рекол дека е среќа што терористите не стасаа да го истероризираат квартот. Затоа тоа го направија државните безбедносни сили. За жал, со превисока цена и премногу жртви.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото