Васил Мицковски - планината на журнализмот и интелектуализмот

14.05.2015 11:17
Васил Мицковски - планината на журнализмот и интелектуализмот

Почина Васил Мицковски, грандиозната фигура на македонскиот журнализам и интелектуализам. Високата планина во плитката долина на нашата памет, архипелагот во реткото море на добрината, чесноста и моралот.

Имав чест да бидам со него во „Нова Македонија“. Да го гледам како го уредува „Пулс“ и ги губи, а понекогаш и добива, страшните партии тетрис со Ѕвездан Георгиевски или јамб со одметнатиот Ѓеорги Барбаровски. Потоа замина во Македонската телевизија, кај што ги однесе потенцијалите на Бубка, но поради неквалитетниот стап што му го дадоа не стигна да ги скокне своите рекорди!

Најмногу ми е драг од подвигот наречен „Утрински весник“. Беше генерал во тој скок кон западните новинарски стандарди, во тој јуриш да ја освоиме римската „Република“ и да ја донесеме во Македонија. Неповторливо искуство.

И потоа „Глобус“, една исто така благородна идеја, проект за сите респекти, ниво на кое се обесија чипираните идиоти на лудиот прајминистер и на секретарот на генералното собрание - и го уништија. За своите станови на Менхетен и латифундиите на Водно!

И денеска ја слушам лажичката со која Васил го матеше кафето во заедничката канцеларија зад густиот дим од „Педесет и седмицата“ и слушам за Холандија во седумнаесеттиот век или за османлиската инвазија во Северна Африка, за европската ренесанса и барок... Не знам дали можете да замислите како е отспротива да имате еден енциклопедиски и ерудуциски џубокс кој работи без пари.

Ми солзат очите кога ќе се сетам на маичката „Беверли хилс“ за Ирина и за италијанските комбинезонки за Анета, што им ги донесе (на моите ќерки) во Софија на враќање од кај сестра си во Неапол. И цедето на „Ганс енд роузис“ од софиски ЦУМ.

Беше единствениот човек што не го возбудуваа материјалните нешта: парите, автомобилите, становите. И сведоштвото за себе, личната експонираност и амбициозност.

Пишуваше како да ја зграпчил целата вистина за темата. Уште пред да стане тема и пред да престане да биде тема. И потоа, односно пред тоа. Беше врвно задоволство да се чита и открива зошто се нештата такви какви што се и зошто не се такви какви што ни се прикажуваат. Каков е историскиот контекст, какви се паралелите, компарациите, какво е светското искуство кога ќе фати да го деформира една мала, затворена, уплашена, искомплексирана заедница каква што е македонската.

Неговите прекрасни синови и убавата и предобра сопруга имаат неповторлива гордост, искуство и радост. Ја имав привилегија да бидам со Васко; тоа е како за некој рокер да бил со Џон Ленон! И да работам со него. Македонија пропушти да ја забележи и валоризира неговата величина. Толку вообичаено за нас.

Збогум Васко! И чувај некое убаво место за мене!

Извор: Фејсбук профилот на авторот