„Пуч“ предизвика користење на нова невидена пропаганда во новинарството

16.05.2015 09:35
„Пуч“ предизвика користење на нова невидена пропаганда во новинарството

Како се разгорува скандалот за прислушувањето, така се заострува пропагандното манипулирање со јавноста. Особено зашто пропагандата станува сѐ поважна како бојното поле на македонската политика почна да се проширува и на улиците со протестите. Јасна е потребата за уште поголемо спинување на настаните, откако низ македонските градови почна да се излева насобраниот гнев на јавноста поради постапките на власта и потребата, покрај опозицијата и критичката јавност, да се оцрнат и оние граѓани кои протестираат.

„СТАРИТЕ„ И „НОВИТЕ“ АНАЛИТИЧАРИ

Интересно е да се разгледа генезата на употребата на „експертите“ и на „аналитичарите“. Станува збор за категории на личности чиј кредибилитет и експертиза се генерално тешки да се оценат и проценат и заради широкото значење на двата горни зборови и заради фактот што никогаш не се кажува на што се однесува експертизата, ниту, пак, аналитиката кои овие телевизиски фаци наводно ја вршат. Тоа им овозможува да зборуваат за сѐ и сешто, криејќи се зад овие два збора и глумејќи легитимитет.

Ако пред аферата со прислушувањето се соочувавме со неколкумина пропагандисти кои беа влечкани пред ТВ-екраните, па дури и разнесувани со автомобили од една до друга телевизија, со почетокот на скандалот се виде дека тоа не е доволно. Настрана фактот што веќе употребуваните „аналитичари“ и „експерти“ оддаваа чувство на потрошеност и на искористеност поради нивното постојано присуство на ТВ-екраните, поради што на јавноста ѝ се смачи да ги гледа, како и поради нивната конфронтативна природа и навредлива реторика. Во таква ситуација беше полезно да се донесе нова „експертско-аналитичарска“ крв, која ќе ја освежи пропагандата и која ќе покаже дека мислењата на претходните експерти не се изолирани, туку дека се пошироки. Таквото „експертско-аналитичко“ легло се создаде преку емисијата на Миленко Неделковски, каде, со оглед на вкусот на водителот, беа собрани најгласните и најекстремните гласноговорници на власта, кои ја продолжија мисијата на нивните помалубројни претходници. Но, на пропагандата ѝ беше потребно нешто уште поголемо. Затоа се создаде Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), кое како такво може да собира пропагандни ударни тупаници од целата држава преку своите трибини и од сите професии какви што се актери, драматурзи, професори, новинари и слично, луѓе кои се подготвени да ѝ послужат на власта во вакви вонредни ситуации кога ширењето пропаганда е повеќе од потребно.

Со зголемувањето на бројот на пропагандистите, има и појава на „специјализација“ во пропагандата, каде што имате „класични“ добро информирани пропагандисти кои ги „анализираат“ внатрешните актуелни настани во поширок контекст, туркајќи ја водата на владината воденица и прераскажувајќи ги говорите на премиерот Груевски и на неговите најблиски соработници, има пропагандисти чија задача е директен напад „на човек“ (ad hominem) на лицата кои владината врхушка ги определила за отстрел конкретниот ден, најмногу поради нешто што изјавиле во јавноста минатите ден-два претходно и чии изјави власта ги смета за опасни, па наредила нивна дискредитација, или, во потешки случаи, карактерен атентат со спомнување на нивните најблиски и тоа особено ако и тие се или некогаш биле јавни личности. Потоа, има пропагандисти кои се задолжени за третман на надворешно-политичките прашања, каде главно место заземаат нападите врз ЕУ и врз НАТО, при што овие напади почнаа уште пред Западот да почне отворено да го искажува незадоволството од актуелниот режим, што е и за очекување зашто на власта од поодамна ѝ е јасно дека демократскиот свет ќе ѝ стане непријател кога-тогаш. Недостига посилна пропагандистичка порака од областа на економијата, но тука по потреба се вклучуваат самите Груевски и Ставревски, не верувајќи дека кој било друг може подобро од нив да ја замајува јавноста со макроекономските измислици кои самите тие ги имаат создадено.

