Оди си! (3)

12.05.2015 01:56
Оди си! (3)

НИКОЛА, ШТО КОНКРЕТНО НАПРАВИ СО НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ?

Да го оставиме, за момент, настрана прашањето на сингуларниот и плуралниот пристап за разбирање на идентитетот на една личност и импликациите од тоа врз концептот „култура“ во поширока смисла. Што правеше ти, Никола, во изминатите девет години со основните белези на македонскиот идентитетот, ете, разбран и во потесната смисла? Манипулираше за дневно-политички ќар, посебно пред секои избори, и сериозно се обиде да извршиш ревизија на веќе створената нација. Од тоа произведе зијан за земјата и на внатрешен и на надворешен план.

Ревизијата на веќе создадената нација понагласено ја започна со т.н. проект „Скопје 2014“. Но, како и по сите други важни прашања и во овој случај се служеше со разни мимикрии, полувистини и невистини, работејќи подмолно, забивајќи ѝ нож во грб на целата нација. Ти и твоите култур-марионети изградбата на спомениците ја правдавте како инструмент на збогатување и зацврстување на националниот идентитет - некакво проширување на колоритноста на националната историја и културните состојки во идентитетот, па и исправање на грешките и евентуалните комунистички фалсификати и едностраности. Но, наместо реченото, градењето споменици ти го претвори во „инструмент за ревизија на еднаш веќе створената и потврдена нација, на националниот ентитет со својот етнички, политички, културен и општествен идентитет“ (Н. Вилиќ).

Како што денес бесрамно лажеш дека „снимките на Заев“ се креирани, монтирани, лепени, со други зборови се неавтентично сведоштво за бескрупулозноста на твоето управување со земјата, така неуверливо се обидуваше да ја негираш антиквизацијата како твој проект, особено протната, како што реков, преку изградбата на споменици. И најмалку проникливите сфатија дека поставувањето на споменикот наречен „Воин на коњ“, алијас Александар Македонски, на плоштадот Македонија, и поставувањето на комплексот Фонтана со скулптурата на Филип II (таткото на Александар) и Олимпија (неговата мајка), преку мостот на плоштадот „Карпошово востание“, како две спротивно и симетрично поставени коти кои и со габаритната несоодветност јасно доминираат со просторот и се еден од клучните изрази на твојата желба да се потисне или целосно отстрани доминантната словенска компонента во ентитетот на македонскиот народ.

Другите натрупани споменици, на истиот простор, имаат три задачи: (1) да послужат како изговор дека не се работи за антиквизација; (2) да амортизираат дел од незадоволството на коалиционите партнери; (3) да продолжи корисниот бизнис за лесно испумпување пари од државната каса за богатење на своите, како и за финансирање на политичката корупција во областа на културата и уметноста.

Но, ти, Никола, не застана само на спомнативе антички фигури. Симболите на „новиот“ идентитет на нацијата ги размножуваш низ целата држава. Слични антички потсетници никнуваат и во други градови. Имињата и фигурите на Александар Големиот и на неговото семејство станаа белези и инвентар на десетици и десетици улици, спортски сали, стадиони, плоштади насекаде низ Македонија. Антички фаланги јаваат на коњи, мавтаат со Александрови мечови и штитови. Разни спортски групи се идентификуваат со нив и сите тие, главно, се спонзорирани од јавните пари - директно или преку намножените клиенти на државниот и општинските буџети. Притоа се изнаслушавме и разни историски прикаски за големиот освојувач, на трошок на народот. А ти, наш голем итроману, мислиш дека сите ќе ги пренесеш жедни преку вода! Демек, ти не ни пакуваш нова историја, туку ете, народот ги открива своите „вистински“ корени.

Некои луѓе, неретко и од редовите на странските дипломати, ме прашуваа(т) дали оваа манипулација, или овие искривувања на историјата, нејзиното сосема ново државно читање и препрочитување ги правиш зашто си длабоко убеден во тоа, или затоа што сакаш да манипулираш. Им одговарам дека јас не се мачам со таа дилема: што и да е, тоа се идеи на човек кој малку знае, кој има длабоки проблеми со самиот себе, кој е потонат во својот автоцентризам, во својата самозамислена големина, кој е заробен во мачната борба во себе: кое лице да ѝ го изложи на јавноста и како да спречи од повеќето прозорци да не излезат другите лица, само за да ја сочува позицијата од која го цица сопствениот народ.

Но, ти, Никола, не си сам виновен за оваа новосервирана измама и/или заблуда, мошне штетна за државните интереси на Македонија. Има(ше) и други, иако помалку амбициозни од тебе.

Професорот во пензија, Денко Малевски, во една неодамнешна колумна нѐ информираше за тоа како Правниот факултет во Скопје си го впишал името „Јустинијан I", со нестатутарна игра во која учествувал и сегашниот претседател на МАНУ, оној кој вели дека МАНУ не треба да се бави со „дневно-политички“ прашања. Но затоа таа институција има интерес да ја промовира твојата магистерска теза. Тажно, за угледот на таа институција.

Сите знаеме како еден друг професор од истиот факултет, В. Тупурковски, пред парламентарните избори во 1998, компилираше книшки за Александар Македонски и како помпезно им ги делеше на нашите деца, продолжувајќи ја неговата перманентна блеферска политичка активност, без да води сметка за штетите од неговиот придонес во фалсификувањето на автентичноста на нашата историја. Истиот тој кој учествуваше, а одвреме-навреме го прави тоа и денес, во фалсификувањето на неговата улогата, како и улогата на други луѓе во периодот пред и за време на распадот на бившата СФРЈ, кога тој лично стана истакнат член на Милошевиќевата „принципиелна коалиција“, против „непринципиелната коалиција“ на поразвиените републики од бившата СФРЈ. И, да не заборавиме, тој е дарителот на одлучувачкиот глас во тогашното Претседателство на СФРЈ за противуставното изведување и активирање на војската на ЈНА во Белград, против демонстрациите за соборување на наводниот бранител на бившата СФРЈ, Слободан Милошевиќ, организирани на 09.05.1991. година од шиканираната, тепаната, затвораната и убиваната демократската опозиција во Србија.

Би спомнал уште еден настан кој се случи во 1993 година. Кон крајот на летото, во Детроит, Америка, се одржа собир на т.н. Светски македонски конгрес за Канада и Америка. Имав покана и присуствував на тој настан. Во тоа време бев челен на Парламентот. На конгресот беше присутен и Тодор Петров, како претседател, а меѓу присутните беше и денес ново осознаениот Албанец, Б. Синадиновски. Дискусиите беа секакви: бевме и најстар народ на светот, бевме и чеда на Александар Македонски, Солун беше наш, се разбира. И името, јасно, не го дававме. Собирот беше следен и од претставник на Стејт Департментот на САД. Поминав час и половина во разговор со него. Го разуверував дека некои од прикаските што ги слуша не треба да ги зема сериозно, дека се под товар на носталгијата, дека некои од луѓето што ги изговараат немаат никакво влијание во македонската политика и најважно: на пошироката јавност тоа не ѝ значи ништо. Но, и покрај вербалните несоодветности на поединци, таму немаше ништо спектакуларно лошо: по некој застарен сон на поединци. Кога се вративме во Македонија, одеднаш чудо. Андов закажува седница на Парламентот, очигледно договорена со Глигоров и Црвенковски, на која Владата соопштува дека заседавала специјално во врска со тој настан и усвоила заклучоци кои на Парламентот му ги соопштија Владо Поповски и Љ. Фрчковски. Владо Поповски, во име на тогашната Влада, од историски аспект упати жестоки критики кон оние што на спомнатиот собир во Детроит говореле дека ние Македонците сме директни потомци на Александар Македонски. Говореше дека тие тези се погубни за нашата стабилност, дека ќе предизвикаат балканска војна и ќе го загрозат опстанокот на Република Македонија, дека тој собир ѝ нанел ненадоместлива штета на Македонија итн. Нѐ уверуваше дека de facto нашиот идентитет е пред сѐ словенски. Дебатата траеше два дена, можеби ќе траеше уште. Вториот ден се јавив за дискусија и реков приближно вака: „Ако сето тоа што го вели Владата е точно, предлагам да ни се одземе пратеничкиот имунитет нам, на пратениците кои бевме таму, и да се покрене кривична постапка против нас бидејќи, како што тврди Владата, сме ги издале националните интереси на Државата“. (Мене не ме спомнуваа директно, но во критиката бев вклучен со формулацијата „присутните пратеници“ на собирот. Ги прашав уште, дали со ова се враќа во сила и т.н. вербален деликт, познат од социјалистичкото кривично законодавство, а ги прашав и тоа до кога историјата ќе се пишува на седници на влада, во државни кабинети, партиско-политички органи и слично. По кратко време се чини дека им текна што прават. Седницата беше прекината, никогаш завршена.

