Министерката за култура против Ајфеловата кула

03.03.2010 11:29
Eiffel-1878.jpg

Министерката за култура на Македонија во повеќе наврати зборувајќи за критиките на јавноста упатени кон „новите” визии за Скопје, ја раскажува приказната дека и Ајфеловата кула најпрво не била прифатена од јавноста, па потоа станала симбол на Париз.

Тоа е точно- Ајфеловата кула не била прифатена од јавноста, но многу е значајно да се каже зошто.

Гистав Ајфел (1832-1923) најпрво учел хемија, а подоцна му се посветил на градежништвото. Тој соработувал со различни градежни фирми, каде што се запознал со технологијата на градење и решил да ја унапреди со помош на нови откритија. Ајфел констатирал дека масивното лиено железо треба да се замени со конструкција од валано железо и челик, кои индустријата веќе ги произведувала. Истовремено, истражувајќи нови облици кои подобро би одговарале на статичките особини на тие материјали, тој ги открил металните решеткасти носачи.

Во тој период (XIX век) академизмот во архитектурата е многу моќен - не е заинтересиран за новите достигнувања во техниката, ги конзервира поимите, творечката мисла и ја задржува архитектурата во застарените форми на градежните занаети. Сето ова не им дава можност на креативните инженери и архитекти да ги применат новите материјали и железни конструкции во изградбата на монументални или општествени објекти. Примена на новите материјали и техники била возможна само кај инженерските и производствените хали и кај некои станбени објекти.

За да ја постигне поставената цел, унапредување на технологијата на градба, во 1867 Ајфел основал своја градежна компанија која призведувала метални елементи со голема прецизност, поради што почнале да пристигнуваат големи порачки и од надвор од Франција. Неговата фирма има подигнато голем број мостови, станични хали, кровни и слични конструкции, со воведување на низа технички новини. Најпознати објекти од тој вид се: мостот Дуро кај Порто (1878) и мостот Триер кај Гарабит (1884).

Ајфеловата кула е изградена за Светската изложба во Париз (1889), а по нејзиното завршување било планирано да се демонтира. Раѓањето на таков нов облик на градба, кој немал никаква сличност со ниеден дотогашен објект и претставувал еден нов простор оформен од железни прачки бил несфатлив и одбивен за поголемиот број граѓани, кои биле навикнати да ги гледаат еклектичните градби во нивниот град. За среќа околу 1910 година неколку уметници, Робер Делоне и Антоан Певзнер, застанале во одбрана на Ајфеловата кула, а со текот на времето и јавноста се навикнала на присуството на оваа 300 метарска градба, која денес претставува незаменлива доминанта во урбаната слика на Париз.

Оттука може да се заклучи дека контекстот во кој министерката за култура ја употребува приказната за Ајфеловата кула е комплетно погрешен. Случајот со Ајфеловата кула покажува дека на париската јавност како и на конзервативните академии за архитектура и уметност им било потребно време и едукација за да прифатат нешто ново, модерно и напредно да ја претставува нивната метропола. На сличен отпор од широката јавност и конзервативните академии, наидувале скоро сите напредни и револуционерни идеи во уметноста, за после извесно време да бидат широко прифатени и изучувани.

Вистинскиот контекст во кој може да се употреби приказната за Ајфеловата кула е на пример да се опише како оваа македонска влада, но и претходните влади, не можат да ги препознаат вистинските вредности… не можат да прифатат дека архитектурата како и секое дело во уметноста треба да го носи печатот на времето, технолошкиот развој и просторот во кое се создава… не можат да прифатат дека со употреба на нови материјали, технологии на градба и соодветен метод на проектирање, може да се реконструираат некои од објектите срушени во земјотресот, без при тоа да претставуваат бледи копии од минатото… не можат да прифатат дека објектот на МОБ е еден од најзначајните објекти на скопската модерна архитектура, па затоа планираат да го сокријат зад „ѕид” од безвредни јонски столбови…..

Во приказната за Ајфеловата кула, министерката за култура и нејзините поддржувачи треба да се препознаат себе си во групата која се противела на изградбата на кулата и која била за зачувување на застарените форми на градежните занаети.

06.02.2010

Извор: pab.blog.mk

Слични содржини

Активизам / Јавни Простори
Активизам / Јавни Простори / Свет
Активизам / Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото