Обединување

11.05.2015 18:09
Обединување

Бидејќи веќе повеќе години се занимавам со сликарство и ги набљудувам енергиите кои се покренуваат со креативниот чин, можам да дадам скромен придонес кон разјаснување на некои појави, сега за разбивање на блоковите и фрагментацијата во општеството и за премостување на јазот меѓу опозициските партии како постоечки политички структури и граѓанските инцијативи како формални и неформални движења.

Фактички се обидувам да го изнајдам најсилниот обединувачки фактор.

Несомнено е дека со/во секое политичко дејствување се покренуваат енергии, значи некаква моќ. Кога моќта се концентрира во една личност постои лидерство, како што е случај со партиите. Граѓанскиот сектор таа лидерска организациска структура ја избегнува од повеќе причини.

Терапевтската улога и функција на непосредната демократија е во ослободувачкиот ефект на потиснатите содржини како гнев, бес, револт, а, бидејќи во вакви тешки времиња тоа е нормална појава, тие содржини треба да се канализираат, воедно и преобразат во повисока идеја или идеал, за да се постигне целта на движењето, или отпорот. Инаку се заплеткуваме во ниски моќи (хаос и анархија) и стануваме жртви, дали на нашите сопствени, а уште повеќе на некој кој е итар да манипулира со нив.

Затоа јас не би го користела терминот моќ, туку сила. Духовна сила треба да ги обедини сите и таа е мостот кој треба што поскоро да се изгради меѓу сите фактори кои ѝ посакаат МИР, СЛОБОДА, ПРОСПЕРИТЕТ на оваа земја.

Сега да не се заплеткаме терминолошки, бидејќи баш духовната сила е вистинската МОЌ, можеме да разлачиме дека постои моќ која нè заглавува во пониски страсти и која води кон насилство и хаос, но и духовна моќ како обединувачки фактор. Така некако.

И двете страни треба да направат чекор кон обединување. Луѓето организирани во политичките партии (на сегашната опозиција) да се ослободат од „моќта“ , да станат „обични“ граѓани, а граѓаните, дали како организирани групи или самостојно, да се еманципираат, да созреат, за да сфатат дека тие како директна демократија се основната градбена единица – клетка -структура во демократското општество (а овие првите, и која било констелација која ќе биде на власт во иднина, тоа вистински да го прифатат како нова македонска реалност). Баш тој процес на еманципација и кај едните и кај другите е процес на стекнување сила (духовна). Низ овој процес сите ние се преобразуваме во (сега цивилизирано) општество во кое пристојноста и умереноста се нормала и се издигнуваме на повисоко културолошко ниво.

Човековите права и слободи се базата на демократското општество. Тие се најмалиот зеднички именител и најголемиот заеднички содржател кои сите добронамерни и мирољубиви луѓе ќе ги обединат во партнерство, во овие пресвртни моменти за иднината на земјата. Мора сега да се надминат бариерите и да се случи обединување. Бидејќи нема друг избор.

Секако, мотивот во обединувањето е најбитен. А тој е надтартисски, надетнички (ова постојано го повторуваме, но еве пак го потенцираме) несебичен, против криминалот и неправдата, а за воведување на правата и слободите како вистински дух во нашето општество.

Се разбира дека треба да се формира „координативно тело во кое освен опозициските партии ќе влезат граѓански движења, пленуми, синдикати, професионалните здруженија, формалниот и неформалниот граѓански сектор, сите кои ѝ сакаат добро на земјата!...За разлика од нив (од власта), кои одлично соработуваат за остварување на своите цели, нашата коалиција е во зародиш, и бавно се гради. А ни треба што побргу да се здружиме, без оглед на идеолошките, етничките и други разлики...“ ( Петрит Сарачини)

Слики: Татјана Миљовска