ТОКИО+ - серија патописни фотографии на Зорица Петкоска и Симон Калајџиев

14.05.2015 16:33
ТОКИО+ - серија патописни фотографии на Зорица Петкоска и Симон Калајџиев

Серијата патеписни фотографии од Јапонија на Зорица Петкоска и Симон Калајџиев која пред некое време беше изложена во кафулето „Концепт37“ во Скопје, имаше за цел да ја приближи далечната источна култура до нашата публика. На фотографиите кои се со минимална обработка и постпродукција, прикажано е секојдневието на Токио - архитектурата, луѓето, просторот и движењето, совеменоста и традицијата.

Зорица и Симон својата инспирираност и фасцинација од јапонската култура ја канализираа доста продукивно по нивната посета на таа земја. Изложбата на фотографии ТОКИО+ беше само почеток на трилогијата настани, по која следуваше промоцијата на поетката збирка „Зборигами“ на Зорица Петкоска во издание на Матица, а нешто подоцна беа изложени сликите на платно на Симон Калајџиев под насловот ГРАДОПИС во Мала Станица.

Фотографот Дарко Петровски кој ја отвори изложбата ТОКИО+, истакна дека овааа серија фотографии ја има сугестивната моќ да ги побуди импресиите на авторот на фотографијата и кај гледачот. „Самата фотографија повикува на една ненаметлива естетска и метафизичка игра, антиципира едно заедничко доживување каде што гледачот откривајќи ја симболиката на фотографијата, стекнува сознание за светот кој нѐ опкружува. Конечно, претставувајќи ни ги местата што самите не можеме да ги видиме и доживееме и доловувајќи ни ја нивната посебност и неповторлива убавина – фотографијата ни помага да го увидиме светот како една целина, или според зборовите на Сузан Сонтаг - како универзална антологија на слики.“

Зорица Петкоска пак, околу својата инспирација и доживувањето на Токио изјавува:

„Уште пред да ја посетам Јапонија, таа за мене беше извор на испирација и мотивација. Токио те освојува без да се труди, чувството е тешко описливо, па сред тој вулкан на восхитеност, фотографијата ми беше најдобар медиум, оти бев останата без зборови. И јас и Симон фотографиравме со срцето во објективот, со љубов во леќата, без никаква намера за изложба на фотографии. Но, откако ги средивме и впечатоците и фотографиите, и откако истите поминаа низ многу луѓе, од кои многумина уметници и фотографи, идејата за изложба почна сама да ѕирка од зад екранот. Оваа идеја како мало маченце добронамерно ни пречеше во работата, бидејќи и двајцата веќе работевме на два големи креативни проекта, секој во својата професија – Симон на својата серија слики на платно насловена ГРАДОПИС, а јас на мојата збирка визуелна поезија во форма на јапонското писмо насловена ЗБОРИГАМИ. ТОКИО+ ги претрка и двете.