Советот на вазни не ја прифатил оставката на Иванов

13.05.2015 08:59
Советот на вазни не ја прифатил оставката на Иванов

Скопје, 13 мај 2015

По синоќешниот бран оставки на Сашо Мијлков, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, оставка дал и претседателот на РМ Ѓорге Иванов, но Советот на вазни не ја прифатил.

На таквата идеја се спротивставиле и фикусите членови во ВМРО-ДПМНЕ, а Здружението на обединети икебани се закани со масовни протести доколку претседателот не се премисли.

Поддршка испрати и делегација од Хунзите, а се огласи и Центарот за лечење депресија од Пакистан.

„Изјавите на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, иако ретки, многу им помагаат на нашите пациенти. Тој треба да биде свесен дека доколку поднесе оставка, ќе биде одговорен за влошување на состојбата на бројни пациенти кои инаку толку ги развеселуваше со своите јавни настапи“, порачаа вчера од Центарот во Палкистан.

Се обидовме да стапиме во контакт со Иванов, но од неговиот кабинет ни кажаа дека сме го побарале во погрешен момент, бидејќи ја практикува дневната доза од 24-часовно тихување, кое го прекинува само во посебни пригоди.

Неофицијално и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ја понудила својата оставка, но се премислила откако две барокни фасади почнале да се ронат од тага, а недограденото панорамско тркало најавило дека ќе ја откаже послушноста и нема да се врти под команда на друг министер.

Освен најавата за оставка на Иванов, голема вознемиреност меѓу членовите на ДПМНЕ внесе и сомнежот дали оставките се автентични, или пак креирани, сечени, лепени и монтирани.

Пара вести ексклузивно дознава дека оставката на Миле Јанакиески била испечатена на лист во А4 формат, залепена на семејната куќа во Прилеп, а премиерот Груевски ја здогледал кога се шетал и ја уважил.

Слика: Александар Ковачевски