Психоаналитички пресек на идеологијата на груевизмот

12.05.2015 11:43
Психоаналитички пресек на идеологијата на груевизмот

Во овие мигови кога протестите против криминалната власт на ДПМНЕ стануваат сè поинтензивни и кога власта се обидува да предизвика меѓуетнички конфликт во државата, потребно е детално да се потсетиме на идеолошките основи на груевизмот како метод на владеење и да им приложиме психоаналитички осврт.

Основната работа која станува јасна при слушање на записите од аудио-бомбите е дека Република Македонија се наоѓа во рацете на мала група луѓе кои ги третираат државата и нејзините граѓани како лични играчки. Прашањето кое се наметнува е: на кој начин оваа групировка успевала и сеуште успева да владее со поголемиот дел од народот? Сеприсутниот рекет, закани, уцени и клиентелизам не се доволни да се одржи режимот. Мора да постои нешто друго кое на криминалната групировка ѝ обезбедува супстанца за симболички легитимитет.

...

Во суптропските мочуришни области на сојузната држава Јужна Каролина во САД живее можеби најмистериозното и најбизарно растение во светот. Станува збор за месојадното растение наречено „венерина муволовка“. Лисјата на муволовката имаат облик на отворена уста со запци по рабовите, а внатрешноста на устата содржи густ ароматичен нектар кој е неодолив за нејзините жртви. Кога мува, пајак, или некој друг инсект ќе влезе во муволовката и почнува да јаде од нектарот, устата на растението нагло се затвора. Откако ја приклештува жртвата во својата прегратка, венерината муволовка почнува да лачи киселини кои го разјадуваат пленот и го претвораат во храна што му дава животна енергија на ова растение. Вистинскиот причинител на смртта кај жртвите на муволовката не се нејзините запци или киселината што таа ја лачи. Она што е кобно за жртвата, заведувајќи ја кон прегратката на смртта, е нејзиниот сладок нектар.

Актуелната власт во Македонија, исто како муволовката, веќе десетина години лачи густ нектар кој за многумина Македонци е неодоливо сладок... но на крај сепак кобен. Тоа е нектарот на груевистичкиот национализам.

...

Идеологијата на груевистичкиот национализам би можела да се претстави како „барокен“ храм со три стиропорни коринтски столба.

Првиот столб на овој храм, т.е. првото ниво на идеолошко дејствување е преобразбата на националниот идентитет на македонскиот народ по пат на конструкција на нови историски сеќавања. За да воспостави нов имагинарен поредок на нацијата, т.е. да ја креира новата национална митологија, владата го иницира масовниот проект за национална преродба, познат меѓу народот како процес на „антиквизација“.

Антиквизацијата се темели на неколку постулати, т.е. откровенија, наменети за оформување на новиот светоглед на обичниот Македонец. Така на пример, едно од најинтересните откровенија на митолозите на антиквизацијата е дека белата раса потекнува од Македонија, и нејзиното вистинско име е македоноидна раса. Друга интересна доктрина од новата идентитетска политика на владеачката партијата е дека Македонците не припаѓаат на словенската група народи, туку се директни наследници на древните Македонци – што автоматски подразбира дека немало преселба на Словени од зад Карпатите кон Балканот, туку обратно, од Балканот кон степите на Украина и Русија. Единствен проблем кој го наметнува логичкиов аксиом е прашањето за карактерот и судбината на древно-македонскиот јазик. Но таа „мала ситница“ е разрешена благодарение на истражувањата на Томе Бошевски и Аристотел Тентов кои „докажуваат“ дека древно-македонскиот јазик е всушност основата на сите словенски јазици и дека бил најсличен со битолскиот дијалект на современиот македонски јазик.

Ваквиот наратив, шизофрен по природа, успеа нашата наука да ја направи предмет за потсмев на меѓународната академска јавност, а македонството да го претвори во карикатурна верзија на елинизмот.

Јасно е дека создавањето национални митови не е нешто ново и специфично само за Македонија. Во основата на секој етникум и особено секоја нација се наоѓаат мноштво митови од кои најважниот е митот за постоење имагинарен Златен век на заедницата. Претпоставка е дека во овој фантазмагоричен период, исто така наречен и „исконска состојба“, нацијата живеела среќно и просперитетно – сè додека исконската состојба не била прекината и уништена од некој друг, кој ја лишил нацијата од нејзиното право да ужива во целосна наслада на сопственото либидо (она што францускиот психоаналитичар и филозоф Жак Лакан го нарекува jouissance, или ужиток).

Според тоа, функцијата на националниот мит е да биде мотивациона сила зад стремежот на идните поколенија да ја надминат оваа симболичка кастрација и да ѝ го повратат на нацијата изгубениот ужиток. Постоењето на митот за фантазмагоричниот Златен век ја буди солидарноста и го зацврстува идентитетот на заедницата. Но во случајот со антиквизацијата работите се поинакви. Вистинската цел на антиквизацијата не е зацрврстување на идентитетот и солидарноста на Македонците, туку целта е создавање нов вид Македонци - послушни партиски војници на ДПМНЕ. Овој феномен е убаво опишан од страна на Фрчкоски како процес на производство на „свој народ“ од страна на владеачката партија.

Сепак, не можеме да не забележиме уште една друга, посуптилна тенденција зад антиквизаторското лудило. Опседнатоста со креирање нова помпезна национална историја, како и претворањето на македонството од етничка припадност во доблест, може да се објасни само како симптом на комплекс на ниска вредност присутна кај авторите на антиквизацијата. Комплексот на ниска вредност е тенденција на несвесниот ум која кај субјектот предизвикува чувство на незадоволство со себе си – а во нашиот случај и незадоволство со сопствената историја и идентитет. Субјектот со комплекс на ниска вредност често реагира на тој начин што се обидува да го прикрие и потисне ова чувство. Но кога ваквите емоционални тенденции постојано се потиснуваат тие прераснуваат во невроза и водат до патолошко однесување – како на пример проектот „Скопје 2014“.

Друг начин на којшто субјектот се справува со чувството на ниска вредност е развивање на дефанзивен механизам во формата на комплекс на супериорност. Комплексот на супериорност, пак, на субјектот му дава можност да го прикрие своето чувство на инфериорност со тоа што предизвикува другите да се да чувствуваат ништожно и омаловажено. Добар пример за ваквото поведение се аудио-бомбите со телефонските разговори на луѓе од високите ешалони на власта, каде јасно се забележува како тие се чувствува силно и моќно додека уништуваат туѓи животни судбини.

Но да се вратиме на темата... Новата антиквизирана „реалност“ на Македонецот е нестабилна. Таа е нестабилна зашто не е втемелена во симболичкиот поредок на нештата. Единствен начин оваа реалност да опстои е во услови на изолација на Македонија од европските и светските цивилизациски текови – т.е. самоизолација од она што Лакан го нарекува големиот Друг.

Според Лакан, моментот кога субјектот се разделува од симболичкиот поредок (во нашиот случај големиот Друг на европската цивилизација), е моментот на почеток на психозата. Во психозата нема преплетување меѓу субјектот и Другиот, туку Другиот се восприема како некој надворешен натрапник кој се конфронтира со субјектот и сака да го заземе неговото место. На овој начин може да се објасни и односот на ДПМНЕ и неговите медиумски мегафони кон сето она што доаѓа од Европската Унија и западниот свет. За власта, на пример, непризнавањето од страна на западноевропската наука на историско-идеолошките конструкти на антиквизацијата се восприема како агресија врз македонскиот идентитет и завера за уништување на библиската земја Македонија. Одговорот на власта кон ваквата ситуација е типична реакција на психотичен субјект, имено, целосно игнорирање на европската академска јавност. На ист начин психотичниот субјект ДПМНЕ се однесува и кон спорот за името со Грција (кој за нив е заговор на од страна на Европа – историскиот непријател на Македонија), разликите во толкувањето на историјата со Бугарија, и други отворени прашања со нашите соседи.

Со ваквото отфрлање на (т.е. разделување од) симболичкиот поредок кој го регулира општењето меѓу европските нации, психотичниот субјект е приморан да создаде свој сопствен симболички поредок. Ова пак, од друга страна, води кон финалната фаза на психозата – градење една сеопфатна илузија. Илузија во која македонскиот народ е заглавен до гуша од страна на ДПМНЕ.

Вториот столб на режимската идеологија е одбрана од „внатрешните непријатели“.

Сосема е јасно дека формирањето на националниот идентитет вклучува зацртување симболички граници кои функционираат како одредници за тоа кои сме „ние“ а кои се „другите“ (во филозофијата на Жак Лакан терминот друг со мала буква е регистар за различност и припаѓа на имагинарниот поредок, различно од големиот Друг на симболичкиот поредок). Во услови на нормално опшење меѓу две етнички групи кои живеат едни до други (на пример Македонците и Албанците), ваквото истакнување на различноста (културна, јазична, социо-политичка и др.) во однос на другиот би требало да има само фигуративна функција во процесот на образување на „нашиот“ и „нивниот“ колективен идентитет.

Налагањето на другоста при формирањето идентитети не е својствено само за етникумот или нацијата, туку и за социјалните групи во рамките на дадена етничка или национална заедница. Чувството за заедништво во рамките на одредена општествена група исто така се развива преку чувството за различност во однос на другите општествени групи. Поставувањето симболички граници и потенцирањето на различноста игра апстрактна улога во процесот на идентификација на субјектот (на ниво на единка или на колективно ниво) и во нормални услови не смее да служи како основа за антагонизам спрема другиот.

Но кога станува збор за груевизмот не можеме да говориме за „нормалност“ (т.е. за урамнотежена невроза), затоа што субјектот на груевизмот е психотичен субјект. Дискурсот на психотичарот е дискурс на непремостливи спротивности кои не можат да бидат разрешени со ниеден компромис. Дилемата пред психотичарот е многу едноставна - јас или тие. Кај психотичниот субјект различноста на другиот се претвора во антагонизам. Таков е приодот на власта на ДПМНЕ кон другите од нејзиниот дискурс – македонските Албанци и етничките Македонци кои не се симпатизери на ДПМНЕ. Кон првите односот е пасивно-агресивен а кон вторите е отворено агресивен.

Односот на груевизмот кон неистомислениците Македонците, особено кон опозициски настроените, е однос кон непријателска сила која го загрозува единството на македонската етно-нација и го подрива нејзиниот идентитет. Но истовремено нивното присуство е пожелно, имено како едно оправдување за самото постоењето на режимот – одбрана од „домашни предавници“.

Односот на режимот кон македонските Албанци е малку поинтересен и поспецифичен зашто вклучува високо ниво на либидинозно инвестирање во меѓуетничкиот политичкиот дискурс. Без разлика дали директно или индиректно (преку медиумските мегафони на партијата), режимот на ДПМНЕ создава слика за македонскиот Албанец како фигура на ужитокот. Она што режимот го бара од нас е да негодуваме за начинот на којшто македонскиот Албанец (како другиот во груевизмот) успева да дојде до ужиток, а ние не можеме. Неговиот ужиток е причина за невозможноста на нашиот ужиток.

