Градот Скопје склучи договор за стратешка соработка со најголемиот светски производител на моторни пили Stihl

14.05.2015 16:43
Градот Скопје склучи договор за стратешка соработка со најголемиот светски производител на моторни пили Stihl

Скопје, 14 мај 2015

Поради извонредно големата потреба од моторни пили, секири и останата тешка т.е. лесна градежна механизација за отстранување дрва и останато зеленило, градот Скопје со посредништво на Владата на Република Македонија (секретаријат за привлекување странски инвестиции), во текот на вчерашниот ден потпиша договор за стратешка соработка со германскиот гигант Stihl, познат по производство на моторни пили.

Целта на оваа соработка и потпишувањето на договорот е максимално искористување на можностите што технолошките достигувањата и иновациите на полето на моторните пили и сличната механизација ги нудат, а сѐ во функција на зголемување на ефикасноста на службите кои ги сечат дрвата низ градот Скопје, и со тоа секако го разубавуваат главниот град на Република Македонија.

Интензивната сеча на дрва од централното гратско подрачје што изминативе години се случува, често наидуваше на негодување од одредена група несовесни граѓани (паркобрани – соросоиди). Затоа, некои од акциите мораа да се случуваат во ноќните часови под силно полициско обезбедување. Со новите модерни, бесшумни пили и помагала, отстранувањето на дрвата ќе се прави многу поефикасно, многу побрзо, па нема да бидат можни реакции од несовесни граѓани, а со тоа и поставувањето на споменици во склоп на проектот Скопје 2014 ќе може поефикасно да се реализира.

Особено интересен за пошироката јавност ќе биде анексот од договорот кој предвидува одржување на натпреварувања во брзо и прецизно сечење дрва со моторна пила, под покровителство на Stihl. Овој спорт не е многу популарен во нашата држава, меѓутоа, огромното искуство што Stihl го има во организација на вакви натпревари ќе биде од голема помош. Планирано е првите натпревари да се одржуваат во градскиот парк, во кој, како што пошироката јавност добро знае, има голема количина на вишок дрва.

Иако јавноста со резерва гледа на воведувањето нови спортови и инфраструктура за истите, (имајќи ги предвид негативните искустгвата со градење на ски скокалници односно Формула 1 патека), сепак, заолжбата на самиот врв на градските власти односно Владата, уверуваат дека љубителите на овој спорт нема да останат со празни раце.

Редакцијата на Брејкинг ќе ги следи понатамошните случувања, особено во овој дел, и навремено ќе известува за сите новини.

Извор: www.brejking.net