Наместо протест

16.05.2015 14:10
Наместо протест

Бев многу мала кога сериозно се изгубив. Не се сеќавам колку мала. Стипе и Драгица ми купија чевлички. Црвене, лаковане ципелице. Да ги гледаш, да не симнеш поглед од нив. Си чекорев, ги гледав и се восхитував како се огледува сонцето во нив. Така, со главата удолу заблената во чевличките, сфатив дека тато и мама ги нема наоколу. Во тоа време не постоеја педофили и лоши чичковци, туку волкови, двоглави змии и вештици. Доволна причина да се расплачам на цел глас. Еден чичко милицаец ме однесе во станица, кажаа на разглас дека е изгубено девојче кај Макошпед, ми ги избришаа мрсулите, ми дадоа чоколадо и после ме собра татко ми и сè заврши среќно и весело.

И тоа не е поентата на прикаскава. Кога си одевме накај дома подзастанавме под сенките на оние дрва, кои денес ги нема спроти (тогаш единствената) железничка станица. Стипе ми објасни дека веќе не сум мала, дека не смеам да се губам и дека уште помалку смеам да плачам. Дека морам да чекорам гледајќи напред, а не во земја. Дека мора да имам ориентири, како на пример железничката станица пред нас, дрвцата со кои почнува улицата Маршал Тито, која пак води до плоштад, дека ние живееме над Внатрешни (не питај што е Внатрешни)... Толку пораснав под тие дрва, што мислам дека чевличките ми се смалија во моментот. Што би рекле Европејците, битен мајлстоун у животов.

Поентата на прикаскава. Ориент значи Исток. Човек кој го изгубил својот Исток е дезориентиран. Изгубен. Мене, пред некој ден, ми чепнаа во ориентацијата. Ми исекоа дел од детството. Повторно се чувствувам изгубено во сопствениот град.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Ерик Фишер

Слични содржини

Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори
Јавни простори / Став / Екологија
Никола Гелевски
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото