Човекот со жолтото ферари

11.05.2015 10:55
Човекот со жолтото ферари

Попладнево возам по Партизанска, со точак, се разбира. И кај пазарот Буњаковец, на прва лента, онаа на која возат сите велосипедисти во овој град паркирано жолто ферари - карера, двосед, со странски таблички, на кое вратата од шоферско место му е целосно отворена, која, патем зазема веќе неколку сантиметри и од втората, т.е. средната лента на овој можеби најпрометен булевер во градов убав. Тип, т.е. господин, пристоен господин обчечен во летна варијанта, веројатно сопственик на ова возило, разговара со некого токму на грбот на овој убавец од автомобил. Застанувам зад нив. Стојам и чекам. Средната лента е во гужва, секако можам да се приклучам на истата, но не сакам, чекам да видам колку време ќе му треба на овој „фин“ господин да се сети дека го попрчечува сообраќајот. По неколку минути ме здогледува и нервозно ме прашува:

„Треба нешто?“

Одговарам:

„Веројатно правиш дотур на роба во пазарче на тезга што си вака застанат среде булевар, чекам да видам што шиткаш, за да си купам, веројатно ќе ми го шитнеш поевтино тука на улица, а?“

Одеднаш лицето му станува невозможно нервозно, приоѓа блиску до мене и со повисок тон од вообичаениот проговорува;

„Јас на тезгар од пазар ли ти личам бе?“

Велам:

„За жал не ми личиш на човек кој работи на пазар. Луѓето кои работат на пазар, именувај ги така, бидејки тие не се тезгари, туку луѓе кои со работа, со труд по цели денови киснат на своите тезги за да заработат за корка леб, за да си го прехранат семејството, а ти, ти си тешко шупачиште кое паркира кола на сред булевар и успева да се навреди од комплимент каков што ти дадов, да си чесен и трудољубив. Паркирај си ја колата на паркинг бе шупак еден, и праи си муабет у кафич колку што ти душа сака, а не на сред улица, не гледаш дека пола Скопје стои во место заради тебе?!“

Уште понервозен ме фака за кошулата, која патем ми ја гужва и ме привлекува кон себе веројатно со намера да ме удри:

„Слушај копиљ. Гледај си го патот да не ти ја скршам главата.“

Му велам:

„Јас, фин господине, и си го гледам патот, и ќе стигнам онаму каде што сум тргнал, посуштински е дали знаеш ти да си го гледаш патот, ако разбираш што сакам да ти кажам?!“

Оглупаве, Му ја оттргнав раката, му намигнав низ насмевка на неговиот соговрник, го заобиколив неговиот прекрасен автомобил и си продолжив по патот.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Ned Shuchter