Оваа фигура за Албанецот е, се разбира, имагинарна, т.е. фантазмагорична. Таа не постои во нашата општествена реалност бидејќи Албанецот е исто толку сиромашен и онеправдан колку што е и Македонецот, и е исправен пред исти дилеми. Но сепак, оваа илузија за Албанецот како фигура на ужитокот постои, т.е. опстојува во несвесниот ум на Македонецот - благодарејќи на долгогодишната психолошка манипулација со меѓуетничките односи во државата. Еден пример за ова е практиката на сензационалистичкото медиумско известување за државни вработувања на етнички Албанци, додека за вработувањата на етнички Македонци често не се ни известува. Сепак, најважниот фактор во одржувањето на лебдечки анимозитет во односите помеѓу двата најголеми народи во Република Македонија е намерното амнестирање од страна на ДПМНЕ на злосторствата врз Македонци цивили извршени од УЧК за време на конфликтот од 2001. Елена Михајлова уште во 2011 предупреди на опасностите од одлуката на власта да ги амнестира четирите хашки случаи. Наместо вистинско помирување и свртување кон заедничка иднина, криминалната власт реши да ги помилува воените злосторниците. Понижувањето и разочарувањето од овој чин на владата Македонците го потиснаа во колективното несвесно, оставајќи го незадоволството да тлее. На тој начин власта успеа да држи голем дел од Македонците под постојана тревога и да го одржува во живот митот за Албанецот кој го краде нашиот ужиток. Иронијата е во тоа што и на Албанците од страна на нивните политички господари им се конструира и наметнува слика за Македонецот како фигура која го краде нивниот ужиток.

Овие „достигнувања“ на груевизмот би биле невозможни без подмолната улога на ДУИ во целата работа. Со цел да се одржи на власт, ДУИ го оцрни целиот албански народ во Македонија и го постави на столбот на срамот со тоа што стана соучесник во амнестијата на злосторници против човештвото.

Но овие злодела нема да останат неказнети. Една од првите и најважни задачи на градителите на четвртата македонска република треба да биде јавното и транспарентно правно процесуирање на сите неразрешени злодела од 2001, вклучително и четирите хашки случаи.

Третиот и можеби пресудниот елемент за опстојувањето на режимот на ДПМНЕ е во неговата умешност да развие зависност на граѓаните кон државата. Од аудио-бомбите на опозиција дознаваме на кој начин и до кој степен државата и нејзините институции се узурпирани и партизирани од страна на ДПМНЕ. Дознаваме дека во пренатрупаната администрацијата се вработувани исклучиво партиски војници. Пресуден услов за вработување не било знаењето, талентот и квалитетите на кандидатот - туку степенот на лојалност кон партијата.

Паралелно со ова тивко се одвивал и процесот на зауздување на капиталните текови и производствените ресурси во државата. Речиси не постои средна или голема компанија која не била рекетирана на еден или на друг начин. Оние претприемачи кои подлегнувале на притисокот се согласувале на соработка со режимот, вклучително и на вработување луѓе од членството на ДПМНЕ. Оние кои не подлегнувале биле економски уништувани од нивниот најголем конкурент – криминализираната партија-држава.

Ваквите економски политики на владата прават голем дел од народот – и оние вработени во државната администрација, и оние вработени во рекетираниот приватен сектор по ургенција од владата - да се чувствуваат ранливи и патолошки зависни од државата и од нејзиниот клиентелистички систем. Овој однос на партијата-држава кон своите вработени и клиенти води кон развивање симптоми на растројство на зависна личност. Овој вид душевно растројство се карактеризира со сеприсутната психолошка зависност на субјектот од друга единка или група за справување со своите емоционални и физички потреби. Субјектите со зависна личност имат ниско мислење за себе и се чувствуваат неспособни и беспомошни во пресрет на животните предизвици. Ваквите субјекти често демонстрираат покорност и сервилност придружена со страв од одвојување. Зависните личности се пасивни и неспособни да се справат со проблеми или дилеми без поддршката на други луѓе.

Голем дел од оние кои се политички неподобни за вработување, и ја немале „среќата“ да бидат вработени од партијата-држава, стануваат зависни од своите родители, или пак (вклучувајќи го тука и авторот на овој текст) решаваат среќата да си ја пробаат во странство, зад себе оставајќи спомени, другарства, роднини и татковина која гние под чизмата на една психопатска власт.


Пожедноста на мајката-партија

Последниве десетина години власта потроши милиони евра во обидот да му се наметне на македонскиот народ како патријархален авторитет кој го управува формирањето на новото народно супер-его и го поплочува патот на идентитетската преродба. Но иронијата е токму во тоа што и покрај сите напори да воспостави реакционерен патријархален поредок, авторитетот наметнат од страна на ДПМНЕ е радикално матријархален!

Тука доаѓаме до класичниот лакановски пресврт - наместо симболички авторитет на татко „сплотувач“ на македонскиот народ во органска нација, она во што ДПМНЕ се претвори е психотична мајка-партија со инцестуозни пориви кон своето дете.

Трите нивоа на идеолошко дејствување на груевизмот, набројани погоре, прават Македонецот да биде сè позаглавен во психотичниот и антиквизиран симболичен поредок на мајката-партија. Оваа сеопфатна илузија може да се одржи само во услови на самоизолација на народот. Главната фикс идеја наметната од ваквиот наратив е дека Македонците се библиски народ кому многу други народи му љубоморат и сакаат да го заземат неговото место. Кога на сето ова ќе се додаде стремењето на мајката-партија да го доведе народот до полна економска зависност од државата, тогаш станува јасно дека финалниот исход од ова лудило би бил целосна инфантилизација на македонското општество.

Ветувајќи му спас од внатрешните непријатели и од ужасите на на немирниот надворешниот свет, ДПМНЕ сè посилно и поагресивно го влече народот-дете кон својата инцестуозна прегратка – на ист начин како што венерината муволовка ја намамува нејзината жртва кон својата прегратка на смртта.

Воздигнувајќи го народот до нивото на сублимен објект, мајката-партија го турка своето дете во небитие – кон исчезнување како субјект во симболичката утроба на мајката-партија.


Епилог

Сепак нашата анализа завршува со оптимистички расплет: ДПМНЕ нема да успее во укинувањето на субјективноста на македонскиот народ. Ваквата десубјективизација, т.е. симболичка смрт на нацијата е веќе невозможна, имено затоа што во моментов Македонците масовно се будат од долгогодишен зимски сон. Тоа што сега ни се случува е емоционално, етичко и политичко прочистување на нашата колективна психа, и може да се дефинира само како „катарза“ на психодрамата наречена македонска транзиција.

Во своето дело „Поетика“ Аристотел ја опишува катарзата како прочистување на душата од нездрави и безвредни идеи и емоции по пат на набљудување на таквите идеи и емоции на театарска сцена. Во нашиот случај функцијата на театарска сцена ја имаат аудио-бомбите на опозицијата. Когнитивното процесирање на настаните и ситуациите содржани во бомбите прави да станеме делумно свесни за несвесното, што е пресудно за постигнување позитивна трансформација на психата на субјектот.

Овие процеси ни помогнаа да ја сфатиме монструозната суштината на груевизмот и нè окуражија да се соочиме со него. Во масовниот народен отпор против режимот, на кој станавме сведоци последниве неколку недели, се кали и се кристализира современиот идентитет на македонскиот народ. Отпорот против груевизмот е исто така втемелувачкиот настан кој обезбедува супстанца за формирање нов национален, т.е. државотворен мит, кој е продолжение но и надополнување на Илинденскиот и АСНОМскиот.

Лошата вест е што ДПМНЕ е сеуште на власт и повеќе од кога било порано е нурната во светот на сопствената психотична илузија. Свесна дека сублимниот објект на нејзината желба ѝ се лизга од прегработ и почнува да се бунтува против нејзиниот авторитет, мајката-партија стапува во фаза на полна параноја. Верувајќи дека од сите страни е опкружена со завери и непријатели, владата на ДПМНЕ е повлечена во ќош и е подготвена до смрт да се бори против губењето власт над државата.

И тука дилемата не е дали ДПМНЕ ќе си замине од власта, туку колку брзо ќе си замине.

Слики: Dave Cooper

Слични содржини

Психологија / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото