Лебедовото езеро на македонскиот расколнички ум

16.05.2015 11:16
Лебедовото езеро на македонскиот расколнички ум

Не случајно ги одбрав датумите на мојот престој изминативе две недели во Македонија. Сакав да се апстрахирам од неподносливата атмосфера на самопреценување, поделби и сеопшта милитаризација што владееше во Русија во предвечерјето на одбележувањето на 70-годишнината од победата над нацистичка Германија. Духот на војната одамна владее со оваа земја.

Наместо да здивнам во убавините на родната грутка, сета таа параноја на удирање во гради, на поделба на наши и ваши, на закрвеност и омраза, за жал, ја најдов и дома.

Најстрашното што во моментов ѝ се случува на мојата земја е тоа дека турбо-фолк културата се префрли во сферата на политичкото. Помина младешкото време кога се делевме на „народњаци“ и „алтернативци“, на „турбофолкери“ и „рокери“.

Сега, драги мои читатели, сме на многу потешки дроги. Поделени сме на оние кои се приклониле кон Русија и оние кои се за Америка. Многу опасно време нè снашло. Темно доба на квази-идеологии и на квази-демократија што дури го засенува и ловот на вештерки од 1949, во соц-реалистички речник наречен Информбиро. Ваквата поделба, доколку се искристализира до коска, е пад во бездната, неповратна точка.

Дали да се приклониме кон Исток или да се свртиме кон Запад? Деновиве, читам и гледам по телевизиите и социјалните мрежи и осознавам дека народот се наоѓа во состојба на раздор и своевиден идентитетски курцшлус, буквално истекува и крвари. Некогашни пријателства се растураат. Брат брата замерува и замразува. И овде ми доаѓа еден цитат од скопската филмска урбана трагикомедија „Самоуништување“:

На овој народ фрлено е проклетство
Брат брата предава,
син татка убива, мајка детe продава
Сами се клеветат. Сами се предаваат. Сами се убиваат.

Америка сакала да го сопре рускиот гас што ако проструел, ќе протечеле мед и млеко во Македонија. Исток или Запад? Антички или словенски Македонци? Америка/ЕУ или Русија? Прашања кои откриваат едно толку релативистичко и упростено гледање на комплексноста на на историјата и на современиот свет. Што е Запад, а што Исток, каде се границите? Поделбиве може да је втурнат земјата во непремостлив политички и националистички јаз. Најсвежи примери за тоа се идеолошките етнички крвави конфликти во Укрина и Сирија кои однесоа десетици илјади жртви.

Се разбира, најголемата вина за овие состојби е во оваа претерано самодоволна и нарцисоидна власт. Владата на ДПМНЕ, и после нејзината мини-реконструкција, сè уште предводена од Никола Груевски, треба да ја сноси одговорноста за расколот што го снајде македонското општество. Оваа власт го започна фашистичкиот проект „антиквизација“, и по цена од половина и кусур милијарди евра, го измени ликот на Скопје до непрепознавање.

Од еден строг модернистички стил со прекрасни футуристички и бруталистички градби кој требаше да го негуваме и надградуваме по урнекот на такви светски признати архитеконско-планирани градови како Бразилија или Астана, центарот на Скопје стана еден пачворк од архитектонски стилови, преполн со кич скулптури и гипс-картонски фасади. Потемкиново село низ кое, засега зауздени, спремни се да галопираат четирите јавачи на апокалипсата.

Власта не запре таму. Сите оние кои се против проектот Скопје 2014 и кои се генерално негова опозиција, првин ги нарече „соросиоди“, потоа, со објавувањето на аудио бомбите на опозицијата дознавме дека сите тие всушност биле нарекувани, „комуњари“, за конечно, откако се открија картите, сите да нè поделат на патриоти и предавници. На дегенерици кои треба да се сотрат и на правоверни, на петта колона која треба да биде шутната во ендек и на партиски подобни.

Сличен е рецептот и во низа други земји каде владеат конзервативни влади, од Турција до Србија, Унгарија и Словачка. Ова безумие можеби постоеше и порано, но не во толку изразена форма. Со разгорувањето на кризата во Украина и со подемот на лажниот конзервативизам на Москва низ цела Европа, путинизмот, чија главна одлика е промовирање на некаква квази-идеологија наречена „менаџирана демократија“, потпомогнат од една воено-пропагандна машинерија за индустриско производство на дезинформации и полувистини (аматерски копирана од локалните режими), е молскавично прифатен од широките народни маси. Многуми политички лидери од регионот денес во Путин гледаат свој идол.

Очигледно е дека Москва настојува конфликтот со западниот свет поради нејзините акции во Украина да го префрли од економско (откако овој одговори со трговска блокада и санкции) на идеолошко поле. Бидејќи трговската војна со Запад е изгубена, Јужен тек е затворен, се замрзнуваат сите други руски енергетски проекти во Европа, а економската криза во Русија сè уште трае.

Не е тајна дека Кремљ финансира еден спектар од ултра-десни, националистички и фашистички партии и групи, почнувајќи од неформални клубови како бајкерите од „Ноќни волци“, па сè до етаблирани партии како Народниот фронт на Ле Пен, кој во моментов е во подем во Европа. Руските петродолари не ги запоставуваат ниту европските радикални леви групации и партии. Сите тие во своите агенди и програми имаат зацртано намалување на моќта на европската бирократија во Брисел и Стразбур, или целосна демонтажа на проектот Европска Унија. Не е за потценување ниту тајното финансирање на локални портали и медиуми кои објавуваат и емитуваат пофалби за моќта на Русија, и здодевни текстови за Путин како патријарх на некаква нова Евроазиска унија која во иднина треба да ја замени ЕУ.

Ова е позадината на инсистирањето на Москва да се донесе рускиот гас во Македонија преку таканаречениот Турски тек.

Да се разбереме, Кремљ не дава ништо за џабе. И овој потенцијален гасовод, како и посточекиот, сега поминува преку Украина и треба да биде бајпасиран до 2019, и има за цел да влијае врз сите влади во регионот каде ќе поминува неговата траса, да играат според правилата на Москва. Таа Балканот го гледа како плодна почва поради културата на вкоренета корупција. Конечно, целта на овие енергетски проекти е поткопување на европската прагматична регулатива, непоимлива за коруптивната руска олигархија и номенклатура заглибена во едни византиски односи на моќ и уредување на економија. А со тоа и ништење на ЕУ во целина.

Каде е Македонија во овој контекст? Гледам и се чудам како многумина таканаречени аналитичари и портали од петни жили се обидуваат овој геополитички конфликт на Русија со Западот да го проектираат врз Македонија. Доследно (нели де, Македонија библиска земја, копчата на светот, како што нè учеа ДПМНЕ-овци) безбедносните предизвици и вооружени напади северно од Скопје ги ставаат во ист кош со наводното доаѓање на рускиот гас. Крајно здодевно и игнорантски! Уште од крајот на април се знае дека гасоводот Турски тек, преку кој треба да стигне тој гас, е пропаднат проект поради следните причини:

-Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше крајно навреден од Путин откако овој во еден свој говор при одбележувањето на 100-годишнината од масакрот на Ерменците од страна на Турција го употреби зборот геноцид. Во Турција се смета за кривично дело ако немилиот настан од нивната историја се опишува како геноцид.

-Путин го наруши традиционалното турско гостопримиство и тој и неговиот повереник од Газпром, Алексеј Милер, сега се непожелни во Турција.

-На последниот самит на НАТО во Анталија, за да ја потврди стратешката улога на својата земја во воената алијанса, турскиот министер за надворешни работи во еден невообичаено критички тон го осуди руското вмешателство во Украина. Заедно со војната во Грузија во 2008 и отцепувањето на Јужна Осетија и Абхазија помогнати од Русија, како и анексијата на Крим.

-Анкара смета дека кримските Татари, кои имаат турско потекло и кои се малцинство на Крим, се загрозени и обесправени од новата руска власт на полуостровот.

Катастрофичните сцени од населбата „Диво насеље“ во Куманово укажуваат дека вооружен конфликт предизвикан од некои темни сили е возможен и треба здраво да се замислиме, а не донкохитовски да се бориме со ветерници.

Унишувањето на една цела населба и убиствата на осуммина млади припадници на македонските безбедносни сили (наклон до земја и длабока почит до загинатите бранители и нивните семејства) укажува на тоа дека оваа ситуација на втурнување на Македонија во хаос и граѓанска војна им одговара на тие адски кругови на тајни служби поврзани со исламисти со воено искуство од боиштата во Сирија, Чеченија или Донбас.

И толку. Нема овде вмешаност на Америка, и ако има, тоа е на ниво на приватни мултинационални корпораци. Официјален Вашингтон овде нема никаква улога, исто како што и официјална Москва не би тргнала да нè брани со оружје од терористи. Ако самите тоа не можеме да го направиме. А верувам дека можеме, со едно демократски избрано и талентирано лидерство.

Македонскиот народ, како и Албанците, Србите, Турците, Ромите и сите останати етнички групи кои живеат во Македонија, треба да се свесни дека ако Левијатанот сака да ѝ донесе зло на нашата држава, ќе им направи зло и на нивните комшии, роднини и пријатели. Затоа, треба сите, како сложни браќа, да застанеме на барикадите на една нова и слободна Македонија. Да побараме промени веднаш за скорешно подобро утре.

Сите, без разлика на партиската или етничката обоеност, треба да сме доволно зрели и да не подлегнеме на истите националистичко-шовинистички првокации на разноразни провокатори и хушкачи, а такви имаме доволно кај нас. Преку ТВ екраните и социјалните мрежи тие многу лесно може да ги поттикнат хаосот и безредијата од епохата на Милошевиќева Србија или од онаа на Украина на Јанукович.

За да не им дозволиме, искрена препорака до сите вас од мое лично руско искуство: во деновите пред и по 17 мај бојкотирајте ги националните владини телевизии. Не гледајте Лебедово езеро на МТВ, балетот што беше емитуван од советската телевизија со денови во август 1991 и кој стана симбол на пропаста на комунистичката империја.

Слики: Алесандро Рабати