Но, мојата поента не е во ова, туку во следното: само десетина дена по оваа жестока осуда на собирот во Детроит од страна на тогашната влада на Република Македонија, австралиската влада издаде соопштение (поводот, како и обично, бил некој конфликт на нашата со грчката дијаспора таму) во кое, нас, Македонците, нѐ нарече „Славо‒Македонци“. Секако не по првпат. Но, следуваше жестока писмена реакција од истата таа влада, со истите министри дека ние не сме Славо-Македонци. Се разбира, и јас сакам да нѐ нарекуваат Македонци, без каква и да е додавка. Но, жестоката реакција колку што демонстрираше дека имаме право да нѐ нарекуваат само така како што ние сакаме (но, не сме велесила да го издејствуваме тоа без взаемност во еден дијалошки процес), толку демонстрираше еден вид навреда од идентификацијата „Славо“. Ако 70 години нашата историографија тврдела дека тоа е наша доминантна идентификација, со јазикот во употреба како најголема потврда, како да се разберат таквите реакции од страна на нашите наследници и важните партнери за соработка во светот? Ако тоа не е „тоа“, има ли нешто друго? Ако нема друго, а тоа не е „тоа“, има ли дупка за која треба допрва да ја најдеме содржината со која треба да ја пополниме? Ако има некаква празнина, тоа е празнината и прашината во која се претворија оние кои повеќе од шест децении зборуваа и ја докажуваа словенската компонента а денес исплашено молчат пред еден полуобразован човек. Јас не мислам дека постои таква празнина која треба да се пополнува со нешто сосема ново. Наша доминантна колективна идентификација е словенската.

Тие молчат од запрепастувачкиот страв од некаква загуба за себе, а ти, Никола, подмолно вбризгуваш нешто што не е наше. Крадено од други. Неспособен да понудиш вистински вредности ‒ материјална егзистенција, човекови права, прифатлива еднаквост ‒ ти нудиш митологија, геном на еден одамна исчезнат народ. Глумиш, божем го збогатуваш нашиот идентитет, божем исполнуваш некои празнини и наводно исправаш некои историски неправди, а всушност туркаш проект за негирање на нашата доминантна идентификација. Но тоа сакаш да го потпикнеш, некако без да бидеш политички оштетен.

Ќе се разјасниме ли, конечно, меѓу себе, која идентитетска карактеристика мислиме дека преовладува во нашиот колективен ентитет за да престане јаловото губење време, енергија, ресурси, додека светот сѐ повеќе се оддалечува од нас? Како какви сакаме пред сѐ да нѐ препознаваат, како какви сакаме да се претставуваме, што да им кажуваме на другите за нашата културна автентичност? Ќе разбереме ли дека формирањето идентитет не е само еднострана определба, „чисто откритие“, туку и достигнување кое се потврдува во непрекинатиот дијалошки процес со оние на кои сме упатени во меѓусебната комуникација и од кои, исто така, зависи како ќе живееме, како ќе напредуваме, зашто правото на сопствен избор за себе го претпоставува и правото на сопствен избор и на „другиот“ важен за нас. (Патем речено, првиот, Фрчковски, и денес го брани тогашниот свој став ‒ друго е прашањето за начинот на отворена пресметка со тие што присуствувале таму, а некој од нив кажал нешто што не пие вода ‒ а вториот, В. Поповски, стана партнер со „откривачите“ на нашиот „нов“ идентитет; за жал, него, ако не сум направил некаков пропуст, не сум го слушнал така жестоко да се спротивстави на тоа што го прави неговиот нов идеен водач.)

Овие три настани се од периодот по падот на еднопартискиот систем во Македонија. Но тие, во тој период, беа повремени екскурзии на умот; кокетирања со митови од кои некои опскурни политички фигури и некои прославени матикаши сакаа да ѝ се наметнат на јавноста на која не можеа, слично како и ти, Никола, да ѝ понудат ништо друго, но желни се да се одржуваат на политичката површина, како лејки на вода.

Ако за молкот во тој период може да имаме некакво разбирање, за молкот по доаѓањето на Груевски, односно за неговата „идентитетска политика“ не можеме да имаме никакво разбирање, зашто таа политика тој ја преточи во државен проект за редефинирање не само на историјата и идентитетот на сопствениот народ, туку и на регионалната и светската историја и култура ‒ проект кој ни испорачува огромна сметка која не сме во состојба да ја платиме.