СПРЕМНО ЕГЗЕКУТИРАНИТЕ НАПАДИ ОД ЕДЕН ЦЕНТАР

Следен момент на засилување на пропагандата по скандалот со прислушувањето е употребата на максимата „повторувањето е мајка на учењето“ и „илјада пати кажана лага станува вистина“. До аферата со прислушувањето ова се практикуваше со еден-два написи дневно, произлезени од партискиот центар за пропаганда на владејачката партија, кои по наредба се препечатуваа низ сите провладини портали, вечерта се читаа на вечерните ТВ-вести, а утредента во видоизменета форма се објавуваа во дневните весници (зашто времето тоа го дозволува и зашто весниците се продаваат за пари и мора да понудат нешто поинакво од бесплатните портали). Во редакциите на провладините портали, некој од шефовите едноставно ќе излезеше од својата канцеларија или ќе се појавеше во редакцијата по телефонски разговор, кажувајќи им на присутните кој текст од кој портал да го преземат и објават. Провладините портали се борат кој ќе биде прв што ќе го добие пропагандниот текст од партијата и со тоа кој ќе биде оној кого сите други ќе мора да гo цитираат. Ова е и единствената точка на конкуренција (прилично нездрава) меѓу провладините медиуми. Судирот е меѓу етаблираните телевизиски и весникарски куќи од една страна, кои сметаат дека се вистинските новинари и затоа треба да имаат најголем пристап и први да ги добиваат пропагандните материјали од власта и од новите медиуми, порталите, кои, пак, се поблиску до власта и во кои таа има поголема доверба зашто преку даночните раеви тие се сопственост на функционери или блиски луѓе на владејачката партија.

Некои редакции, разбирајќи го овој тренд на препечатување и на реобјавување на истите пропагандни текстови за тие да бидат што подолг временски период на првите страници на агрегаторите на вести и што погоре на фејсбук-страниците, решија да отворат по два, па и три портали само за овие пропагандни вести да можат непречено и што повеќе да се шират низ интернет-просторот и да ги поклопат вистинските вести и критиките на опозициските портали кон власта. Ова предизвикуваше и ситуации како кога сериозна вест од областа на финансиите и на макроекономијата ќе се најдеше на веб-страница од провладина провениенција, но која има забавен концепт и која, главно, ја следи музичката сцена. Но, концепциското несовпаѓање никогаш не било пречка за ширење на провладината пропаганда, без оглед колку тоа изгледа потсмешливо.

БЕСКОНЕЧНО „ВЕРГЛАЊЕ“ НА ГОВОРИТЕ НА ПРЕМИЕРОТ

Ваквиот начин на функционирање се покажа недоволен по објавувањето на скандалот со прислушувањето, па беа смислени нови пропагандни средства за ширење на владините пораки до јавноста. Продукцијата на пропагандни текстови се засили, па дури и по цена тие да се повторуваат, а за купиштата измислици во нив и да не говориме. Најголем дел од пропагандата и од измислиците се однесуваат, се разбира, на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кому почна да му се измислува сѐ и сешто – од тоа дека прави тајни зделки со исламски фундаменталисти, па до тоа дека во неговата партија има раздор и дека уште малку треба за тој да биде сменет. По почнувањето на скандалот со прислушувањето, засилија и брифинзите на власта со претставниците на провладините медиуми заради потребата од засилена координација за ширење на пропагандата, при што високи уредници на провладините медиуми секое утро пристигнуваат во зградата на Владата по инструкции.

Покрај засиленото креирање и објавување пропагандни измислици, власта смисли уште неколку начини да ја рашири и засили својата порака. Најпрвин, еден од најомилените начини на ширење пропаганда е „сецкање“ на говорите на Груевски, при што од нив се објавуваат редица вести и тоа рафално, што е можно побрзо откако ќе бидат искажани. Со ваквиот начин на „известување“ се добиваат стотици вести на агрегаторите и на ѕидовите на корисниците на „Фејсбук“ во текот на целиот ден, а канонадата не запира дури ни идниот ден, при што завршува со т.н. „анализи“ на говорот на премиерот, кои, всушност, служат само за повторно да се реобјават неговите главни поенти.

ПРОПАГАНДА ПРЕКУ ВИДЕОКЛИПОВИ

Најнов начин на ширење на провладината пропаганда се видеоклиповите. Истражувањата покажуваат дека изминатите неколку години гледањето кратки видеоклипови на интернет забрзано расте и тоа од 30-50 отсто годишно. Овој факт се користи наголемо од страна на власта. Најпрвин, сѐ повеќе провладини портали имаат своја „видеопродукција“, која подразбира интервју со провладин „аналитичар“ или, пак, препрочитување на веќе објавените вести пред микрофон со кадри најдени на интернет. Причината за ова се парите – власта им дозволува на провладините портали да конкурираат за средства за „набавка на видеовести“, што, се разбира, нема никаква смисла, зашто на интернет има бесплатни видеовести колку сакаш. Причината за ваквите тендери, кои според последните измени на Законот за трговски друштва воопшто и не мора да ги има кога се во прашање порталите и весниците, туку парите можат да се доделат директно, е единствено да се изнајде легален начин да им се наполнат џебовите на газдите на овие портали за тие и понатаму непречено да можат да ја вршат својата пропагандана функција и да се спречи какво било предизвикување побуна или, не дај Боже, да се пројави желба некој од веќе купените портали во кои власта има многу вложено, да се обиде да ја смени уредувачката политика и да стане независен.

Следен начин на користење на видеозаписите во пропагандни цели е работата на посебни тимови, кои ги преземаат главните поенти од ТВ-дебатите одржани претходниот ден или претходната вечер на провладините телевизии и таквите видеоклипови се објавуваат на „Јутјуб“ или да се гледаат како такви директно на некои од популарните канали на оваа мрежа за дистрибуција на видеоклипови или за да можат што полесно и поефикасно да бидат преземени од провладините портали и објавени како вести со некаков кус вовед.

ПРОВЛАДИН НОВИНАРСКО-ПРОПАГАНДЕН АКТИВИЗАМ

Уште понов начин на ширење на провладината пропаганда е преку новинарски политички активизам од типот „и мене ми се случи истото“. Ако критичките новинари се жалат дека се малтретирани од полицијата, провладините веднаш измислуваат дека некој од СДСМ, исто така, ги нападнал за време на тамошните прес-конференции и вршел насилство врз нив. Ако на критички новинар му биде предаден погребен венец во неговиот дом, провладините новинари веднаш измислуваат дека некој симпатизер на опозицијата нападнал провладин новинар на некое паркиралиште, ако критичките новинари организираат бојкот или протест против власта и нејзиниот третман кон професијата, провладините новинари се обидуваат истото тоа да го направат во просториите на опозицијата. Ако критичките новинари се жалат дека биле жртви на говор на омраза (говорот на омраза е насилство), провладините новинари, исто така, измислуваат говор на омраза кај своите критички колеги.

Проблемот е што сето тоа изгледа комично. Провладините новинари дури сега се чувствуваат како жртви откако критичките новинари со години се прогонувани и судски и приватно од актуелниот режим и дури сега велат дека се жртви на некакви напади, иако такво нешто никогаш порано и никогаш пред активирањето на „бомбите“ на опозицијата не се случило. Сатирата или цинични и провокативни твитови на критички новинар се прогласуваат за говор на омраза, иако е очигледно дека тоа не се. Но, суштината и не е битна. Битно е да се има нешто што може да се објави и нешто што наликува на она што се тврди дека претставува. Ако едното со другото нема врска. Потоа сите овие квазинастани се шират низ македонскиот интернет со меѓусебно преземање и на цели текстови и на фотографии.

Се разбира, во сето ова „преземање“ на материјали никому не му е грижа за авторските права, односно за правата врз содржините на оној што ги создал. Ниту, пак, меѓу провладините медиуми што меѓу себе си преземаат содржини има каков било договор како тоа би се вршело. На пропагандистите воопшто не им е грижа како да го заштитат она што е нивно, она што самите го сработиле зашто живеачката си ја заработуваат на касата на нивниот заеднички главен уредник.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Странски служби

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото