Македонија: расплет или заплет?

14.05.2015 10:28
Македонија: расплет или заплет?

На една недела пред големиот – „сенароден“, што би рекло ВМРО – протест на граѓаните и граѓанките на Македонија закажан за идниот викенд во Скопје, предводен од здружената опозиција на Заев, слободен сум да ве известам дека планот на власта е едноставен: „Соберете се и викајте колку сакате, ние за една јота нема да се мрднеме од нашите кабинети и функции; а кога ќе се уморите од гаѓање со јајца, откако ќе ги изедете сендвичите и ќе се разотидете по дома, ќе го осудиме Заев на 20 години робија и ќе продолжиме да владееме со Македонија и во наредните десет години, како ништо да не било!“ Ах, да: „И идниот понеделник ќе се задолжиме со нови 50 милиони евра за да ја протуркаме и таа недела“.

Дури и ако додадете малку демонстрантски фолклор овде или онде во овој план (повеќе јајца, плус и некој домат, на пример), па и ако скандирањето биде јако, а кавгата меѓу слободните и провладините медиуми околу тоа дали биле присутни 35.000 или 65.000 луѓе продолжи и до средината на следната, постпротестна недела, сценариото на Груевски сѐ уште не изгледа лошо. Со таков развој на настаните неговата преговарачка позиција за решавање на длабоката криза во Македонија значително ќе се подобри, тој уште погласно ќе бара враќање на опозицијата во Собранието за таму политички да се расправаат до задутре сабајле, море и до следното прекутре ако треба, додека судењето на Заев непречено ќе си тече каде уште сега се знае дека пред независното судство ќе се докаже дека тој е предавник и слуга на непријателски странски служби, како што уверливо објави премиерот и пред да почне барањето докази за тоа. ДУИ малку ќе брмчи како некоја мува-зунзара над свежа лепешка, но послушно ќе си го поддржи Грујо, како што тоа и сега, пониженa и навреденa, уредно си го прави. Со ваков развој на настаните и „странците“ ќе се приклонат кон ваквото сценарио – не е баш фер или демократско, ама, ете, им побаравме оставки, не си ги дадоа; нема врска, нам образот ни е чист, одиме понатаму во стабилната и економски најуспешната држава во регионот и на целиот континент!

Тоа е планот на Груевски за 17 мај и потоа. Со оглед на, објективно, очајната позиција во која тој сега се наоѓа, мене неговиот план ми личи како добар план за спасување на сопствениот задник.

Кој е планот на Заев?

„ТЕЖИНА ПУТА УБРЗАЊЕ“

Кога Веља Илиќ, тогашниот градоначалник на Чачак, на 5 октомври 2000 година тргна на чело на долгата колона возила упатена на закажаните опозициски демонстрации во Белград за протестирање на изборниот фалсификат на Милошевиќ, газда Веља, мудро и видовито, во колоната смести и еден или два камионa со приколки-влекачи натоварени со тешки градежни машини, големи жолти булдожери. И кога забревтаната голема чачачка опозициска моторизирана експедиција, на многу километри од Белград, наиде на една полициска барикада составена од два на сред пат попречени тешки камиони, разговорот на Веља со надлежниот командир на кордонот полицајци беше краток и едноставен: „Вие ќе ги тргнете камиониве или ние да го правиме тоа?“... Набрзо потоа камионите завршија во ендек, а нешто подоцна еден од булдожерите од Чачак засекогаш ќе влезе во српската историја на рушењето на режимот на Милошевиќ со поглавјето насловено како „Багер револуција“.

(Мала, но многу поучна дигресија: таа машина, да бидеме до крај историски прецизни, не беше употребена тој ден за демонстрантските зафати пред Собранието во Белград – туку за изведување на „падот“ на Радио-телевизија Србија. Мислам, чисто колку за уточнување на фактите.)

Некои анализи на современите граѓански протести, па и на конфликти со потешки и пошироки размери, јасно упатуваат на заклучокот дека од тие кризни ситуации многу често како победници не излегуваат подобро вооружените или поадекватно опремените страни, туку оние што се повеќе решени, подетерминирани да победат во судирот.

Исто така, бројките се важни, а најчесто и пресудни во расплетот на кризата. Оти, кога, на пример, една власт е турната „до ѕидот“ со докази за криминали и злоупотреби од епски размери кои упатуваат на тоа дека затворот и конфискациите се единствената валидна опција што на главните луѓе од власта им се „смешка“ во деновите по нивната демисија, не треба да се доведува во прашање нивната голема решеност да победат во судирот со сопственото граѓанство со примена на секакви, дозволени и недозволени средства. Но, тогаш физиката ја заменува политиката: според формулата „тежина помножена со забрзување“, силината на политичкиот импакт ja одредува бројноста на оние што се подготвени да излезат и да протестираат, па дури и да се судрат со агресивната решеност на власта за опстанок на режимот.

Сакам да кажам дека стратегијата на Заев, претпоставувам, мора да започне со премисата дека три сообраќајни полициски патроли на клучните магистрални правци од внатрешноста кон Скопје не можат да ја сопрат демократската иднина на Македонија со примена на вонредни технички прегледи на протестниот превоз. Гордана-негордана, не е лошо власта однапред да се предупреди: или граѓанството што сака да дојде на протестот непречено ќе се транспортира до целта, или багерите работно ќе се истоварат уште пред да стигнат до Скопје. Тонот си е добро погоден: „Вие ќе ги тргнете камиониве или ние да го правиме тоа?“

ЖЕЛКИТЕ НА ВЛАСТА

Одамна не сум го видел разулавениот пропаганден Левијатан на Груевски толку возбуден како после веста дека на минатонеделните протести пред Владата еден од полицајците решил да го напушти кордонот и да се „придружи“ кон демонстрантите. Паниката што го зафати режимот после појавата на една толку мала „пукнатина“ во апаратот на силата беше со драматични пропорции. Тоа ми е мене сосема разбирливо: полицијата е последното прибежиште на Груевски за спасување на кожичката и верувам дека деновиве тие „човечиња“ и „будалетинки“ на Големиот лидер му се помили од мајка му, госпожа Нада!

Некои поупатени во проблематиката ме уверуваат дека односот на силите во нивните редови е, горе-долу, јасен. Околу 120-150 специјалци се врвно обучени за справување со улични демонстрации, насилства од пошироки размери, тероризам и други сериозни предизвици за јавниот ред и поредок – многу мал дел од нив се идеолошко и партиски лојални кон режимот и, во принцип, политиката „не ги интересира“. Потоа следуваат 500-600 припадници на некаква единица – да не нагаѓам, ама треба да е онаа „за брзо распоредување“ – во голем дел составена од насилниците на Јанкуловска кои, во желка-униформа или како цивили, се булдозите со дебели вратови за асистенција на сите полициски валканици низ државава – од оние за придружба на Протуѓер за освојување на изборите во Охрид, преку кафеанските рекетирања и меѓукриминалните пресметки за поделба на пленот пљачкосан низ државата, до убивање деца по плоштади. Додајте на тоа уште 100-200 воени специјалци (под услов тие и нивните офицери да прифатат да ги преоблекуваат во полициски униформи) и уште некоја илјадарка идими-дојдими партиски полицајци-аматери за чие вработување бил клучен „тефтерот на Јанкуловска“ од општинските вмро-а. Има неколку стотици преторијанци и од СГС, приватната агенција на Мијалков за „охрана“...

Вкупно 3.000-4.000 луѓе под оружје, под команда на Сашо Мијалков. Сила што не смее да се потцени. Но и сила што ќе мора да се врати во правните рамки на владеењето, го сакале тие тоа или не.

ЕСКАЛИРАН РАСПЛЕТ?

Зошто овој „попис“ на „долгите цевки“ (и пендреци!) на режимот?

Македонија не е демократска земја. Во неа демократскиот расплет ќе биде возможен и, секако, неопходен дури откако сегашниот режим ќе се откаже од контрола и употреба на полугите на државата за сите свои криминални политички и други цели. Како што се гледа, Груевски сѐ уште не ни помислува тоа да го направи на цивилизиран политички начин, иако неговите злоупотреби се јавно разобличени, неговиот апарат е демаскиран, неговата политика е делегитимирана. Но, ноктите на тие канџи се длабоко зариени во телото на македонската држава и народ, и само подготвеноста да се издржат големите предизвици што можат да ги смислат мафијашките умови на власта ќе резултираат со принуда Груевски да излезе од бункерот и да го објави ослободувањето на Македонија од неговиот јарем. Знам, знам, и овој мој речник е по малку ескалиран, но верувам дека насоката во која се движи разврската ќе оди по патот на предизвиканата ескалација.

„Бомбите“ убаво екнаа низ кабинетите, канцелариите и коридорите на власта, како и низ домовите на многу македонски граѓани. Луѓето открија многу непријатни вистини за тоа за каква стока биле сметани и, соодветно, третирани. Сега голем број од нив ќе излезат на улица за да покажат дека се поистрајни во своите барања за заминување на оваа власт, од нивната решеност за останување на власт. Исходот на таа равенка ќе го видиме на 17 мај и деновите потоа. Последната недела пред 17 мај во многу ќе определи дали одиме кон расплет или кон уште покомпликуван заплет на македонската тажна демократска приказна.

Извор: Слободен печат, 9.05.2015
Слики: xiaobaosg