Срамно е што сите овдешни високо титулирани академици, историчари, професори по славистика и слично, се преправаат дека спијат. Недозволиво е ‒ чест на некои исклучоци ‒ што дозволија да бидат толку понижени. Зошто го дозволија ова распаѓање на сопствениот авторитетот и на легитимитетот на науката? Зошто замолчеа, зошто преќутно се откажаа од толку нагласуваното и аргументирано словенство и разликите во него, во полза на нешто друго, толку далечно не само од научната скрупулозност, туку и од здравиот разум? Конечно, зошто на индиректен начин се откажуваат и од својот идентитет во кој можеби најважно место има нивната научна идентитетска црта, во која го вложиле речиси целиот краток човечки живот? Се исплашија ли од лустраторот? Се исплашија ли да не ги загубат ситните синекури? Се исплашија ли за нивните внуци да не паднат во немилост на вождот? Како е можно да му паднат на колена на еден медиокритет? Та нели меѓу тие луѓе има од генерацијата која ја создаваше македонската држава, во едно вистински волнено време? Како е можно со тој молк и со такви скршени ’рбети да мислат дека ќе ги заштитат своите потомци? Зошто дозволуваат телевизиите да бидат преплавени со вистински имбецили од кои народот не може да слушне ништо точно и ништо воспитно и ништо од што би им се отворил некој видик, некој хоризонт? Зошто ги препуштаат тие места на бараби кои секој ден сапунот ни го продаваат како сирење, а тие одбиваат да се бават со „дневни“ прашања? Зошто одбиваат дебати на телевизии, одбиваат интервјуа за актуелни, животни прашања за државата, божем прашањата за идентитетот се „дневни“ тривијалии. Божем презадолжувањето на земјата е исто така „дневна“ дребулија. Божем разграбувањето на заедничкото богатство е смешна безначајност? Зошто не застанат на чело на колоната која ќе го натера овој нов сатрап на македонскиот народ нему да му потече од панталоните тоа што вели, кикотејќи се, дека му тече на Фијат Цаноски?

Треба ли да им ги бараме парите за погрешните лекции, ако биле погрешни? Ако не биле погрешни зошто не ги бранат? Треба ли да им бараме дел од трошоците за отстранување на штетите кои настанале за Македонија и заради нивното однесување, откако ќе се случи неминовниот пад на Груевски и режимот што го инсталираше, зашто севкупната санација на нашето општество нема да чини малку.

Денес е 09. Мај. Ден на победата над фашизмот. Го средувам уште малку овој текст и размислувам, по кој знае кој пат, за значењето на НОБ, 1941‒1945. Македонскиот народ ѝ се приклучил на Антифашистичката коалиција и конечно се изборил за својата слобода и држава. Всушност, нема позначајна колективна вредносна идентификација за нас од партиципацијата во борбата против фашизмот, најголемото зло на 20. век. Го читам и краткото интервју на умниот, темелниот, секогаш поучниот генерал, Тодор Атанасовски (со кого разговара секогаш проникливата Катерина Блажевска), кој нѐ потсетува дека Сојузот на борците нема седиште; нема средства да плати котизација за членство во светската организација на ветерани од Втората светска војна и дека таа членарина е „огромни“ 1000 евра. А ти, Никола, рехабилитираш учесници на страната на фашистите, правиш панорамско тркало од 20 милиони евра и купуваш парцели на Водно вредни повеќе милиони евра. Им градиш споменици и музеи на оние што застанале на страната на фашизмот, а на оние против тоа зло одамна им се скастрени, те главите, те труповите. Всушност, Никола, никој не треба да нѐ потсетува за ништо во врска со твојот однос кон НОБ, кон мртвите за таа кауза и кон преживеаните учесници. Сликите за тоа како присилно ги иселуваше од работните простории ни се пред очи. Сликата за тебе, како се влечкаш како да те носат пред некој ешалон за стрелање, кога некогаш од немајкаде одиш на некој настан поврзан со НОБ, постојано ни ја обновуваш.

Во твоите говори, зборовите за таа херојска епопеја ‒ Народно ослободителната војна, како да ти се извлечени со клешти. Ги чуваш за Ќосето и неговата остра кама. Така ти, всушност, ја комплетираш идентитетската битка на нашиот народ: (1) му ја бришеш словенската културолошка идентификација и му ја впишуваш античката; (2) му ја бришеш антифашистичката вредносна идентификација, оверена со над дваесет илјади животи и му ја впишуваш фашистичката ‒ вредносната идентификација на нивните убијци. Оди си!

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото