Квентин Крисп: Сам против сите

15.05.2015 10:14
Сам против сите

Квентин Крисп е роден на 25 декември 1908 година во Сатон, Сари, под вистинско име Денис Прат. Израснал како сакано и разгалено дете, но на своите двајца браќа и сестрата гледал како на сопарници. Целата љубов од родителите ја сакал само за себе, па уште од мал се трудел да биде во центарот на вниманието. Често играл и рецитирал, а бидејќи се радувал на аплаузи, во публиката ги вброил и своите гувернанти. Меѓутоа, еднаш добил можност да глуми во театарската претстава „Сонот на летната ноќ“, која се одржувала во училиштето на неговиот постар брат. За улогата вила го облекле во фустанче од зелен тил и му ставиле венец од рози на главата. Но, тогашните локални весници објавиле скандалозна вест: лондонскиот глумец, кој им помагал на учениците во режијата, е уапсен по претставата под обвинение дека завел едно момче!

Кога тргнал во приватно основно училиште Крисп главно се дружел со девојчиња: му годело што биле внимателни и нежни и што ја разбираат неговата бујна фантазија. Од друга страна, му пречело што момчињата се тепале и не му дозволувале да биде „главен“ во друштвото. Заради нивното потсмевање и грубоста често плачел, но утеха наоѓал во игрите по училиштето. Кога се среќавал со другарките заедно претурале по ормарите и таваните од своите куќи, облекувајќи облека од своите мајки и баби, а потоа замислувале двор, кочии, балови... Меѓутоа, малиот Крисп секогаш сакал да биде принцеза, а не принц!

Судир со животот

По основното училиште добил стипендија за интернат и дотогаш веќе научил да не ја покажува јавно својата ранливост. По доаѓањето во новото опкружување, кое му личело на „комбинација од затвор и црква“, присуствувал на казнување на еден ученик, па се плашел да преземе некакви чекори на љубовен план. Но, не можел да се бори против чувствата. Бидејќи се заљубувал во своите професори, почнал вредно да учи, за да ги засени со знаење. Кога другарите го нарекувале бубалица или со некое погрдно име, веќе не плачел, напротив! Заземал впечатливо надмен став, кој од тогаш до крајот на животот му служел како „оружје и штит“.

По средното училиште се запишал на новинарство на универзитетот во Лондон, но не дипломирал. Вниманието му го окупирал реалниот живот: додека шетал по Пикадили и авенијата Шефтсбери, првпат видел трансвестити – мажи облечени како жени. Бидејќи открил дека се собираат во кафулето „Црна мачка“ во улицата Олд Комптон, им се придружил во пиењето кафе и разговорот. Дознал дека многумина од нив се занимаваат со „продажба на љубов“, бидејќи ниеден работодавец не сакал да ги вработи. Бидејќи и самиот се чувствувал презрен и отфрлен, почнал да ја дели нивната судбина. Но, по шест месеци одлучил да се издигне од дното, да се бори за своите права и на целиот свет да му каже: „Јас сум слика и прилика на хомосексуалците и не се срамам од тоа“.

Без оглед што знаел дека луѓето ќе го обележат како „изопачен“, во својата дваесет и трета година почнал да излегува на улица нашминкан, со коса бојадисана во црвено и капут наметнат како штит. Не сакал да предизвикува никого, туку своите женствени движења и гласот да ги дополни со изглед на убава, горда и префинета „жена орхидеја“. Меѓутоа, со оглед на однесувањето на околината, му изгледало како да ставил „воени бои“! Освен зборовите „Го виде ли ОНА?“ и навредливите дофрлања, доживеал минувачите да го маваат со камења, без никаква причина да му удрат шлаканица или крвнички да го изгазат по нозете. А токму тие години, кога земал ново име, најмногу копнеел за љубов, нежност и внимание.

Леб и чоколадо

По напуштените студии по новинарство мајка му го наговорила да се запише на дизајн на уметничката школа во Хај Вајкомб. Жалел што не може да стане балетан, но се помирил со фактот дека таа тема не смее да се споменува пред неговиот татко, кој ги плаќал трошоците. Во текот на 1931 година успеал трајно да премине во Лондон и да се осамостои. Во почетокот живеел со еден другар, а кога се вработил изнајмил посебен стан. Иако собата имала линолеум со боја на „месен нарезок“ во железен кревет, чувствувал неопислива радост што стекнал личен простор и слобода. По враќањето од работата технички цртач, пишувал песни, приказни и театарски текстови или одел на часови по цртање и илустрација на Политехничката академија. Се надевал дека ќе се прослави како писател, глумец и сликар, но сè тргнало наопаку...

Бидејќи останал без работа, преживувал од малата помош за невработени: се хранел слабо и нередовно, а еднаш дури и се онесвестил од глад. Не готвел, туку купувал леб, половина литар млеко и парче црно чоколадо, кое го јадел лежејќи в кревет. За среќа, една сопственичка на ресторан почнала пријателски да се однесува кон него: одвреме навреме го честела со куп храна, со објаснување дека ѝ се допаѓа затоа што има уметничка душа. Меѓутоа, Крисп на улица ги забележувал погледите полни омраза, пцости, навреди, потсмев... Се случувало непознати личности да го следат по улица во толкав број, што полицијата морала да ги растерува заради попречување на сообраќајот.

Кога се враќал дома навечер избирал заобиколни патишта, но насилниците повеќепати го стигнувале, потоа го фаќале, го фрлале на тротоар и го клоцале. Двапати се онесвестил од ќотек, но никој од минувачите не се доближил за да му помогне. Запамтил само еден таксист кој го пуштил во автомобилот и така го спасил од сигурен линч. Бидејќи во тоа време мајка му му нашла нова работа, со лице модро од ќотек, се јавил во печатницата. Работодавецот не го прашал како е, туку му упатил опомена заради искубаните веѓи и лакираните нокти, и на крај му врачил отказ. Тогаш одлучил да стане слободен уметник дизајнер, иако знаел дека помала мака ќе му биде смислувањето реклами и корици за книги, а поголема договарањето работи, и така се покажало. Забележувал дека некои жени се плашат од него, а тоа го поврзувал со текстовите од весниците, кои зборувале за потребата од „истребување на хомосексуалците“.

Тогашниот закон предвидувал седум години затвор за „недолично однесување“, а полицијата упаѓала на одредени забави, каде како престапници апсела мажи облежени во фустани со пердуви и украси. Меѓутоа, Крисп некако се провлекувал и издржувал во одлуката како „дама“ да води нормален социјален живот: одел во театар, кај пријателките, на море... Понекогаш посетувал и клубови за хомосексуалци, но забележал дека не бил пожелен гостин. Зошто? Дознал дека „браќата“ му забележуваат што го крши непишаното правило дека женската облека може да се облекува само во четири ѕида, а не на јавно место. Кога им рекол дека се неблагодарни, бидејќи во името на заедничката слобода поднесува жртва, му забраниле да доаѓа во клубовите.

Нашминканиот војник?

Воведувањето телефон во станот му донело вистинско олеснување: сега можел да договара работи, а никој да не го гледа како светско чудо. Правел корици за книги и реклами за издавачката куќа Бленфорд Прес, а напишал и една книга за уредување излози. Бидејќи дал оглас за часови по степување, обучувал една ученичка, иако и самиот посакувал учител. Инаку, телефонот често му ѕвонел и иако претпоставувал дека од другата страна ќе слушне простаклуци од непознати личности, се јавувал со зборовите: „Да, господе!“ Зборувал дека е подготвен за денот на страшниот суд и дека не се плаши, бидејќи ни на најлошиот непријател не би му посакал вечен живот.

Кога избила Втората светска војна, се надевал дека ќе го регрутираат, бидејќи се соочил со дотогаш најголем бран сиромаштија. Знаел дека во војска го чека обезбедена храна, а вака морал да позајмува пари од пријателите и да тоне во долгови. Но, кога со својата црвена коса, лакираните нокти и искубаните веѓи се појавил пред членовите на комисијата, предизвикал вчудоневидување! Бидејќи го забележал шепотењето, отворено рекол дека е хомосексуалец, а потоа добил потврда дека „страда од сексуална перверзија“, со што бил ослободен од воената обврска.

Бидејќи не наоѓал работа, безнадежната положба го натерала првпат во животот да помисли на самоубиство! Спасот стигнал неочекувано: лондонскиот сликар Клифорд Хол го повикал да му позира за три портрети, за паричен надомест. Наскоро почнал да работи во филмската индустрија, каде сликал титлови и шпици за документарни филмови и му помагал на сценографот. Меѓутоа, кога слушнал дека уметничките школи бараат модели за позирање, не сакал да ја пропушти можноста. Бидејќи се покажал како сигурен, редовно го викале на часовите цели шест години.

Додека работел како модел му се додворувале неколку девојки: една му пишувала песни, другата го повикувала заедно да сликаат, третата му ја бакнала раката. Што можел да им каже друго, освен вистината?

Кога запознал еден модел, дознал дека личностите слични нему се состануваат во кафуле на улицата Шарлот. Зближени заради воените прилики, едни до други седеле глумци, провалници, поети, проститутки, сметководители...

Кафулето од милост го нарекувале „Дупка“ и некогаш со денови не излегувале од него. Заради великодушноста на сопственикот добивале храна на вересија, а таму можеле да купат и разни нешта од црната берза. Крисп станал редовен гостин: кога ќе забележел некој што му се допаѓа, изведувал „целовечерен театарски настап“. Иако поголемиот дел од друштвото пиел, тој не користел алкохол, со објаснување дека е „опиен од сопственото постоење“. Забавата траела сè додека полицијата по некое време не го затворила ова кафуле.

На Крисп му изгледало дека луѓето во време на војната станале пољубезни: разговарале со него, му подарувале облека и обувки. На пример, една жена му дала црни чизми со копчиња и штикли, за кои мечтаел со години. Без оглед што едвај ги облекол и што на секој чекор трпел ужасни болки, не се жалел – обожувал мали стапала! За жал, наскоро на своја кожа почувствувал дека површната љубезност на сограѓаните трае само во текот на денот, кога ќе паднел мрак насилството продолжувало.

Најстариот тинејџер на светот

Во повоените години продолжил да работи разни дизајнерски работи, но не се откажувал од сонот да стане писател. Успеал да издаде книга со свои стихови, а Мервин Пик (кој ја нацртал „Алиса во земја на чудата“ од Керол) ги направил илустрациите. И познатиот фотограф Енгас Мекбин, кој бил фотограф на првиот албум на „Битлси“, го повикал да му позира. Добил десет прекрасни фотографии како подарок, кои Крисп ги чувал со гордост.

Кога заштедил малку пари, одлучил да не работи една година и да се посвети на пишувањето на романот. Меѓутоа, најпосле се покажало дека не може да најде издавач кој би сакал да му го откупи ракописот. Дури кога ја напишал духовитата и трогателна автобиографија „Разголениот државен службеник“ (1968) добил признание и прекар „Оскар Валд на дваесеттиот век“. И апсењето заради „поттикнување неморални дејства“ кое го доживеал, му ја давало сличноста со славниот писател. Наместо адвокат за одбрана, на судењето ги повикал пријателите кои посведочиле дека е различен од мнозинството, но чесен човек. Инаку, тој главно ги криел своите врски, сè додека не почнал да живее со својот драг кого го нарекувал „Трокрилен ормар“. Заради него дури почнал да работи и „ропски“ домашни работи, кои ги мразел најмногу, како готвењето и чистењето. Сепак, чувствувал дека тоа не е големата, вистинска љубов за која отсекогаш мечтаел, туку повеќе „спорт и рекреација“.

Од својата четириесетта година се бојадисувал за да биде русокос: сакал да изгледа помладо, но и што повеќе да личи на своите омилени глумици Грета Гарбо и Марлен Дитрих. Редовно одел во кино за подобро да го запамети нивниот говор, чекорењето и однесувањето, а потоа улогата „божествена жена“ ја одиграл во реалниот живот. „Одајата на заборавот“ ја посетувал најмалку еднаш неделно (некогаш и трипати дневно), со образложение дека и најлошиот филм е подобар од неговиот живот. Затоа што годините му донеле нови неволји: сега го оставале на мира на улица, но во четирите ѕидови трпел злоставување. Помладите „пријатели“ го малтретирале, му земале пари, му барале „позајмици“, го поткраднувале.

Иако се плашел од староста, се покажало дека таа му донела многу убави нешта. Откако Денис Мичел снимил документарен филм за него, екранизирана е и книгата „Разголениот државен службеник“, со Џон Харт во главна улога. Тогаш Крисп доживеал слава и добил можност своето шоу, кое завршувало со разговор со публиката, да го изведува ширум земјата. По гостувањето во Њујорк, во 1981 година одлучил да се пресели таму. По пет одини го посетил познатиот Стинг, кој врз основа на неговата животна приказна ја напишал песната „Englishman in New York“, а потоа му понудил да учествува во спотот. Публиката можела да ја слушне пораката: „Биди она што си, без оглед што велат другите“. Освен тоа, „Англичанецот во Њујорк“ се обидел и како глумец во неколку филмови, на пример во „Орландо“, снимен според романот на Вирџинија Вулф, каде ја глумел Елизабета Прва.

Во подоцнежните години Крисп забележувал колку се променило времето од неговата младост: сега персоналот од кафулуњата ги исфрлува поединците кои му се потсмеваат, модата стана „унисекс“ – иста за жени и мажи. На улица гледал млади кои носеле долга или бојадисана коса, облека со светли бои, накит... Меѓутоа, во нивно друштво се чувствувал како „древна рушевина“ и „најстар тинејџер на светот“. Умрел на 21 ноември 1999 година во Манчестер, Англија, со мислите дека „злобната судбина“ му го претворила животот во бегство „преку бришаниот простор под тешка стрелба“. А, ако не го доживеел задоцнетиот успех, како опомена за светот би останале последните зборови од неговата автобиографија:

„Се тетеравам кон гробот збунет, повреден и гладен...“

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

Слични содржини

Квир / Живот

ОкоБоли главаВицФото